Бојкот на лекарите на Детска Клиника: Утринава на стручен состанок му кажале на директорот дека нема да бидат дел од „комисија“ за модриците на бебето туку да го повика Обвинителството
На Детската клиника утринава имало бурен стручен состанок на кој лекарите му кажале на новиот директор Реџеп Мемеди дека нема да бидат дел од „комисија“ која ќе утврдува како настанале модриците на тримесечното бебе со наод за тромбоцитопенија.
Инаку, за модриците кои се појавиле на раката на бебето, семејството ја обвини медицинската сестра со 15-годишен стаж, дека намерно му ги предизвикала како одмазда поради тоа што мајката не зборува македонски јазик туку само албански. Но, бебето имало наод за тромбоцитопенија, медицинска состојба од која се јавуваат модрици на кожата, таа е поосетлива, а било склоно и кон крвавење.
Со оглед на тоа што на Детската клиника нема никаква пријава за несакано случување лекарите му кажале на новиот директор Мемеди, дека нема да се постапува. Го упатиле директорот да му каже на семејството да поднесе пријава, а бидејќи обвинението е сериозно – повредување на бебе од страна на медицинска сестра, да го викне и Обвинителството.
Изворите на „Слободен печат“ се децидни дека никој не сака да биде дел од комисијата. Клиниката има комисија која разгледува несакани случувања пријавени од родител, ама семејството нема пријавено несакан настан.
Директорот Мемеди утринава за „Слободен печат“ потврди дека бебето имало еден наод за тромбоцитопенија, но според него, модриците на раката се во делот каде што една од медицинските сестри го држела бебето, додека другата го боцкала. Директорот смета дека тромбоцитопенијата која била претходно констатирана во наодот немала улога, затоа што крвната слика била повторно направена и немало веќе намалени тромбоцити.
Двајца други доктори пак, не се согласуваат и ни рекоа дека кога постои тромбоцитопенија, можно е да се случи да се појават модрици и има поголема осетливост, а бебето во конкретниот случај било склоно и кон крвавења.
Информацијата потврдена со медицински наод за тромбоцитопенијата кај бебето, му дава сосема нов тек на целиот настан – дека тој има медицинско оправдување, а не меѓуетничка заднина.
„Слободен печат“ утринава објави дека лекарите на Мемеди ќе му кажат дека не сакаат да бидат дел од комисија, бидејќи сметаат дека случајот е конструкција и дека секое идно незадоволство на некое семејство може да биде злоупотребено во меѓуетнички цели.
Инаку, на чело на одделот каде што било сместено бебето докторката е Албанка, па сигурно таа не би го дозволила наводното малтретирање на бебето, коментираат наши извори од Клиниката.
Дополнително, како што дознава „Слободен печат“, дедото на бебето и истата медицинска сестра во неделата на 7 јули, имале конфликт после кој морало да интервенира обезбедувањето. Според нашите информации, бабата на бебето дошла да помогне околу него во болницата и тогаш, бидејќи и таа не знаела македонски јазик, туку само албански, сестрата искоментирала околу тоа, што било дочекано бурно од семејството. Според извори од Клиниката, најнормална процедура било да се праша за јазикот кој го зборува фамилијата, со цел да се најде соодветен персонал за да може да се оствари комуникацијата.
Состојбата се смирила, ама во петокот при испис на новороденчето, семејството во болница викнало новинарска екипа и таму првпат ги презентирале своите обвинувања после кои состојбата ескалираше во еднострани обвинувања за медицинската сестра.
Медицинската сестра, според кажувањата на вработените во Детска клиника, има 15-годишно работно искуство во болницата и ужива висок професионален рејтинг во оваа јавно-здравствена установа. Таа никогаш порано не била предмет на дисциплинска постапка или поплаки, а вечерта кога излегоа обвинувањата за неа, била оставена да работи на дежурство на Клиниката, што сугерира дека никој вистински не стравува од тоа дека таа „ги повредува бебињата“.
Независниот синдикат на здравствени работници ѝ понуди правна помош на медицинската сестра откако таа беше обвинета за намерно предизвикување модринки на телото на бебето, како резултат на меѓуетничка нетрпеливост.
Како Независен синдикат, најостро ги осудуваме ваквите неосновани напади врз здравствените работници. На неправедно обвинетата медицинска сестра ѝ нудиме бесплатна правна помош, вели претседателот на Синдикатот Боби Бојчевски.
Инаку, министерот за здравство, Арбен Таравари, даде тежина на овој случај, на начин што непосредно по изнесените обвинувања од страна на семејството, беше да го посети семејството и потоа даде изјава во која истакна дека не сака да прејудицира одговорност кај медицинската сестра, ама сепак – најави одговорност во истата изјава.
„Не многу често среќавам ваков монструозен настан. Тримесечно бебе има траги од насилство на телото. Семејството тврди дека детето е малтертирано од страна на медицинската сестра бидејќи мајка му не знае македонски јазик.
Ако овој случај е вистина, тогаш сестрата ќе биде веднаш отпуштена. Што и да е вистината, сторителите на овој грозен и болен чин ќе бидат најдени и казнети. Одам на лице место за лично да се сретнам со семејството“, напиша Таравари на Фејсбук.
И политичката партија ДУИ имаше своја реакција во која на незавршена истрага рекоа дека „физичкото насилство е констатирано“.
„Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците.
Демократската унија за интеграција бара итна истрага и правна одговорност за сторителите на насилството и одговорност на носителите на фунцкиите без етнички легитимитет во Министерството за здравство и Детската клиника.
Вчерашните снимки од бебето полно со знаци на насилство ја згрозија јавноста, а оставката и одговорноста не треба да се одложат ниту миг – се вели во соопштението на ДУИ.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заедничка акција на македонското и косовското Обвинителство:…
Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во…
Обвинителството итно отвори предмет за диверзијата во…
По информациите во јавноста дека на Институтот…
„Очекувам истрага и кривична пријава“: Пандов доставил…
В.д директорт на Управата за извршување на…
ОЈО и ДКСК веднаш да го истражат…
Волкот го менува влакното, но не и…
Јанушев повторно ги крие бугарските фирми од…
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, повторно…