БЕГ не одговори на предлозите на Владата, неизвесно е дали скопјани ќе имаат парно годинава
Владата може да ја одземе лиценцата на БЕГ за снабдување со топлинска енергија во Скопје. Неизвесно е што ќе се случува со парното во Скопје. Дали БЕГ како најголем снабдувач со топлинска енергија ќе остане без лиценца и кој ќе продолжи да ги снабдува скопјани со топлина, треба да одлучи Владата. Според последните информации Владата не добила одговор од БЕГ за предлогот за покривање на разликата од утврдената регулирана цена до реалната цена на чинење на топлинската енергија која ја испорачува. Нема одговор и на предлогот за обезбедување кредит на компанијата за подобрување на ликвидноста за да се справи со високите цени на гасот.
За проблемот, како што вчера најави, министерот за економија Крешни Бектеши ќе се расправа на денешната седница на владата и ќе се донесат соодветни решенија кои предвидуваат и одземање на лиценцата на БЕГ и препорака ТЕ-ТО да работи и за викенди за да обезбеди топлинска енергија за потребите на БЕГ.
Тој рече и дека владата е подготвена да покрие 100 отсто од разликата во моменталната и реалната цена на парното. На проблемот, како што рече работела посебна работна група која денеска пред владата треба да понуди решенија.
Трошокот за набавка на природен гас во јануари 2022 година во однос на јануари 2021 година е зголемен за 9 милиони евра.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски рече дека со предлогот за покривање на парите од разликата на актуелната и реалната цена се решава проблемот со набавка на гас.
-По повиците на РКЕ, а во координација со Владата, најдено е решение за сигурна и стабилна испорака на топлинска енергија. Во неколку наврати кажав дека сите страни мора да се солидаризираат и секој да помогне во рамките на својата надлежност. Граѓаните не можат и нема да го понесат товарот од енергетската криза – рече Бислимоски.
Од владата за Плусинфо изјавија дека економскиот тим е во постојана координација за да се донесат одлуки за ублажување на енергетската криза и непречено снабдување со електрична енергија и парно греење за граѓаните, а се разгледуваат и сите можни механизми за помош на компаниите за да се заврши грејната сезона без поголеми потреси.
– Владата, дополнително ќе излезе во пресрет и ќе помага со механизмите кои и се на располагање со најмали можни последици да се преброди енергетската криза. Министерството за финансии обезбеди финансиски средства за БЕГ со кои може да набави гас. Парите се од Развојната банка во форма на поволен кредит од 8 милиони евра. Тие се понудени на компанијата, меѓутоа за кредитот БЕГ како приватна компанија треба да понуди гаранција според пазарни банкарски услуги. Дополнително, Владата помага за подобрување на ликвидноста на БЕГ производство со тоа што сите јавни и државни институции плаќаат пазарна цена за топлинска енергија. И за Топлана Скопје север, Владата прави заложби да се помогне во обезбедување на гас за производство на топлинска енергија за корисниците на топловодната мрежа. – велат од Владата.
Оттаму не ја исклучуваат можноста и за привремено одземање на лиценците на компаниите кои произведуваат и дистрибуираат топлинска енергија.
-Доколку компаниите не ги прифатат предлозите, тогаш се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје којшто се задолжени согласно со своите лиценци да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на градот Скопје – велат од Владата.
Предлог до владата како да се реши проблемот со парното имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во пост на Фејсбук тој констатира дека меѓу другото проблемот на ладните радијатори на скопјани за време на викенд е во тоа што ТЕ-ТО си склучил договор за јануари да продава пик профил од понеделник до петок, а во петок навечер до понеделник наутро не работи бидејќи нема економска исплатливост да произведува само топлина за БЕГ.
– Како да се надмине сето ова, да има топли радијатори и да има струја? Распишете веднаш тендер ЕЛЕМ (ЕСМ продажба) за набавка на струја (и така ви недостасува, па крадете наоколу) во периодите од денот кога ТЕ-ТО не работи со флексибилност од 0 до 200 мегавати, намалете со трошење на увозен и скап јаглен и намалете со трошење на хидроакумулациите, ШТЕДЕТЕ, ќе ви треба, ќе биде долга и напорна (енергетски) година. Така ќе имаат скопјани топли радијатори, ЕЛЕМ (ЕСМ) ќе штеди ресурс и ќе има струја (која нема скапо МЕПСО да ја плаќа како крадената од околните држави) – вели во постот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ пак вели дека е крајно време владата да го врати парното на скопјани и да го активира претпријатието ГЕС кое што го формира за тоа.
– Решение има, а тоа е да се предаде парното на Град Скопје како што планираше претходниот градоначалник, но притоа ќе треба да им се застане на пат на одредени олигарси кои го кочат процесот и се борат за сопствените профити. Веќе е формирано јавно претпријатие ГЕС кое треба да се стави во функција, а државата да му ја предаде на управување мрежата на Градот и да го реши проблемот со нејзина легализација. Моменталниот проблем немаше да го има ако снабдувачите навреме обезбедија природен гас и потребните резерви на мазут кои им се пропишани со правилата за снабдување со топлинска енергија – вели Ненов.
Сепак, останува владата да реши како ќе го приведе при крај овој проблем, а како ќе го реши ќе стане јасно по седницата на владата која е во тек.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Царина ќе ги зајакнува контролите и присуството…
Унапредување на процесите на царинење преку унапредување…
ОБИД ЗА УБИСТВО НА БЕНЗИНСКА ВО СКОПЈЕ!
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(34)…
Тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…
Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…
(Видео) Андов: Ќе тужам за незаконското разрешување…
Ќе тужам поради незаконското разрешување од позицијата,…