Објавено на:

Аиртон Сена: Непобедливиот „дождовен човек“

t

Денес, 1 мај 2022г. се навршија 28 години од трагичната смрт на легендарниот бразилски возач на Формула 1 Аиртон Сена, за многумина најдобриот возач на Формула 1 на сите времиња. Годините поминуваат, но сеќавањата не бледнеат. За него кобен беше седмиот круг на патеката во Имола, кога со болидот удри во заштитниот ѕид со брзина поголема од 300 км. на час. Трагедија поради која и денес навираат солзи на очите. Целиот свет плачеше на тој 1-ви мај 1994-тата, бидејќи се случи најцрниот момент на светскиот спорт.
Честопати се случува некои великани да станат славни и почитувани дури после смртта, и многу години подоцна да се сфати колкава е загубата што предвреме го напуштиле овој свет. Тоа дефинитивно не е случај со Аиртон Сена. Легендарниот бразилски автомобилист уште за време на својот живот беше синоним за Формула 1, човек поради кого илјадници и милиони луѓе стануваа фанови на овој спорт и вљубеници во големите брзини на ‘’вжештениот асфалт’’ на патеките. Многупати сум се прашувал како се мери големината на еден натпреварувач во најбрзиот циркус. Дали преку победите, храброста на патеките, издржливоста и долговечноста, или пак брзината и остварениот најбрз круг за време на трките. Сена ги поседуваше сите овие одлики, перформанси и постигнувања.
Затоа нормално е да се постави прашањето кој беше Аиртон Сена?
Знам дека како младо момче, тој мечтаел да стане хемичар, гимнастичар или уметник. Хемичар не станал, но затоа пак ќе го паметиме како најголем алхемичар на брзините, страста за возење, натпреварувањата и победите. Гимнастичар сигурно не стана, но според тоа како неговиот болид ги совладуваше конкурентите, очигледно е дека концентрацијата и работењето на рацете, нозете и мозокот му беа на исто ниво како на најдобар гимнастичар во светот. Уметник? Да, Аиртон Сена беше уметник! Најголем уметник во автомобилизмот. Неговите победи и шампионски титули беа и сеуште се вистински уметнички дела. Роден е на 21 март 1960г. во сао паоло, Бразил. Извози 162 трки за “Толеман“, “Лотус“, “Мекларен“ и “Вилијамс“, и победи на 41. Имаше 80 подиума, 65 пол-позиции, 19 најбрзи кругови.
Човек со огромна харизма. Највпечатлива фигура во светот на автомобилизмот. Го обожаваа милиони љубители на автомобилизмот и Формула 1. Во Европа го почитуваа, на австралискиот континент уживаа во неговата виртуозност во возењето, а во родниот Бразил му се поклонуваа како на Бог. Го славеле како човек-надчовек и возач кој знаел да „танцува со болидот“ на патеките од трките за Формула 1. После 28 години од неговата кобна смрт со ист жар сеуште е обожаван и славен од голем број љубители на автомобилизмот и негови верни фанови. За нив беше и остана автомобилистички Бог. Објективните конкуренти го респектираа, а љубоморните му завидуваа. Идол на сите генерации засекогаш. Целиот свој живот му беше подреден на спортот. Поточно, целиот бил посветен и внесен на трките и брзините. Натпреварувањето на трките било дел од него, и во неговата крв. Негова религија.
Зачетник е на нов тренд на возачи. Тоа се возачи посветени на кариерата и тотално концентрирани на тоа што го прават. Знаел со механичарите да остане во гаражата доцна во ноќта, а понекогаш и до раните утрински часови, со цел болидот перферктно да го наштимаат. Така ја испишал најважната заповед, од Десетте заповеди за возачите. Натпреварувајќи се нанижа голем број фантастични победи. Највпечатливите ги направи во дождливи услови на патеката, кога едноставно со болидот дриблаше на асфалтот и ги минуваше Шумахер, Прост, Хил и другите конкуренти. Така и го доби прекорот ‘’дождливиот човек’’. А победите директно влијаеа на неговиот емотивен живот. Постојано му правеа друштво најубавите и најзгодните девојки на светот. Но, тој тихиот молчелив шампион, секогаш се концентрираше на следната трка и на нова победа.
