Објавено на:

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери се откажуваат од Македонците во Бугарија, ИТНО откажување на договорот на (не)пријателство – Колумна на Ристо Никовски

t

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР – СОКАЦИ

Бугарската Одисеја, наречена „блокада на Македонија“, започна со „блескави научни анализи“ на БАН, кои можеа да бидат само резултат на менталните девијации на академиците, предизвикани од историски синдроми, наметнати од власта. Следуваше Владата која од овие „епохални откритија“ направи политички документ. Потоа, истиот беше проследен до Собранието, коешто го претвори во декларација.

Овие „откритија“, во основата налудничави, во никој случај не беа за по дома. Целта беше токму светот да биде запознаен со нивните „научни дострели“ и, за таа цел, Софија испрати срамен меморандум на сите страни, како највисок стадиум на нивните мизерни измислици и баханалии. Нивен императив беше, и останува – Македонците да се уништат по секоја цена! Србите со право велат – „чега се паметан стиди, будала се дичи“ (будалите се фалат со тоа од што паметните се срамат). Бугарија станува класичен пример за такво нешто. И, најстрашното од се’ е што тие – успеваат!

Сепак, заслугата е наша бидејќи не реагира(в)ме на нивните бедотии. Но, логично е што Софија сака да ги пропагира своите „врвни достигнувања“ бидејќи е, по сите критериуми, последна членка на Унијата и најдобар лош пример за сите! Впрочем, откако ЕУ ја сфати дека Бугарија не смееше во никој случај да биде примена, мораше да ги менува дури и своите принципи и критериуми за прием на нови членки.

Еве ја кусо содржината на меморандумот: Македонија е географска и историска област (не е држава); Македонците се резултат на етнички и јазичен инженеринг (измислени); македонски јазик или етничка припадност не постоеле се’ до 2 август 1944 година; АСНОМ објави постоење на посебен македонски народ; националниот идентитет на Македонците се развива со фалсификување на документи и бришење на сите врски со бугарските корени, јазик и потекло на ова население; Бугарија не може да прифати ревидирање на нашата заедничка историја, негирање на нашите заеднички етнички и јазични корени или неосновани тврдења за постоење на ‘македонско малцинство’ во Бугарија; архивите сведочат за егзекуција на повеќе од 20.000 луѓе помеѓу 1944 и 1946 кои се идентификувале како Бугари; во истиот период, повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, прогонети или испратени во концентрациони логори (и Хитлер би ни позавидел!)…

Бојче Борисов, големиот пријател на Зоран Заев, испрати ваков мизерен памфлет низ светот со барање овие „мудрости“ да влезат во преговарачката рамка на Македонија за членство во ЕУ! Од Македонија немаше никаква реакција на овие бугарски повраќања. Заев немаше намера да се кара со пријателот за „ситници“ а таквиот однос единствено значеше дека се согласуваме со содржината на меморандумот. Затоа, зад сите тие бугарски ујдурми стои и новата власт на Петков, која не го крие тоа. Ако ние сме го прифатиле меморандумот, макар премолчено, зошто тие би го менувале?

Немаме директен увид во процесите кои се одвиваа во Брисел, по повод овие бугарски безумности. Сепак, со голема сигурност може да се тврди дека ненормалните барања се доста нормално примени. Доказ е започнатата процедура во корист на апсурдните позиции на Софија, коишто никој не ги доведе во прашање, камоли да ги осуди. Потврда е и потегот на Чешка и Словачка, коишто ги отфрлија Кирил и Методија од бугарските гнасотии. Мнозина веројатно не знаат дека таа бугарска имбецилност помина на амбасадорскиот состанок во Брисел ама беше повлечена дури откако се спротивставија министерствата за надворешни работи на овие две земји. Втора потврда е германскиот предлог за надминување на блокадата, подоцна малку прилагоден од Португалија, кога двете земји претседаваа со Советот на ЕУ, којшто во голема мерка ги валоризира бугарските фалсификати и бара наша капитулација, иако малку прикриена. Трета и главна потврда е фактот што ниту една членка на ЕУ јавно не ја поддржа Македонија а не се чу ни збор против Бугарија.

Промени се случија дури откако македонскиот народ едногласно реагираше на овие бугарски монструозни будалштини, по што Брисел се најде во небрано. Нашиот сенароден отпор ја натера ЕУ да ја присили Бугарија да ја смени својата реторика и да бара нови решенија за бугаризација на Македонците. Клучно за нас е дека во ниту еден момент Брисел не ја советуваше Софија да ги повлече своите нецивилизациски аспирации, коишто немаат врска со Унијата туку, како и во овој случај – да се прилагоди. Логична е претпоставката дека така се постапи, како и стотина пати пред тоа, заради фактот што ЕУ е присилена да го спроведува американското сценарио за разнебитување на Македонците.

