Андонов: Кај Мицкоски нема тенденција за уривање на СДС од власт – Тој не е профил на претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Честитајќи ви го денот на македонската револуционерна борба мора да напоменам дека таа борба за нас Македонците е постојана, неминовна, и со секоја нова генерација продолжува. Поттикнат од некои злобни, пред се недемократски, обиди токму одвнатре од самата наша партија ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат да го сопрат веќе неповратниот процес на демократизација и ревитализација на партијата, на овој светол ден сакам да ви се обратам со колумна која ги допира токму прашањата во ВМРО-ДПМНЕ и фракцијата како составен дел на партијата, пишува Оливер Андонов во нговата нова колумна за 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Фракцијата (како политички поим) е дефинирана како: „група луѓе од една политичка партија што имаат поинакви погледи по некои прашања од официјалната партиска политика“. Основната партиска политика со која фракцијата во ВМРО-ДПМНЕ нема поинакви погледи е уривање од власт на СДС, наспроти тоа што таква тенденција не гледаме кај Мицкоски.
Оттука, потполно е јасно дека: „Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“ НЕ Е ДРУГА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА или ПОСЕБЕН ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТ надвор или различен од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа фракција е составен дел на ВМРО-ДПМНЕ, нејзините членови се членови на ВМРО-ДПМНЕ, но со јасно изразени политички цели во рамките на партијата, детерминирани во самиот нејзин назив „демократизација и ревитализација“ на партијата. Причината за оваа политичко барање, е токму катастрофалната политика на Мицкоски и нејзино наметнување врз дел од раководството и целата партија. Ваквата катастрофална политика, која скоро да не се разликува од онаа на Заев, покрај неостварувањето на основната политичка цел на една политичка партија – доаѓањето на власт, нанесе и нанесува директна штета и врз државата Македонија. Пред се оваа штета е видлива во неспособноста да се симне од власт СДС, и од страна на Мицкоски, постојано неконзистентни ставови по клучни политички прашања и процеси за Македонија.
Остварувањето на овие политички цели, во актуелната политичка состојба е возможно исклучиво преку оставка на претседателот на партијата Христијан Мицкоски и промена на Статутот на партијата. За ова веќе пишував во мојата „визија за ВМРО“.
Оваа колумна, токму денес на 23-ти Октомври 2022 година е ПРОГЛАС до членството на ВМРО-ДПМНЕ кој на денот на Организација, денот на Македонската Револуционерна Борба, денот на ВМРО, го претставувам пред сѐ пред Вас драги мои сопартијци, но и пред македонската политичка јавност. Намерата ми е да се „фрли светло“ на внатре-партиските состојби, попречувајќи ги разните шпекулации и дезинформации, односно обидите за манипулација со сите нас од страна на Мицкоски, а што е всушност негова секојдневна „политичка“ активност.
Како што веќе кажав, целта на фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, не е и никогаш нема да биде насочена против интересите на партијата и државата Македонија. Токму обединувањето на сите нас, врз основ на демократските принципи на ВМРО-ДПМНЕ, протежирани од „фракцијата“, преку отстранувањето на Мицкоски ќе овозможи придвижување на партијата кон демократизација и ревитализација и нејзино обединување.
Стратегијата на Мицкоски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, исклучиво е насочена кон тоа самиот тој да се задржи на чело на партијата. Причините, за ваквото однесување, се исклучиво лукративни поради што како обврска во континуитет го неутрализира политичкото делување на ВМРО-ДПМНЕ, де-факторизирајки ја на политичката сцена во Македонија и пред нашите сојузници и пријатели во меѓународната заедница. Долготрајно ја онеспособува партијата за донесување на одлуки кои се исправни, демократски, во интерес на Македонија и согласни на современите регионални процеси. Потенцирање на сопствената непогрешливост заради создавање и зацврстување на сопствениот лажен култ на личност и опкружување со клиентелисти. Постојано спротивставување на процеси кои како политичка траекторија треба да ја донесат Македонија до завршување на веќе мачниот пат кон полноправно членство во ЕУ.
Мицкоски е бледа, непрепознатлива, политичка (политикантска) фигура, без идентитетски габарит и интегритет, како и без интелектуален, политички, потенцијал. Пет години, раководење со партијата, за ВМРО-ДПМНЕ се фрлени во вода, ништо не стави во ќупот на наследството на партијата, нит како политичка прагма нит како теорија. Единствен траг кој го остави е во нужникот, на 6-от спрат, во белата палата. Запрашајте се драги мои сопартијци: „Што паметите дека Мицкоски направи како успех за ВМРО-ДПМНЕ или за заштита на македонските национални интереси“?
Оттаму и произлегуваат неговите фрустрации и страв од внатрепартиска фракција со која би требало политички да се соочи во една отворена дебата пред сите Вас – партиските членови или пак внатре-партиско изборно соочување. Оваа несигурност и недоверба, кон партиските членови, (можеби и навистина има право да е недоверлив со оглед на задкулисните ставови и мислења за него на неговото најблиско опкружување) е до толку изразена што кај Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ е видлива потребата постојано да се појавува на сите можни медиуми, посебно електронски. Зарем на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му е потребно секојдневно да биде присутен во јавноста? Видливо е дека при тоа буквално нема што да каже и се повторува, а згора на се сѐ чуди зошто Данела Арсовска го нарекува „шпицниот градоначелник“.
