Објавено на:

Џабе затвораме, кога има судии кои ги слушаат наредбите од газдата, рече Мицкоски за одлуката на врховниот суд да ја укине пресудата за Ласкарци

t

Големо разочарување, и за мене, и за граѓаните, е одлуката на Врховниот суд, рече премиерот Христијан Мицкоски, за одлуката со која се укина пресудата за виновните во предметот за тешката трагедија кај Ласкарци со 16 загинати и 30 повредени и предметот го врати на повторно одлучување во Апелациониот суд Скопје.

Одлуката ја донесе Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија во состав на: претседателот на Судот Африм Фидани, известителот на предметот Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.

Мицкоски, на денешниот настан во Клиниката за неврологија, на новинарско прашање како ќе ја коментира судската одлука, рече дека тоа се рецидиви и остатоци од претходната влада на, на СДСМ и ДУИ и дека тоа е последниот ресурс за заштита на таа влада и на луѓето коишто беа дел од таа влада.

„Гледате така згрчевито се борат, ги амнестираат, така се случи со модуларната болница, така и сега со Ласкарци. Имаме десеттици жртви, имаме многу луѓе коишто имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак тие остануваат да бидат верни слуги на тие кои во минатото ги ги поставиле и тоа е уште едно разочарување, не само за мене, туку генерално и за и за граѓаните. ​За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители коишто се во нашиот правосуден систем. Но, добро е кога разговарам со моите колеги од Европската Унија, еве да ги гледаат овие примери и да видат кога зборуваме за правосудството со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме. Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода луѓе за коишто постои основано сомнение, односно правосилна судска пресуда и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа за нив ништо не значи бидејќи од тој којшто ги назначил, нивниот стопан и нивниот газда добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување. ​Но, тука не се откажуваме, нема да отстапиме, ќе продолжиме да се бориме. Правдата мора на крај да победи и ќе победи“, рече Мицкоски.

До правдата за оваа тешка сообраќајна несреќа која се случи во февруари 2019 година кога поради човечки фактор се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ и загинаа 16 патници, а 30 беа повредени, се дојде многу тешко. „Дурмо турс“ беше спонзор на тогашната владејачка ДУИ. Ужалените родители и роднини на загинатите, како и самите повредени, како да беа виктимизирани одново и одново, зашто судијката Дијана Груевска-Илиевска судењето го водеше многу бавно, а кога дојдоа на ред вештачењата, таа побара супервештачење кое дополнително го забави процесот.

Таа изрече ниски казни затвор, па затоа по жалба на обвинителот Дарко Јакимовски, на 8 мај 2025 година Скопска апелација им ги зголеми дупло казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.

Јане Боваровски остана со 5 години, а возачот Маноил Трифуновски со 14 години казна затвор.

Но сега сите излегуваат на слобода, зашто Врховниот суд вчера им ги поништи пресудите. Одлуката се уште не е објавена.

Според пресудата што сега ја поништи Врховниот суд, обвинетите Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, што предизвикало опасност за животот на патниците. Вработените во станицата за технички преглед: Ѓорѓиевски, Дуковски и Боваровски дозволиле неисправниот автобус да помине на технички преглед.

Возачот Маноил Трифуновски, свесен за неисправноста на возилото, го управувал автобусот со 55 патници и удрил во металната ограда поради невнимание. Тој се бранеше со молчење, а на судењето во прв степен, интенцијата на одбраната на сите обвинети беше целата вина да му се стави нему и никој друг да не биде виновен.

Сите осудени отидоа на отслужување на казните, само газдата на „Дурмо турс“ Белули и соработникот Мифтари одложуваа. Тие одеднаш оперираа кила на тестиси, па добија неколку одложувања на извршување на казните. На крај Мифтари избега од Македонија, а Белули отиде во Идризово на отслужување на казната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Џабе затвораме, кога има судии кои ги…

Големо разочарување, и за мене, и за…

Се зголемува монашкото братство во Бигорскиот манастир…

Биргоскиот манастир Свети Јован Крстител на својата…

Со метални предмети го нападнале на паркинг…

Вчера во 17:30 часот во ОВР Струга…

Русија оди кон најниско производство на нафта…

Русија се движи кон најниското годишно производство…

Шпаркасе тргнува по УНИ Банка – се…

Македонскиот банкарски сектор е пред една од…