Следуваше Минхен каде Радев, на конференцијата за безбедност, излезе со нова платформа – проблем се „Македонските Бугари“ и нивното „тероризирање“ кај нас! И пописот, чиишто резултати ги дознавме деновиве, иако крајно нерегуларен, сепак покажа дека Бугари во Македонија – нема! По апсурден услов во никој случај не можеа да одберат, што покажува дека биле во очај. А, со овој потег, Софија ги стави на маса и Македонците во Бугарија, коишто се нивната клучна болка! Ни дадоа вселенска шанса преку реципроцитет, што е основен принцип во дипломатијата, да ги дотераме пред свршен чин – во ред, ќе има Бугарите во македонскиот Устав, ама истото мора да се случи и со Македонците во бугарскиот!

Оваа бугарска класична политичка утка ни даде уште една шанса:  веднаш да го отвориме и прашањето за спроведување на 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, против бугарското малтретирање на Македонците. Меѓутоа, нашите политички аматери, коишто се однесуваат како слонови во стаклена менажерија, како ништо да не разбираат. Бугарите си поставија невидена стапица а ние како да сме отсутни! Странскиот притисок врз нас не е спорен, ама на ваков начин да ги игнорираш фундаменталните интереси на својот народ, навистина е тежок политички криминал.

Смешно е што наши врвни политичари повторуваат дека ние не се интересираме за проблемите на тамошните Македонци, за да не се мешаме во бугарските внатрешни работи! МНР, Османи, којшто отворено работи на реализација на големоалбански интереси, дури јавно изјави дека Бугарија нема услови да ги стави Македонците во својот Устав! Тој и другите мудреци, пак, не реагираат кога Софија силеџиски сака да ни го менува Уставот, заради измислени Бугари! Тоа не е мешање за нив и без приговор го прифаќаат! Во нормални земји, незамисливо е да се бранат интересите на противникот. Политичар како Османи, по ваква изјава, таму уште утредента би бил исфрлен од Владата. Сепак, најлошото  е што кај нас не се сфаќа дека меморандумот се’ уште важи и горните бугарски престројувања се само промена на тактиката. Траен е ставот на Софија дека Македонците се измислени и постојат само по 1944 година. За да нема дилеми, на 30 март 2022 година, се сретнаа лидерите на четирите партии од коалицијата на власт и, во однос на Македонија, ги реафирмираа политиките од меморандумот.

Евидентен доказ дека Софија ја смени тактиката ама не и намерите, дека до 1944 сме биле Бугари и сме зборувале бугарски јазик, е фактот што и покрај инсистирањето „Македонските Бугари“ да влезат во Уставот (не како малцинство, да се разбереме!), Петров продолжува да ја форсира заедничката комисија за забрзување на нејзината работа. Само нашите историски капитулации можат да ја прекинат бугарската блокада. Впрочем, откако А. Димитров, нивниот ко-претседател, изјави дека не треба да не примаат во ЕУ бидејќи ќе бидеме руски агенти, нема веќе никаква логика да се седне на иста маса со него. И Топалов, член на комисијата, претходно крајно навредливо зборуваше за Македонија. Просто неверојатно: постојано се понижуваме и јавно се манифестира недостатокот на основно достоинство!

Македонија е доведена во безизлезна ситуација. Чекор по чекор, се откажуваме и од самите себе, и од нашиот јазик, историја… Ако не се преземат енергични чекори за итна промена на катастрофалните тенденции кои се во полн ек, „Македонското прашање“ ќе биде наскоро целосно затворено. Македонизмот ќе биде грубо фрлен на ѓубриштето на историјата. А, излезот е само еден: веднаш да се откаже договорот за (не)пријателство со Бугарија! Тој е коренот на сите наши голготи со нив. Ако тој остане, спас за македонизмот нема да има. Потоа, може да се преговара за нов договор, во кој, покрај се’ друго, свое место мора да има и за Македонците во Бугарија. Време има доволно бидејќи и при најдобри услови, Македонија не може во никој случај да влезе во ЕУ за покусо од 20 години. Се’ друго не води во национален и државен неповрат. Очигледно е, меѓутоа, дека оваа власт, којашто е спремна целосно да го урниса македонизмот, не е таа којашто може да направи пресврт бидејќи се специјализира за капитулации. Време е народот да ја земе судбината на државата во свои раце.

                                                                             Ристо Никовски

Април, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Шпигел“: Во Бугарија откриено складиште за оружје…

Бугарските истражни органи откриле складиште со оружје…

Бугарија од утре официјално е членка на…

Бугарија официјално стана членка на Шенген просторот…

Два земјотреси рано утринава ја стресоа Бугарија

Земјотрес со јачина од 3,9 степени според…

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

БУГАРИЈА ОДИ НА НОВИ ИЗБОРИ: Габриел ја…

Направивме многу отстапки“, рече кандидатката за премиер…