(Видео) Како и до кога Усје ќе ги труе Скопјани: Ќе се охрабри ли Обвинителството да им застане на патот на загадувачите?

t

Пече на очи, пече на грло, се гушиме, не може да се дише…

Вака жителите на Скопје, на Кисела Вода, особено во близина на Цементарницата ТИТАН УСЈЕ зборуваат за загадувањето и последиците од истото. Ова се најчестите симптоми кои сите ги чувствуваме и ни се добро познати, посебно во деновите кога мерните станици покажуваат неколкукратно, честопати и повеќе од десетпати поголемо загадување од дозволеното.

Тажно и страшно е што овие симптоми иако се најчести, можеби се најмалку страшни…

Зошто УСЈЕ ги труе скопјани?

Дека Цементарница Усје ги труе скопјани, утврди и министерството за животна средина и простоно планирање по извршените вонредни мерења на квалитетот на воздухот во околината на цементарницата, на иницијатива на Градот Скопје.

Извештајот утврди дека кај котелот од Котларата за загревање на просториите каде како енергенс се користи мазут, утврдено е дека има надминување на ГВЕ за параметарот азотни оксиди NOx и од дозволената ГВЕ-350 резултатот е 711,9 милиграми/метар кубен.


Поради утврден прекршок од III категорија согласно член 212-ж став (1) точка 3 и став (2)од Законот за животната средина започната е постапка за спогодување. Постапката ќе ја води Комисијата за спогодување при МЖСПП, во спротивно доколу не се прифати постапката за спогодување ќе се покрене судска постапка. За сторениот прекршок Глобата за големи трговци изнесува180.000-200.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на вонредна прес-конференција откри дека инспекторите од Град Скопје со државниот инспекторат при МЖСПП забележале сериозни прекршувања кои што се спротивни на еколошката дозвола издадена од Министерството.

-За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотните оксиди при што е покажано двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми на метар кубен. Како градоначалник презедов иницијатива за покренување на кривична постапка против Цементарницата „Титан УСЈЕ“ за непридржување на прописите за заштита и унапредување на животната средина, кажа Арсовска.

Граѓанскиот и еко-активист, Марјан Ненов, во изјава за Инфомакс објасни дека загадувањето од Усје доаѓа поради тоа што користат петрол кокс, наместо поскапата, но поквалитетна варијанта – природен гас.

Интересно е што петрол коксот (18% сулфур) е секаде забранет за користење, освен во Македонија каде го користат некои големи индустриски капацитети во Скопје, вклучувајќи ја и Цементарницата ТИТАН УСЈЕ.

Дополнителен проблем е што покрај горивото што се гори, никој не знае дали во Цементарницата можеби се горат и стари гуми, останати материјали и горива кои ѝ заштедуваат финансии, а можеби дополнително и ѝ носат средства со оглед на тоа што таквото горење на материјали може да се наплати од физичките и правни лица кои се ослобдуваат од нив.

На видеото кое можете да го погледнете подоле, направивме споредба, каква е околината околу Усје кога Џементарницата не работи, или работи согласно прописите и со употреба на филтри, а како е веднаш следниот ден кога не е баш се така розово… Разликата е огромна.

Еко-активистот и независен советник во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски, детално ја коментира реакцијата на Цементарницата Усје од каде велат дека компанијата инвестирала во систем за мониторинг и мерење на емисиите на издувните гасови и честици во воздухот.

Јовановски со факти објаснува каде се крие “измамата” од страна на ценемтарницата, зошто во извештаите недостигаат податоци за одредени часови од печките, зошто се објавуваат сумирани дневни извештаи кои ги прикриваат енормните емисии на штетни гасови.

– УСЈЕ вели „Компанијата инвестираше во воспоставување систем за мониторинг што ни овозможува да вршиме континуирани мерења на емисиите во воздухот.“

Континуиран а? А што правиме со дупките во репортингот кој што го објави МЖСПП сега?

17.10 – 2.5 часа фалат од печка 4
28.12 – 10 часа фалат од печка 3
28.12 – 1 час фали од печка 4
29.12 – 6.5 часа фалат од печка 4

Во рамки на само 3 дена фалат податоци за 20 часа. Но нивниот сајт, УСЈЕ објавуваат сумирани дневни извештаи, што значи дека овие дупки не може да се видат. [2] Баш корисно, зар не?

