Јотова ја слави победата на претседателските избори во Бугарија, Ѓуров ги призна резултатите: „Време е за обединување, а не за поделби“
Илијана Јотова по изборната победа им се заблагодари на поддржувачите и најави сериозна анализа на изборните резултати. Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров порача дека изборната трка завршува, но одговорноста кон граѓаните продолжува.
Илијана Јотова е победничка на претседателските избори во Бугарија, а нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров ги прифати изборните резултати и повика на обединување на општеството по кампањата, која, според него, била исполнета со поделби.
Во првото обраќање по победата, Јотова им се заблагодари на сите граѓани кои излегоа на гласање, како и на оние кои ја поддржаа нејзината претседателска кандидатура. Таа најави дека ќе биде направена сериозна анализа на изборните резултати и дека ќе бидат одговорени прашањата и очекувањата на граѓаните, вклучително и на оние кои не гласале.
Посебна благодарност упати до формацијата „Прогресивна Бугарија“, Бугарската социјалистичка партија, НДСВ, како и до сите гласачи од други политички партии кои ја поддржале нејзината кандидатура во вториот круг.
„Господине Радев, без вас немаше да успееме“, порача Јотова, заблагодарувајќи се за поддршката и мобилизацијата во завршницата на кампањата.
Таа истакна дека во текот на изборната трка не упатувале напади кон противкандидатот ниту го користеле говорот на омраза, додавајќи дека, според неа, од другата страна не добиле ист третман.
Јотова посочи дека во кампањата разговарале со граѓаните за доходите и мирот и оцени дека нивната порака била разбрана од гласачите. Истовремено, изрази несогласување со начинот на кој била водена кампањата против неа и нејзиниот кандидатски тим.
Ѓуров: Резултатите се прифаќаат, потребно е обединување
Од друга страна, Андреј Ѓуров порача дека ги прифаќаат изборните резултати, и покрај разликите што, како што рече, се појавиле меѓу излезните анкети и паралелното пребројување.
„Ги прифаќаме резултатите такви какви што ги видовме, колку и да се изненадувачки разликите меѓу излезните анкети и паралелното пребројување. Така гласале бугарските граѓани“, изјави Ѓуров.
Тој им се обрати на граѓаните кои верувале дека Бугарија може да добие нов политички пат, признавајќи дека резултатот може да донесе разочарување кај нив. Сепак, порача дека нивниот ангажман не бил залуден и дека платформата создадена за време на кампањата може да послужи како основа за идно дејствување.
Ѓуров оцени дека на Бугарија ѝ претстојат тешки времиња и дека по завршувањето на изборната кампања приоритет треба да биде надминувањето на поделбите.
„Кампањата беше доволно разделувачка, но мислам дека за секого од нас има многу повеќе работи што нè обединуваат отколку оние што нè разделуваат“, порача тој.
Според Ѓуров, потребно е обединување околу заедничките цели, а институциите треба да работат во интерес на бугарските граѓани, а не во сопствен интерес.
„Подготвени сме да покажеме дека кампањата завршува, но одговорноста – не. Треба да бараме одговорност од државата, затоа што таа треба да работи за бугарските граѓани, а не за себе“, истакна Ѓуров.
Тој призна дека по првиот круг не очекувале толкава разлика во резултатите и најави дека дополнително ќе ги анализираат изборните резултати.
Јотова и Ѓуров разговарале телефонски по изборите
По објавувањето на резултатите, Јотова откри дека Ѓуров телефонски ѝ се јавил за да ѝ ја честита победата.
Според неа, тој ѝ посакал да биде достоинствен претседател кој ќе успее да воспостави дијалог со сите политички чинители, и покрај разликите и конфронтациите во текот на кампањата.
Јотова, од своја страна, порача дека има триесетгодишна политичка кариера и дека нема да дозволи некој да ѝ диктира како да ја извршува функцијата.
Од изборниот штаб на Ѓуров, Георги Кандев им се заблагодари на сите што гласале и ги повика граѓаните да продолжат да следат дали ветувањата дадени во текот на кампањата ќе бидат исполнети.
И покрај изборниот пораз, Ѓуров порача дека борбата за промените во Бугарија не завршува со овие избори, туку дека граѓанските очекувања и одговорноста на институциите остануваат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јотова ја слави победата на претседателските избори…
Илијана Јотова по изборната победа им се…
Илијана Јотова и Кирил Волчев водат на…
Кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил Волчев…
Излезноста во Бугарија до 14 часот е…
Излезноста на претседателските избори во Бугарија до…
Ѓуров: Гласав за сигурна, стабилна и европска…
„Гласав за сигурна, стабилна и европска Бугарија.…
Бугарија гласа во вториот круг од претседателските…
Избирачките места во Бугарија се отворени од…