Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна Алтернатива

t

Колумната е кратка приказна за селските и примитивни трикови на политичката авангарда на власт во Македонија. Добро, приказна е и за нејзините модерни и урбани политички партии.

Претпоставувам, погодувате. Кратко, многу кратко(само морално и психолошки) ќе ги дефинирам Али Ахмети, како ненадминат стратег во политиката, Зоран Заев, доскорешен политички Рамбо, а сега веќе само Струмичка Барбика и Алтернатива на Албанците, политичка партија, која продавајќи морал стана неморална и непринципиелна – сите актери во психополитичкиот парк “Северна Република Македонија“.

Зошто го правам ова?

Најискрено, чувствувам морална потреба да го искажам својот револт и неспокој. А најмногу својата резигнација, за неспорниот факт дека Македонија, мојата држава, државата во која живеам, е втурната во трагикомична и гротескна ситуација.

Напред посочените заедно ја потврдија девизата: Тежок е првиот преседан, потоа се е техника. Ете, токму преку овој принцип, девиза или метод, забеганите политички елити од власта, и една митарена елита од опозицијата, деновиве ја покажаа и одиграа сета своја неразумна, неумна и непринципиелна политичка улога во македонската демократија.

Каква е таа ситуација, какви се луѓето кои се нејзини актери?

Најпрвин добивме премиер во оставка. Тој, наместо брзо и неодложно да ја реализира оставката, повеќе од еден месец игра мајтап со сите нас, со демократијата и со Македонија. Така премиерот не заминува, не дозволува друг привремено да ја обавува неговата функција, и бара, бара и упорно бара ново мнозинство(??? – па ако нема мнозинство како може и понатаму да се однесува дека е власт???), бидејќи во Собранието има само 59 пратеници, плус еден киднапиран Европеец. Одозгора на тога, и преговара за нова влада, за нови министри, нивни заменици и директори на државни институции. А Уставот, во кој е запишано, кога премиерот дава оставка, целата влада е во оставка, кој го шиша. Епа затоа што во нашата држава никој и ништо не шиша, ни се случува човек кој си заминува, да ни ја решава иднината и судбината во неа. И така, во негов препознатлив стил, ги нуди министерските, заменичките и директорските места, како да му се дедовина и негова прчија.

Ваквото негово однесување е резултат на еден тензичен телефонски разговор со Стратегот(Али Ахмети – кој е вториот, а всушност првиот актер), после што го снема во јавноста, а кога по десетина дена се појави, ни соопшти дека во органите на неговата СДСМ внимателно се разгледувала и анализирала неговата оставка. Човек не знае дали сето ова е стварност или привид на стварноста. Секако, тука е и третиот актер, толку очекуваната и посакувана Алтернатива, на-врат-на-нос измитарена од партија “трагач по ново мнозинство“ во “партија ново владино мнозинство“, т.е. партија-владетелка.

Повторно одлучувачки беше еден тензичен телефонски разговор(се сеќавате како и во 2017-тата), ескапизмот на фалшпилерот(премиерот блефер и измамник) и еден пратеник во илегала или грабнат(значи двојно бегство од јавноста) и митарењето на Алтернативците, кои од “непоколебливи“ иницијатори за ново мнозинство(на опозицијата) и рушење на владата, се трансформираа во градители на новото владино мнозинство, кое беше замрзнато на котата 59+1. Еклатантен пример кога еден Стратег, еден премиер во оставка – фалсшпилер, еден пратеник-побегуља и една за-власт-митарена партија, по секоја цена, брутално и бескруполозно ја втурнуваат македонската демократија во канџите на племенскиот трибализам и во оковите на партијата и коалицијата, најконкретно во политичкиот картел кој по никоја цена не ја испушта власта од свои раце.
Така ти е кога Стратегот ќе обави тензичен телефонски разговор и Политичкиот Рамбо ќе го стори Струмичка Барбика, а Алтернативата ќе го изгуби компасот, поради добивање(море и барање) на понуда која не се одбива.

Ете, наместо во политиката и демократијата во Македонија да надвладее духот на Волтер и Кант, ни се случува политички и морален лупинг(од “салто морале“ до “салто мортале“) и стануваме Див Исток со кого владеат десперадоси од типот и ликот на Били Д Кид, Вајат Ерп и Каламити Џејн. Чинам повеќе од јасно е: Со Ван Дам политичка техника, премиер од Рамбо вампири во Барбика, пратеник преку ескапизам(бекство) станува непоправлив принципиелен Европеец со вредносен систем на високо ниво, а Алтернатива митари во партиски Фауст(човечка жед за власт во сојуз со политичкиот пекол и изневерување на моралните принципи). Сите до еден “демократи од 24 карати“, кои создадоа нов тип демократија – ескапистичка, чија основна карактеристика е склоност кон барање засолниште од реалноста во фантазирање и илузии. Попластично кажано, политички проститутки во обид да направат здружение на часни сестри.

Епилог – сите се по латински Фаустос(среќен) – и Стратегот, и Барбика и Алтернатива. А нивните души? Знаат ли каде им се? Молам без Ѓаволски заврзлами за крај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ковачевски: Алтернативата на членството во ЕУ нема,…

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека…

Велика Британија бара алтернатива за Visa и…

Британската влада го повика банкарскиот сектор да…

„Европски сојуз за промени“ е името на…

„Европски сојуз за промени“ е името на…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

На денешен ден Заев и Димитров беа…

На денешен ден пред 6 години тогашниот…