Што правиме дека ова се само 2 од 12 емисиони точки на УСЈЕ? [3] Зошто не се мерат другите?

Со лажирање на податоци, со намерно неприкажување на целосната слика, се креира наратив дека индустријата се златца кои никогаш не би се осмелиле да посегнат по здравјето на граѓаните. Како беше омилениот наратив на политичарите, „индустријата не загадува“? – вели Јовановски…

Загадувањето е БИЗНИС

Загадувањето е бизнис кој го плаќаме со нашето здравје, објаснува Марјан Ненов.

– Нема ништо полошо од тоа децата да ни ги загадат, да ни ги отрујат, да ни ги уништат, тоа е најголем геноцид. Тие не размислуваат така, нив не ги интересираат луѓето, тие загадуваат бидејќи сакаат да заработат повеќе. Големите загадувачи прават што сакаат бидејќи тие се тие што ги поставуваат “големите луѓе” на одредени функции, на пример министер за животна средина, заменик министер, директор на Инспекторат за животна средина, тоа е се политички, а ова го плаќаат граѓаните со својот живот и со своето здравје, вели Ненов.

А која е ЦЕНАТА што ја плаќаме?

На почетокот споменавме дека гушење и кашлање како најчести симптои воопшто не се најстрашни, многу пострашни се тие за кои никој не разговара.

Која е цената што сите ја плаќаме за загадувачите да се богатат ја прашавме Доцент Д-р. Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

– Нашето население воглавно се плаши од краткорочни изложености на загаден воздух, нормално дека во тие услови прво реаираат најчувствителните групи на населението, хронично болните, малите деца, бремените жени, старите лица или оние кои работат професионално изложени надвор на тие високи концентрации на високо загадување, воглавно со ПМ честички, објаснува Димовска.

– Мозокот и централниот нервен систем и те како е афектиран уште во утробата на мајката на детето, така да последиците се видливи некаде после првата година кога детето заостанува во развојот, во смисла се почеста појава и зголемена стапка на аутизам, некое нарушување од аутистичниот спектар или пак во покасната возраст кога детето има интеракција со надворешната средина, појава на АДХД синдромот, односно синдром во кој доминира недостаток на внимание, објаснува докторката.

– Утробата на мајката наместо да биде најбезбедното место на светот за тоа се уште неродено дете, за жал не претставува така безбедно место затоа што зборуваме за лебдечки честички кои имаат многу јак воспалителен и оксидационен потенцијал, рече Димовска.

Докторката објасни дека децата родени од мајки кои за време на бременоста живееле во загадени средини може да се родат со понизок коефициент на интелигенција од нивните врсници од незагадените средини. Тој недостаток веројатно нема да може да се надокнади ниту во понатамошниот раст и развој на детето, особено не ако повторно е изложено на високо загадување…

И да, кашлањето очигледно не е најстрашниот проблем кој го предизвикува загадувањето, многу пострашно е што предвреме ги осакатуваме идните генерации…

Ќе им застане ли некој на патот на олигарсите кои не трујат?

Се досега напишано е страшно, но на крај сепак се поставува прашањето: Ќе се охрабри ли Обвинителството да им застане на патот на загадувачите за чии профити плаќаме со нашите животи?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска најави поднесување кривична пријава против Цементарницата Усје по три членови од Кривичниот Законик ( чл. 218 – Загадување на животната средина и природата, чл. 230 – Загрозување на животната средина и природата со отпад и чл. 234 – Тешки дела против животната средина и природата).

“Топката” сега е во рацете на Обвинителството. Ќе се охрабрат ли да го запрат труењето на скопјани?

ЛИНК од видеото

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заедничка акција на македонското и косовското Обвинителство:…

Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во…

Обвинителството итно отвори предмет за диверзијата во…

По информациите во јавноста дека на Институтот…

„Очекувам истрага и кривична пријава“: Пандов доставил…

В.д директорт на Управата за извршување на…

Апелација го ослободи Марјан „Доказ“ за обвинението…

Апелациониот суд го ослободил Марјан Стаменковски од…

ОЈО и ДКСК веднаш да го истражат…

Волкот го менува влакното, но не и…