ВМРО-ДПМНЕ нема да има свои кандидати никаде каде што Влен ќе кандидира свои градоначалници
Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди со заемна поддршка уште во првиот изборен круг ќе настапат на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври. Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе со кандидати за градоначалници во општините каде што ЗНАМ и Вреди ќе номинираат кандидати. Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ првпат ќе нема кандидати во Тетово, Струга, Гостивар… но и во Куманово и во Центар. Стратегијата на владините партнери е во повеќето општини да победат уште во првиот изборен круг, односно да имаат сигурен пласман во вториот изборен круг.
Мицкоски изјави дека во добра насока се движат преговорите и со партијата на Максим Димитриевски и со коалицијата Вреди.
– Што се однесува до ЗНАМ, тука имаме принципиелен договор дека тие одат со свои советнички листи, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со свои советнички листи и во оние општини каде што ќе одлучиме да поддржиме кандидат, дали тоа ќе биде на коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ или ЗНАМ, едните или другите нема да истакнат свој кандидат и ќе се поддржуваат меѓусебно. Во конструктивна насока се водат преговорите и очекувам успех – рече премиерот.
Според партиски извори, веќе е договорено ВМРО-ДПМНЕ за Куманово да ја поддржи кандидатурата на актуелниот градоначалник Димитриевски, како и кандидатот на ЗНАМ за скопската општина Центар. ЗНАМ уште нема одлука кого ќе номинира во Центар, а во игра се д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација, и заменикот министер во Министерството за енергетика, Мирослав Лабудовиќ. Партиски извори брифираат дека ЗНАМ настојува да обезбеди уште една до две помали општини, каде што тие ќе имаат кандидат за градоначалник, како што се Старо Нагоричане, Дојран, Валандово и Крушево. ЗНАМ во првиот изборен круг ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а неофицијално, партијата на Димитриевски ќе обезбеди поддршка и за кандидатите на Вреди, за што, пак, очекува поддршка од албанскиот владин партнер, особено за Куманово. ЗНАМ се очекува неделава да излезат со јавна поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Мицкоски потврди дека и со Вреди очекува договор за поддршка уште во првиот изборен круг.
– И со коалицијата Вреди очекувам уште во првиот круг во одредени општини да ги поддржиме кандидатите на оваа коалиција, затоа што силно веруваме дека политичката партија што повеќе од 20 години не направи ништо, на која примарно им беше да издаваат лиценци за марихуана, да отвораат казина, да купуваат трговски центри, скапи дуќани во центар на град… Мислам дека треба да биде поразена на овие избори и да замине во историјата на македонската политичка сцена – рече Мицкоски.
Како што веќе објавивме, разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се во насока партијата на Мицкоски да нема кандидати за градоначалници во Тетово, каде што уште во првиот круг ќе го поддржат актуелниот градоначалник Билал Касами, во Струга ќе застанат за бизнисменот Менди Ќира, кој веќе ја доби поддршка од Вреди, а во Гостивар најверојатно Вреди ќе истрча со универзитетскиот професор Висар Адеми. Според брифинзите, ВМРО-ДПМНЕ ќе нема кандидати за градоначалници ни во Чаир, каде што кандидат се очекува да биде првиот вицепремиер Изет Меџити, но и кандидатите на Вреди во Сарај, Теарце, Врапчиште, Желино и во Боговиње. ВМРО-ДПМНЕ, пак, од Вреди очекува поддршка во првиот круг во Скопје, Бутел, Гази Баба, Крушево, Ресен, Ѓорче Петров…
Од СДСМ веќе информираа дека ќе немаат кандидати во Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Чаир, Дебар и Желино, а на поддршка во Скопје, Куманово и други општини се надеваат од Европскиот фронт или, како што сега го нарекуваат, Национален фронт, за во него да го смести и делот од Алијанса на Албанците предводен од Арбен Таравари.
Извор: Слободен Печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ нема да има свои кандидати никаде…
Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди со…
МВР: Постапуваме по случајот со нападот на…
Полицијата постапува по наводите за напад на…
СДСМ: Предупредување од УНЕСКО, Мицкоски и Пецаков…
Реакција на СДСМ по повод заканата за…
Се бара притвор за пироманот кој предизвика…
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) СТРАШНО НЕВРЕМЕ ВО БЕЛГРАД: Неколку лица…
Пет лица се повредени денес во Белград…