Сена беше неверојатно интелигентен човек. Остроумноста која ја имаше во изобилство ја користеше до максимум. Начинот на кој возеше му користеше да се пронајде самиот себе. За него возењето беше метафора на животот. Преку брзината се потврдуваше и добиваше самоувереност. Како да истражуваше нешто ново, некој нов свет од кој црпеше мотивација. Верувал во Бога и се трудел да биде примерен верник. Човек со големо срце. Најголемо. Кога неговите колеги доживуваа несреќи на патеката тој запираше со болидот и прв помагаше. Така беше во Белгија со Ерик Кома, а исто така и со Алесандро Зинарди. И на двајцата прв им пријде и им помогна да излезат од уништените болиди кои гореа. Но, тој беше и хуман. Им помагаше на сиромашните, запоставените и незгрижените. Особена грижа водеше за децата без родители. Милиони долари донираше за детски сиропатилишта и болници.
Загинува во најцрниот викенд во историјата на Светското првенство во Формула 1, православниот Велигден на први мај 1994 година. Во петокот незгода и излетување од патеката имал Рубенс Баричело, саботата била кобна за Роланд Реценбегер, а неделата вистински Ден-Титаник! Во Имола, возејќи го седмиот круг во свиокот Тумбурело болидот на Вилијам Рено управуван од Сена удира во бетонскиот ѕид и згаснува животот на големиот шампион од 1988-та, 1990-та и 1991-та. Ужасот од Тамбурело, таа стравична слика и понатаму не бледнее. Престана да чука срцето на големиот вљубеник во брзините. Непобедливиот возач загина. Отиде во историјата. Стана легенда на автомобилизмот.
Денес го паметиме како симбол за фер натпреварувач, и го славиме како икона на Формула 1. Големиот вљубеник во автомобилизмот Алексанар Табаковски ќе запише: „По пауза од дванаесет години смртта одново се појави на своето прекувремено работно место. Вестите (за смрта на Сена) се ширеле побрзо отколку за Џ.Ф.Кенеди или Принцезата Дијана. Наспроти сите светски актуелности Си-Ен-Ен ги започнал вестите со јавувањето на репортерот од болницата Маџоре во Билоња, каде што луѓето со солзи во очите оставале цвеќе на оградата. Од секое ќоше на планетата пристигнувале снимки на насолзени очи и лица на кои доминира шокот. Човекот кого сите го знаеа како непобедлив, загинал поради дефект на системот за управување“. На улиците на Сан Паоло последна почит му оддадоа два милиони луѓе. Владата на Бразил прогласи национален ден на жалост, Собранието изгласа новите банкноти да го носат неговиот лик, а фудбалската репрезентација на Бразил му ја посвети четвртата титула светски првак во фудбал освоена на Мундијалот во САД 1994 година.
За мене Сена како бренд најдобро го преставија Тина Тарнер и Фанџо. Тина Тарнер му оддаде најголемо признание кога на концертот во Аделаида го повика на бината додека го изведуваше големиот хит „Едноставно најдобар“. Пеење на големиот мега хит, од страна на големата музичка дива, во чест на Најдобриот. Најголемиот комплимент за Сена дојде од Фанџо кој изјавил дека го сметал за подобар од него. Јас пак можам само можам да се согласам дека навистина поседуваше вродена вселенска брзина. Олицетворение на вистински спартански војник на автомобилизмот, со бескомпромисен стил на возење. го красеше специфична животна филозофија: “…Стравот ме возбудува…Победата е најбитна, се останото е нејзина последица…Немам идол…се воодушевувам на работата, упорноста и способноста…Ништо не може да ме оддели од љубовта на/кон Бога…да бидеш втор, значи да бидеш најдобар од губитниците…“.
Овој автомобилистички принц на Монте Карло(шест победи), навистина беше и остана современ возач-натпреварувач на кого беспрекорно му прилегаше древната изрека „со штитот или на него“. За жал се потврди второто. Беше посветен на спортот до крајот на животот. Супериорен на секоја автомобилска патека. Пријател и заштитник на децата. Национална икона на Бразил. Суперхерој засекогаш. Ќе го паметиме како страстен натпреварувач и голем шампион до последен здив.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скандал во Париз: Откажано е натпреварување поради…

Нов скандал се случи на Олимписките игри…

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…