Великани на светскиот спорт(9.) Марадона – аргентински бог на фудбалот

t

Во пресрет на Светското фудбалско првенство во фудбал што за десетина дена ќе отпочне во Катар, ќе ви ги претставам двајцата најдобри фудбалери на сите времиња, прогласени според сите званични и незванични анкети на публиката и фудбалските експерти. Тоа се Макрадона и Пеле. Денес пишувам за Марадона – палавкото и нескротливото момче на светскиот фудбал.

Кој е Диего Марадона? El Pibe de Oro – Златното момче на аргентинскиот и светскиот фудбал.
Дали тој е најдобриот фудбалер во светот?

Одговорот го дадоа вљубениците во фудбалската игра и топка, кои во најмасовната анкета, било кога спроведено, го прогласија за најдобар. Најдобар на сите времиња. Јас би додал заедно со Пеле. Ама едно е сигурно: Ел Пибе е фудбалерот кој го допре фудбалското небо.

Диего Армандо Марадона, сиромашно момче од сиромашен кварт на Буенос Аирес, сонувал да биде најдобар фудбалер на светот. Својата фудбалска кариера ја започнува во Аргентинас јуниорс, поминува во Бока јуниорс и веднаш станува шампион на Аргентина. Во тоа време, за рекордни 6 милиони долари се сели во Барселона, а по две години за трансфер од 10 милиони долари доаѓа во Наполи, просечен клуб во Италија. Оттогаш започнува најблескавата фудбалска кариера што светот ја видел.

Марадона е фудбалер кој фудбалот го играше со голема љубов и уште поголема страст. Фудбалер сосема поинаков од другите, неговите противници. Кога победуваше, а тоа многу често го правеше, фудбалската игра личеше на симфонија. Рапсодија во зелено, како бојата на тревата на фудбалскиот терен, но и рапсодија во сино, како бојата на дресовите на фудбалскиот клуб Наполи и репрезентацијата на Аргентина. Најголема одлика му беше љубовта кон победата. Ја посакуваше како никој друг. Фудбалот го играше на посебен начин. Неговото надигрување на фудбалскиот терен претставуваше врвно фудбалско мајсторство. Сакаше да ги победува сите клубови и национални селекции против кои играше. Тој просто се забавуваше во играта со топката, ги надмудруваше противниците, и кога ќе тргнеше кон голот, како по обичај ги нанижуваше противничките играчи со виртуозен дриблинг кој најчесто завршуваше со генијален гол.
Позната е констатацијата дека само на двапати Светското првенство го освоила национална селекција благодарение на еден играч. Првиот случај е во 1962 година кога Гаринча на Бразил ѝ донесе шампионска титула. Вториот случај е Светското првенство во фудбал 1986 година во Мексико, кога Аргентина стана светски шампион во фудбал преку One Man Show приреден од големиот и генијален Диего Армандо Марадона. На тоа првенство го паметиме како храбар, сигурен и со чувство за тимска игра. Покрај талентот кој му беше неспорен, покажа знаење во фудбалската игра, голема одговорност во спроведувањето на фудбалската тактика и дисциплина во играта, што дотогаш му беше послаба страна. Не прифаќаше ништо помалку од светска титула во фудбал за Аргентина и најдобар играч на првенството за себе. Тогаш го достигна балансот во фудбалот и животот. Вистински лидер. Еден единствен.

Кога во четвртфиналето против селекцијата на Велика Британија за неполни пет минути постигна два гола, првиот со „Божјата рака“, а другиот со поминување на седум противнички играчи во трк долг 60 метри, сите знаевме дека на тоа првенство Аргентина ќе биде фудбалски шампион, а Марадона фудбалски Бог. Вториот гол што го постигна Марадона е најубавото во фудбалот што еден фудбалер го покажал на едно светско првенство. Најфудбалски гол на сите времиња. Малиот Армандо го славеа како фудбалски император. Во Аргентина, Италија и насекаде каде го обожаваа го величеа до небеса, го тетовираа неговото име и лик и посакуваа да се Марадона. Тој не се задоволи со постигнатото.
Следуваа две шампионски титули во италијанското првенство со Наполи. И тоа достигнување го сфаќаше како умешност во фудбалското надигрување и се забавуваше. Самиот кажува како најпрвин во Наполи му рекле „ајде да го победиме големиот Јувентус“. Тој тоа го сфатил сериозно и Јувентус веќе беше на колена, а Наполи и Марадона го освоија Скудетото и станаа шампиони во Италија. Успеа со две фудбалски титули освоени со Наполи на италијанскиот југ да му го врати загубениот дигнитет и за момент сите од југот да заборават на сиромаштијата и проблемите.

Во фудбалот беше и остана уметник. Но, во животот никогаш не израсна во стабилна и зрела личност. Фудбалската топка ја контролираше со виртуозност и невидено жонглерство. Однесувањето на теренот некако успеваше да го контролира, но надвор од теренот беше дезориентиран. Не успеваше да го издржи големиот притисок. Го обвинија за земање дрога, учество во сексуални оргии, следуваа судски спорови. Марадона беше сериозно разнишан. На Светското првенство во Италија 1990 година побара од гледачите да го поддржат во натпреварот што помеѓу Аргентина и Италија се играше во Неапол, и ја доби поддршката. Аргентина победи, но Марадона стана несакана личност во Италија. Во финалето Германија се реваншира за Мексико, победува, со гол од непостоечки пенал, и станува светски првак.

Марадона не беше комплетна личност како Пеле, но сигурно не беше и чудовиште и монструм како што сакаа да го прикажат тие со кого тој се замери. Напротив, тој беше како некој од ликовите од “Алиса во земјата на чудата“. Кога играше генијален фудбал сите се чудеа дали е возможно човек да игра таков извонреден фудбал, а кога правеше грешки во животот, како секој обичен смртник, многу повеќе го напаѓаа, отколку што го бранеа. За тоа што значи фудбалот и кои чувства ги создаваат победите на фудбалскиот терен, можеби најдобро го покажува изречената мисла на Марадона: “Кога победувате и се искачувате на светскиот фудбалски врв, имате чувство дека го допирате небото“.

Можам само да додадам дека со тој и таков допир на небото, фудбалерите како Марадона, Пеле, Зидан, Платини, Бекенбауер, Пушкаш, стануваат бесмртни. Дали во таа низа на фудбалски легенди, ќе влезат и некои од денешните најдобри фудбалери како што се Меси, Неимар, Роналдо? Меси и Роналдо чинам веќе си обезбедија место во фудбалскиот пантеон, а Неимар ќе треба уште малку да поработи на тој план. А можно е фудбалот да добие и некоја нова фудбалска ѕвезда – некој сè уште недоволно афирмиран млад фудбалер кој ќе блесне во некое национално првенство, Лигата на шампиони, или пак светско или континетално првенство.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…

Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…

Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…

Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…

Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…

Кривичен ја одби жалбата за притвор на…

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…

Владата со препорака Службен весник да ја…

Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…