Бренд концепти: Хуго Бос – моден гуру и креатор на стилот
Од шеесеттите години на 20 век овој Boss е доминантен на меѓународниот пазар на модата. Има околу 300 свои продавници, а продава свои производи уште во 1 000 продавници во над 110 земји. Брендот има колекции за секоја демографија: од урбани, преку спортски до тексас (џинс) колекции, Хуго Бос е глобален бренд, посакуван од голем број обожаватели. Историјата вели дека австрискиот кројач Хуго Бос ја основал компанијата во 1923 година. На почетокот тој произведувал исклучиво работна облека. Неговата работилница се наоѓала во Мецинген, близу Штутгарт, каде што денес се наоѓа седиштето на компанијата. Заради економската клима во Германија, компанијата банкротирала. Компанијата ја сменила дејноста во 1960-тите години кога почнала да произведува машки костуми, а потоа и во 1970 кога го лансирала модниот бренд Бос. Кога компанијата почнала да се развива глобално, нејзините акции почнале да котираат на германската берза (во 1985 година), а главниот акционер бил Хуго Бос ГмбХ.
Во 1991 година италијанската модна групација Марато СпА го откупила најголемиот дел од нивните акции за 165 милиони долари. Под водството на Марато, Бос почнал да се менува и да создава помладешки парчиња, под раководство на Вокер Кашел. Тогаш почнал да се развива и пософистицираниот бренд Балдесерини. Денес главен дизајнер на компанијата е Лотар Рајф. Тој е новиот дух на Бос и творец на новите модни бос-линии и колекции. Од 1998 година компанијата произведува и женска облека, а во 2000 година ја лансирале бос блек за жени, а од неодамна имаат и детска колекција. Во 2004 година од компанијата соопштиле дека продажбата на машката облека со потписот на Бос постигнала огромен успех, а потрошената сума за нивните парчиња изнесувала милијарда долари, додека потрошувачите за женските колекции издвоиле 69 милиони долари. На почетокот на своето постоење, Хуго Бос создал полиса да го поврзува својот бренд со гламурозни машки спортски марки. Првиот договор за спонзорство го склучиле со Порше во 1971, станале спонзори на Дејвис Куп натпреварите во тенис во 1988 г., под свое ги зеле и фудбалерите на Милан во 1995 г. и на Челзи во 2004 година. Во 1996 година компанијата ја воспоставила двегодишната награда Хуго Бос уметничка награда, којашто ја доделува заедно со музејот Гугенхајм од Њујорк, а наградата оди во рацете на млади, талентирани уметници.
И сега, што претставува брендот Бос и кои се неговите основни вредности?
Бос е симбол на статус. Страста е негово име. Заедно со Армани, без конкуренција, е најпрепознатливиот моден бренд за костуми на светско ниво. Има колекции за сите генерации, а стилот му е од урбан, преку деловен, до спортски и тексас. Така најпознати модни линии на овој глобален бренд се бос блек (главната модна линија), бос селекшн (колекција од тексас), бос оринџ (урбана спортска гардероба). Од 1998 година ја произведува и прекрасната бос блек модна линија за жени, а од неодамна воведе и колекција за деца. Инаку, успехот на овој бренд, меѓу другото, се должи на поврзаноста со други гламурозни машки брендови како што се Порше, фудбалските клубови Милан и Баерн, и спонзорството на Дејвис Куп натпреварите во тенис. Покрај облека, на пазарот пласира и прекрасни парфеми, кошули, ремени, часовници, машки паричници и женски чанти.
Во што е тајната, т. е. магијата на успехот на овој моден бренд?
Како прво тој верува во сосема поинакво заведување на своите клиенти. Дејствувањето му е споро и одмерено, а стилот отмен и одважен. Бос-заведувањето е уметност која изнаоѓа совршена рамнотежа помеѓу самодовербата и ноншалантноста. Наслушнувајќи што навистина сакаат и бараат клиентите, заведувањето е мајсторска оркестрација на сите сетила. Има трајност и тешко се заборава. Инаку бос-фраерот има држење кое заведува на единствен начин. Елегантните костими, квалитетните кошули и бос-парфемот на машкото му даваат самоуверена харизма, која е на цена кај припадничките на поубавиот и понежниот пол.
И уште еднаш: кој е Бос и што тој претставува?
Дефинитивно, на почетокот беше бренд за деловни луѓе, кои сакат да бидат елегантни и во тренд на облекувањето. Но, подоцна се фокусираше и на спортски типови, но и млади кои ги следат модните трендови. Високорангиран бренд во модниот бизнис. Поради што? Најпрвин, заради висок квалитет, а секако и поради фактот што е мода за сите времиња. Како што напомнав, бренд што произведува модни линии за деловна, спортска и трендовска облека. Има и долна облека, чевли, ремени, вратоврски, чорапи и други модни детали. Својствени му се креативноста, иновациите и напредокот. Има препознатлив дизајн и високи стандарди за квалитет. На пазарот пласира супериорни артикли кои испорачуваат посебен стил. Сите бренд-колекции презентираат начин на живот и филозофија на кои има специјален бренд-потпис: BOSS или ШЕФ. Симбол за јасен и современ дизајн и квалитет што се гледа, намирисува и чувствува. Хуго Бос е бренд за самоуверени и модерни мажи и жени, со стил што се препознава.
Дефинитивно бренд со харизма, карактер и стил. Бос е стил што освојува. Вистински ВОЅЅ/ШЕФ.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…