Драги мои сопартијци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ (тоа не е човек од профилот на Мицкоски) не смее да си дозволи секојдневно објаснување и дообјаснување на сосптвените ставови (кои час ги има-час ги нема-почесто ги менува) и стратешките партиски политики кои се сврзани со државни политики.
За Нас во ВМРО-ДПМНЕ, кога за наша жал имаме ваков претседател на партијата, фракционерството со цел, организирањето на внатре партиски избори, за избор на претседател на партијата, е од суштинско значење. Овој процес, на кој мора да му претходат Статутарни измени и донесување на правилник за кандидирање и избор на претседател на партијата, во корен ќе ги разреши внатрепартиските политички превирања. Превирања во кои членството е апатично, незадоволно, насочено против Мицкоски и раководството иако самиот Мицкоски користи несоодветни поими за монолитност која владее во една демократска партија каква што треба да биде ВМРО-ДПМНЕ. Значењето на внатре партиски избори и бенефитите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почувствува токму од оваа демократизација се повеќестрани и долгорочни:
1.Според тенденцијата на број на членови кои ВМРО-ДПМНЕ ги има повеќе од СДС, Ковачевски ќе биде поразен и пред парламентарните избори, со тоа што претседател на ВМРО-ДПМНЕ избран на демократски внатрепартиски избори ќе има поголема политичка тежина во апсолутни бројки. Ова ќе го најави и потврди скорешниот изборен пораз на СДС.
2. Кандидатите за претседател на партијата ќе бидат приморани да се соочат со членовите и тоа во општинските и месните комитети и да претстават детерминирана концепција за политичкото делување на ВМРО-ДПМНЕ во следните четири години.
3.Визијата мора да е јасна и разбирлива за членовите кои ќе можат да ја следат и препознаваат, но и оценуваат во сите нејзини фази.
4.Да биде визија за политичко делување, нешто кое ќе го обедини, омасови и искристализира политичкиот правец на современото ВМРО-ДПМНЕ во следниот четиригодишен период.
5.Да ги определи јасните цели за враќање на партијата на власт, но и одговорноста на претседателот на партијата во случај на неисполнување на целите.
6.Самото внатре-партиско гласање и претставувањето на кандидатите ќе допринесе кон тоа огромен број на пасивни членови да ја обноват својата активност во партијата. Зголемената пасивност (апатичност) кај нашето членство во изминатиот период е забележителна поради видливото автократство на Мицкоски, кое покрај се не нѐ доведува до политички подем на партијата. Покрај автократскиот модел на претседателствување и создавањето на полтронско-клиентелистичко опкружување, дополнително де-мотивирачки фактор кој членството го воведува во пасивност-апатија се и видливите лукративни цели кои Мицкоски ги манифестира редовно, дури и во своите јавни настапи.
Зошто е неопходна демократизацијата?
Затоа што како членови на ВМРО-ДПМНЕ, мораме да знаеме дека нашето членување не е само формален лист хартија и очекување на придобивки кога ќе се дојде на власт, туку пред се тоа е поради десничарската и национална македонска идеолошка основа. Тоа претпоставува и бара од нас одговорност и обврска за активно работење во партијата со отворен и креативен ум без финансиски побарувања за нашиот труд и време. Ииндивидуално целосно вложување според знаењата, способностите и вештините заради поуспешно функционирање на партијата.
Преку чинот на внатре-партиско гласање кој е неопходен, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, конечно ќе добијат можност непосредно да се произнесат и да го искажат својот политички став давајќи доверба за концепцијата и визијата на еден од кандидатите, но и барајќи одговорност за нивна реализација.
Почитувани сопартијци, знам дека Мицкоски е преплашен од еден ваков демократски процес. Во такви демократски околности нема да има можност никого со ништо да уценува, а не пак од партиски наши пари да плаќа нечија лојалност. Тој прави и ќе се обиде да продолжи да прави се да го избегне неминовното. Токму затоа и постојано се шират дезинформации, вклучително и тоа дека фракцијата е всушност посебна партија што од една страна покажува потполна политичко-теориска неукост, а од друга страна измама на партиското членство со цел да се задуши секакво критичко и различно, квалитетно политичко мислење во партијата.
Сега на година и половина пред парламентарните избори во 2024 година е вистинско време ние членовите јасно и отворено да бараме веднаш од Мицкоски да си поднесе оставка и да се спроведат статутарни измени за да се спроведат внатре-партиски избори. Ова е единствениот пат, преку смена на Мицкоски да престане агонијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата мора да се ревитализира, да ја ре-обнови внатрешната сила која е згасната кај членовите кои се движечка сила на партијата.
Ревитализацијата на партијата е во силата на членството, во неговата мотивација за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и посветена чесна и без задни намери и калкулации, со отворен ум, јасна визија и идејност, втемелена партиска активност со цел освојување на власта и уривање на СДС. Тоа е спасот и за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија.
Ве повикувам сите вас – членовите на ВМРО-ДПМНЕ, во духот на демократијата, слободата и заради опстанок на нашата партија да ги поддржите политичките и практичните цели на фракцијата. Тоа е наша должност кон партијата, но и на современ, демократски начин продолжување на вековната борба за татковината Македонија.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее и да е вечна нашата татковина Македонија!
На денот на Светите маченици Евлампиј и Евлампија
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ прво се извинија па сега откриваат…
Во два наврата претходно за време на…
Фала Мицкоски и Тошковски – Нов парк…
Во Радуша никнува нов парк, но не…
СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците
Првиот амандман, кој имаше за цел да…
Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…
Долг на фирма не е кривично дело,…
„И лавот му рече на орелот мјау“:…
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…