Во петок е Петровден, а во сабота Павловден – празници за кои се поврзани голем број народни верувања и обичаи

t

Во петок на 12 јули е Петровден, а во сабота на 13 јули е Павловден, празници со кои се поврзани многу обичаи во Македонија

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва. Според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел, а некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.

Именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна. Следниот ден празнуваат: Павле, Пајо, Павлина…

Во Лазарополе и Галичник, Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во двете села на тој ден имало по 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Светиот апостол Петар е роден на брегот на Галилејското Езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен.

Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим кога владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на христијанството е и светиот апостол Павле.

По Петровден доаѓа Павловден, ден на апостолот Павле кој не бил меѓу оние познати 12 Христови апостоли, но поради многуте заслуги Светата Христова црква го ставила во редот на апостолите. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните, за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење. Но еднаш кога патувал за Дамаск за да се бори против христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ „Кој си ти?“ – прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!“ – одговорил гласот. „Господе, што да правам?“ – запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Таму ќе ти кажам што да правиш!“ Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на христијанството станал негов најголем афирматор.

Преданието за Петар и Павле вели:

-Петре и Павле биле браќа – побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј жоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. –Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…

Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…

Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…

Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…

Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…

Кривичен ја одби жалбата за притвор на…

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…

Владата со препорака Службен весник да ја…

Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…