Амбиентот не е погоден за уставни измени, а Бугарите не смеат да бидат привилегирано малцинство
Професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, во вечерашната „Топ тема“ на „Телма“ рече дека внесувањето на Бугарите во Уставот е чувствителна тема, за која се води дијалог во лош амбиент, кој не одговара за уставни промени.
„Веројатно другата страна и бара ние да не можеме да го исполниме тој услов за да може да не држат на почетна позиција. Сега е прашањето дали Македонија ќе има доблест и ум, тоа да го сфати и да направи таков исчекор кој ќе го отвори патот кон пристапните преговори“ – рече Шкариќ.
Професорот вели дека за него е сосема јасно дека ставот на актуелното бугарско раководство кон Македонија е неприфатлив за нас, но додава дека сега треба да се размисли и да се види како Владата ќе го елаборира тоа прашање.
„Кога ќе се појави првиот нацрт на уставните амандмани ќе видиме дали тоа прашање, така како што е поставено, може да има негативни консеквенци врз другите одредби во Уставот. Во оваа фаза треба уште да се размислува, да се види предлогот и потоа да се отвори нова дебата. Во секој случај, третманот на Бугарите не може да биде привилегиран во однос на другите малцински заедници. Ако ги има 3500-3600 колку што се регистрирани на пописот, нивната присутност во државната структура ќе биде соодветна. Никаква друга привилегија не може да добијат,“ рече Шкариќ.
Во однос на своето евентуално учество во процесот на подготовка на уставните амандмани, Шкариќ изјави дека тој својот придонес може да го даде независно дали ќе биде член на таа група, во секоја фаза на постапката и како учесник во процесот на јавна дебата.
„Тогаш ќе се отвори и прашањето на правна техника, како да се регулира тоа прашање. Ако треба нови малцински заедници да влегуваат во преамбулата, ќе се постави прашањето, како да се вградат во преамбулата. Нема да биде лесно, бидејќи нашата преамбула е веќе неколку пати менувана. Со овие нови промени веројатно ќе биде невозможно во преамбулата во оваа форма да се вградат овие предлози, но ќе видиме какво решение ќе понуди предлагачот“ – укажа Шкариќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Снопче бара од СДСМ и Европскиот фронт…
Пратеникот Халил Снопче од коалицијата ВЛЕН денеска…
Јовески се правда: Обвинителството не е консултирано…
Владата во постапката за донесување закони, а…
Прифаќаме промена на Уставот: Ова се трите…
Новиот, компромисен француски предлог за решавање на…