Љупчо Пецов – Ѓаволот признал вина и добил две години условна казна

t

Љупчо Пецов, познат како „Ѓаволот“, е правосилно осуден на две години затвор, но казната нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Пресудата е донесена откако Пецов признал вина на 24 август 2026 година, а бидејќи ниту една од странките не поднела жалба, таа станала правосилна на 21 септември.

Покрај условната затворска казна, на Пецов му е изречена и парична казна од 8.000 евра. Со пресудата му е изречена и забрана за вршење дејност како основач или управител на правно лице, како и забрана да управува, раководи или располага со имот на правно лице во период од 10 години.

Пресудата ја потврдија од Кривичниот суд, од каде информираа дека документот во моментов е во фаза на анонимизација и наскоро ќе биде јавно достапен.

Во истиот предмет, на правното лице ДУТУД „А.К.А.П.“ ДООЕЛ, кое е во стечај, му е изречена парична казна од еден милион денари. На фирмата ѝ се изречени и забрани за добивање дозвола, лиценца и концесија утврдени со посебен закон, забрана за учество во постапка за јавен повик и забрана за основање нови правни лица. Сите забрани се во траење од пет години.

Од Кривичниот суд посочуваат дека при определувањето на казната било водено сметка за процесна избалансираност со останатите обвинети во овој кривично-правен случај. И тие, според Судот, ја признале вината, ја надоместиле паричната штета и во раздвоените постапки добиле алтернативни мерки.

Пецов беше опфатен во кривична постапка поврзана со случајот „Синџир“, а неговото име подоцна се појави и во постапката против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.

Стафа, според обвинението, се товари дека побарал 100.000 евра, а примил 50.000 евра, со ветување дека ќе посредува за определување поблага мерка за Пецов, кој во тој период бил во бегство. Стафа неодамна призна вина и доби затворска казна од една година и три месеци.

Во одвоена постапка се гони и судијата Ѓоко Ристов. Обвинителството претходно соопшти дека во истрагата биле пронајдени 350.000 евра воѕидани во кујната во домот на неговите родители во Неготино.

Во меѓувреме, во врска со поширокиот случај „Синџир“, на 22 септември на граничниот премин „Свети Наум“ беше лишен од слобода и битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, кој се барал со централна потерница распишана по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Палевски на распит во обвинителството

Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит…