Армани: Бренд со драматичен изглед – Многу повеќе од бренд!
Бренд концепти(10.)
Армани – The Best Design
Бренд со драматичен изглед. Многу повеќе од бренд!
Армани е магионичар на формата и мајстор-уметник на стилот. Бренд кој има јасна визија за модата, работата и животот. Верува и се залага за облекување ослободено од извештаченост и преферира природни и неутрални бои. Бренд кој на модата и луѓето во неа им даде невидена елеганција и голем луксуз.
Армани е елеганција што се гледа и чувствува. Екстраваганцијата не ја форсира, но ја почитува.
Инаку, овој бренд трајно е поврзан со две најважни нешта: моќни костуми и квалитетни ткаенини.
Армани-костумите се симбол на мажественоста. Тие им даваат самодоверба, сигурност и чувство на задоволност, на тие што ги носат, што значи и на бизнисмените од Вол Стрит, и на холивудските ѕвезди на црвениот тепих, но и на секој успешен човек кој одлучил да ги носи армани-костумите како свој заштитен знак. Мислам дека моќта на Армани доаѓа од предаденоста на Џорџо Армани кон едноставноста. Тој, најпрвин на мажите, а потоа и на жените, им понуди облека каква што посакуваат: едноставна, но беспрекорно скроена. Облека која на телото паѓа природно, и оттаму доаѓа посебната елеганција, поддржана од рафинираните, воздржани тонови.
Генијалниот Џорџо Армани го прослави својот бренд во филмот “Американски жиголо“, кога Ричард Гир го облече во армани-костумите, кошулите и врските, и од него создаде сексуален бог и мит. Следуваше и успехот со серијата “Пороците на Мајами“, во која со армани-костумите на Дон Џонсон му даде секси изглед, а на Филип М. Томас, мажествен стил и изглед. Останатото е историја.
Во армани-облеката препознатливи по својот посебен стил и елеганцијата подоцна станаа и Мишел Фајфер, Џон Траволта, Џоди Фостер, Роберт де Ниро, Бенисио дел Торо и Расел Кроу. Сите тие се армани-стил… и насмеани луѓе!
Овој бренд си поставил за цел да креира линија што се разликува според стилот, раскошноста, приспособувањето и цената. Целта била да се натпреварува во три низи на цени.
Во најскапата низа брендот продава џорџо армани и џорџо армани приве, производи што се изработени по нарачка, со кројачки занает и се продаваат по многу високи цени.
Во низата два се поумерени цени, во која се нуди Емпорио Армани, производи за млади и модерни луѓе. Овде спаѓаат и неформалните винди јакни армани, кои се насочени кон технологија и екологија.
Во најевтината низа, брендот нуди производи кои се еден вид уличен превод на стилот армани, АИХ армани ексчејнџ на малопродажни локации во градовите и во провинциските трговски центри.
Во што се состоеше генијалноста на Џорџо Армани?
Како што Коко Шанел ги отфрли корсетите и на жените им овозможи да дишат, така тој ја омекна машката силуета и ја направи неверојатно лежерна, не одземајќи ѝ ги машките атрибути. Така тој прв ја омекна сликата на машкото, а ја зацврсти сликата на жената. Ги облече машките во женски ткаенини, а го украде од нив тоа што жените го сакаат и им е потребно – моќта на костумот. На тој начин Армани стана страст за љубов, која извира од: белиот армани-костум, најелегантниот во историјата на модната индустрија; фенси-панталоните кои се шик и кул; а јакните во сиви и црни нијанси како да имаат воздржана линија на аfter-dark изглед. И на крајот, Армани е тенки силуети… и елеганција што плени, пред сè со дискретни дезени. Генијален бренд. Генијалност! Перфекција! Страст или љубов?
Најмногу од сè The Best Design. Тоа е целата филозофија на Армани, со која успеа да изгради идентитет и личност А-р-м-а-н-и.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Армани: Бренд со драматичен изглед – Многу…
Бренд концепти(10.) Армани - The Best Design…
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…