Ќе бидат ли македонските туристи поштедени од долгите колони на грчка граница поради ЕЕС?
Дали грчките власти ќе ги ослободат македонските туристи од примената на новиот систем на Европската Унија за регистрација на влез и излез (EES), со цел да се избегне метежот на границите и да се зачува туристичката сезона, останува отворено прашање. Туристичко-угостителската комора на Македонија испрати допис до грчкото Министерство за туризам, во кој бара македонските туристи да бидат привремено изземени од примената на ЕЕС во периодот од 1 јуни до 30 септември. Барањето доаѓа откако грчките власти претходно донесоа слична одлука за британските туристи, што дополнително ги охрабри македонските туристички работници да побараат ист третман.
Од Комората посочуваат дека ваквиот предлог е во насока на олеснување на граничните процедури и спречување долго задржување, кое би можело негативно да влијае на туристичкиот промет кон Грција. Од туристичкиот сектор предупредуваат дека евентуалната примена на ЕЕС без олеснување може да доведе до значително зголемување на времето на чекање на граничните премини, особено во екот на летната сезона, кога е најголема фреквенцијата на патници.
– Стапивме во директен контакт со грчката министерка за туризам и официјално побаравме македонските туристи да бидат изземени од примената на новиот систем на Европската Унија за регистрација на влез и излез (EES) во периодот од 1 јуни до 30 септември. Паралелно, во постојана комуникација сме и со коморите на хотелиери од Халкидики, кои, исто така, изразуваат голема загриженост и бараат одложување на примената на овој систем. Според нив, доколку почне да се применува ЕЕС без никакво олеснување во екот на летната сезона, тоа може да предизвика долго задржување на граничните премини и директно да влијае врз туристичкиот промет. Во таков случај, како што предупредуваат, би можел да биде загрозен туризмот во цела Северна Грција. Очекуваме во наредните денови да добиеме позитивен одговор од надлежните грчки институции – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим.
Од туристичките агенции велат дека веќе се чувствува зголемена неизвесност кај граѓаните поради најавената примена на системот ЕЕС.
– Дел од клиентите прашуваат дали ќе има дополнително задржување на граница и дали ќе влијае тоа врз времето на патување, особено за викенд-аранжманите и кратките одмори. Доколку почне да се применува системот без соодветно олеснување, постои реален ризик од долги колони на граничните премини, што може да доведе до откажување на дел од аранжманите. Грција е, традиционално, најатрактивна дестинација за македонските туристи и секое усложнување на патувањето директно се одразува врз побарувачката. Затоа сметаме дека евентуалното изземање или одложување на примената на системот во текот на летната сезона би било во интерес и на туристите и на туристичкиот сектор во Грција – велат за весникот ВЕЧЕР од туристичките агенции.
Инаку, Грција привремено ги ослободи британските државјани од биометриската регистрација при влез во земјата, иако ЕЕС-системот на Европската Унија официјално е во целосна примена од 10 април 2026 година. Тоа практично значи дека за нив, барем засега, нема да важи процедурата што ја предвидува ЕЕС за повеќето државјани од земјите надвор од ЕУ, а која вклучува внесување лични податоци, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти.
Одлуката доаѓа во пресрет на летната туристичка сезона, во момент кога новиот систем за влез и излез веќе создаде долги редици и доцнење на повеќе европски гранични премини и аеродроми. Изземање од биометриската контрола на грчките граници се најавува и за српските туристи, во пресрет на летната сезона. Овие најави дополнително го засилуваат очекувањето и кај македонските туристички работници, дека би можело да биде применето слично решение и за македонските туристи, особено имајќи предвид дека регионот е меѓу клучните пазари за грчкиот туризам.
Доколку стапат во сила ваквите мерки, се очекува значително олеснување на граничните процедури и намалување на метежот во екот на летната сезона, што би имало позитивен ефект врз туристичкиот промет во целиот регион.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе бидат ли македонските туристи поштедени од…
Дали грчките власти ќе ги ослободат македонските…
Иран нападна грчки товарен брод во Ормутскиот…
Товарен брод поврзан со Грција беше нападнат…
Мицкоски: Во Европа нема втор пример како…
Имаме чувство дека процесот се билатерализира, а…
Започнува изготвувањето на Договорот за пристапување во…
Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија одлучија…
Каков е „успехот“ на Трамп: 34 ирански…
Најмалку 34 танкери поврзани со Техеран успеаја…