Ахмети пресече: Избори не се решение, итно да се затвори спорот со Бугарија и да почнеме преговори со ЕУ
Демократската Унија за Интеграција денеска во Скопје ја одбележа 20-годишнината од формирањето како политички субјект. На овој настан, претседателот на ДУИ, Али Ахмети во својот говор целосно го елаборираше успехот на ова дводецениско патување.
Тој на почетокот на својот говор ги поздрави семејства на паднатите борци и ветерани, потоа премиерот Димитар Ковачевски, поранешниот премиер Зоран Заев, како и присутните претседатели на политички партии, министри, претседателот на Собранието и пратениците, градоначалниците, директорите и функционерите, амбасадорите, медиуми и граѓаните.
-Како денес, пред 20 години се соединија ослободители и слободољубиви, идеалисти и мисионери, миротворци и мирољубиви, интелектуалци и патриоти, се собраа да го основаат нашето заедничко семејство со здрави и стабилни темели, Демократската унија за интеграција. На нашите две децении (постоење) вчера и завчера им се радуваа десетици илјади граѓани на плоштадите во Скопје и Тетово, со силни и издржани причини, затоа што имаат за што да се радуваат и слават. Сите заедно им се радуваат на: МИРОТ, помирувањето, спроведувањето на Охридскиот договор, еднаквоста и правдата, консензуалната демократија, внатрешната, регионална и евро-американска интеграција, како и иднината, зелената агенда, рече Ахмети и додаде дека мирот и помирувањето во нашата земја беа постигнати во соработка со македонските политички партии со преземање заедничка одговорност за спроведување на Охридскиот договор и постигнување конечно помирување меѓу заедниците.
Потоа тој нагласи дека по мирот и помирувањето, работеле за еднакавост „која дојде преку националните симболи, службениот јазик, правичната и соодветна застапеност, територијалната поделба, универзитетот, и тоа не само Државниот универзитет во Тетово , туку и Универзитетот “Мајка Тереза” како резултат на волја, помирување и одраз“.
-Еднаквоста се унапреди во КОНСЕНЗУАЛНА ДЕМОКРАТИЈА која беше постигната преку двојното мнозинство на Бадентер, консензуалното донесување на буџетот, одлучувањето во Владата и Собранието, спречувањето на мајоризацијата и маргинализацијата, афирмација на позитивната дискриминација, заедничките консензуални кандидатури за Претседател на државата, Претседател на Собранието и неодамна и за Премиер на нашата заедничка земја. Овие чекори доведоа и до целосна ИНТЕГРАЦИЈА во државата, во општините, во владата, во собранието, во администрацијата, во полицијата од 170 полицајци на над 2.000, во армијата од 65 на над 2.000, во администрацијата од 2% до над 21%, па се до највисокото раководство на сите државни институции со целосна одговорност, рече Ахмети.
Тој нагласи дека интеграцијата во земјата наметнала и регионална интеграција преку нивната политика на Нула отворени спорови со соседите и поставувањето на црвени линии кои за ДУИ се: Охридскиот Договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
-Од овие црвени линии BРАЌАЊЕ НАЗАД НЕМА и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи. Овде сакам да го поздравам и признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, со која затвори уште еден важен спор за нашата земја. Регионалната интеграција продолжува со ИНТЕГРАЦИЈАТА во ЕВРО-АМЕРИКАНСКИТЕ вредности и во ЕВРО-АТЛАНСКО здружување. Денес сме членка на НАТО и имаме зелено светло за членство во Европската унија. Затоа, во пресрет на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, изборите не се решение и бојкотите го попречуваат ова патување, јасно нагласи Ахмети дека е против иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори и актуелната блокада на Собранието која ја започна оваа опозициска партија.
Лидерот на ДУИ се осврна и на преговорите со Бугарија и затворањето на ова прашање на патот на земјава кон ЕУ:
-Мора да работиме на позитивен епилог со нашиот сосед Бугарија за нашиот билатерален спор и да ги стесниме просториите за дејствување на злонамерни агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни дефиниции. Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани. Европа не може биде целосно спокојна без Западен Балкан и тоа треба да биде приоритет на Европската унија колку што е и наш приоритет, дециден е Ахмети.
Тој се осврна и на војната во Украина и на прашањето на Косово.
-Гледајќи ги тажните сцени што ги остава војната, се чувствувам разочаран од неодговорноста на рускиот народ, на неиспровоцираните и неразумни руски злосторства и агресија во Украина. Во тој контекст, денес велам и повторувам дека КОСОВО не е само билатерален проблем, туку е прашање на стабилност и безбедност, како и мир во регионот, во Европа и во заедницата на евроатлантските вредности. Тоа е невралгичната точка на иднината на Европа. Затоа (велам) ВЗАЕМНО ПРИЗНАВАЊЕ меѓу Косово и Србија веднаш! – ОВА Е ЕДИНСТВЕНО МОЖНО И ПРИФАТЛИВО РЕШЕНИЕ!, нагласи Ахмети.
Тој се осврна и на „Зелената агенда“ на ДУИ во како приоритети ги наведе:
-Зелената агенда е приоритет на целиот демократски свет затоа што значи квалитетен живот, чист воздух и чиста животна средина, квалитетни училишта и болници, конкурентна економија, развој, напредок, модерна инфраструктура, култура, но и бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал и напори за задржување на младите во татковината. Овде, со особено задоволство пред вас, го најавувам поставувањето на камен-темелникот на Коридорот 8 ова лето, и им честитам на Владата за оваа одлука, рече Ахмети.
Тој ги повика сите учесници во општеството, политичари, институции, медиуми, невладини организации, судство и обвинители, да отворат „национален фронт против корупцијата и да ја искоренат, не со зборови, пропаганда и клевети, туку со конкретни обвиненија, без лов на вештерки“.
На крајот од својот говор Али Ахмети нагласи дека ДУИ останува да биде „лојален партнер, со збор и со дело, во идеалите и вредностите, фронтмен во гореспоменатите битки“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ахмети за ТВ21 по состанокот со Таравари:…
Во просториите на општина Гостивар попладнево се…
Најкорумпираниот функционер на ДУИ, Беким Мемети ги…
Беким Мемеди е единствениот албански шериф во…
Ахмети – Лудва: Уставните измени се многу…
Скрининг процесот, уставните измени, европската интеграција и…
Ахмети повторно најавува решавање на спopoт со…
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети уште еднаш…