Глупоста на бугарскиот Homo sapiens, вечна и непобедлива: Цел живот создаваат историја по бугарски тертип
Македонија: Историја, историчари и историографија(2.)
Глупоста на бугарскиот Homo sapiens (Радев, Јотова, Димитров…)
Радев urbi et orbi покажа дека понижувањето и самопонижувањето се резервоар на неговата суровост и генератор на неговата злонамерност. Со тоа докажа дека глупоста е вечна и непобедлива.
Секојдневно се среќаваме со зборот историја. Овој поим не учи за веродостојноста на минатото како непрекинат тек и развиток. Историјата е и наука која го проучува минатото. Ни дава веродостојни информации, факти и сознанија за луѓето, настаните и вкупните збиднувања во минатото, приказ и приказна за се што се случило во животот на човекот, како и во организацијата, функционирањето и егзистенцијата на општествените заедници.
Историската наука ги проучува и ги објаснува настаните и појавите во минатото; ги споредува, ги поврзува и така најпрвин ги дефинира, па им го определува значењето и на крајот ги открива нивните меѓусебни врски – во смисла на усогласеност и/или спротивставеност и контрадикција на едни со други. Историската наука уште се нарекува и историографија. Луѓето кои го проучуваат минатото се викаат историчари. Тие ги објавуваат своите истражувања и сознанија за минатото во разни книги, списанија, енциклопедии, атласи, преку научни и образовни емисии на радио и на телевизија, секојпат темелени на веродостојни факти, издржани аргументи, и содржани во проверени и потврдени историски извори, т.е. артефакти. Тоа е правилната, позитивната страна на историјата, историографијата и историчарите, зацртана од науката и нејзините творци.
Така е во слободарскиот, добронамерен и нормален свет. Ама тоа не важи за Бугарија, нејзините политичари и историчари. Тие цел живот создаваат историја по бугарски тартип. Основни принципи им се историската невистина и патолошката лага во врска на тоа што навистина се случувало низ историјата. Најефикасен метод им е историски ревизионизам, спроведуван со помош на фалсификати и ретуширања.
И така таа килава политика изнедрува политичари како Илијана Јотова, која дојдена на гости во Македонија, без срам и перде, “мртва ладна“ ќе изјави нема Македонци во Бугарија, што е под-теза на главната им теза дека нема Македонци воопшто, демек сите се Бугари. Со неа под мишка е фатен и историчарот блгарски, Ангел Димитров, кој како паднат од Марс, изјавува дека Македонија и ние Македонците немаме историја, историографија и историчари. Додека ја пишувам колумната, моите наводи и констатации, ги потврдува, никој друг, туку Румен Радев, претседателот на Бугарија, кој пак “ничим изазван“, преку негов президентски перформанс, во вид на редок театар на апсурдот и глупоста, изјавува дека “десетици илјади Бугари се убиени во концентрационите логори во Македонија“.
Тука, простете, ама морам да истакнам дека Радев самиот се прикажува како модерен Кортес, духовно и душевно преполовен. Зошто сум толку остар? Па затоа што Радев, лично и персонално, Глупоста(ако сакате и Предрасудата), ја инаугурира во “Царица на историјата“. Прави, злонамерен злостор со предумисла, така што ја первертира вистината, според можниот критериум на нејзината историска применливост. Најточно: Цинично и перверзно вистината станува жртва на неговата глупост во моментот кога ја изговори. Тој е жив пример дека бугарските вредности ја изгубиле сета своја вредност. Убедливо ни докажува дека во Бугарија, во нејзината злонамерна политика и во фалсификуваната им историја се е изместено од својот зглоб, и е во контрадикција со постојниот нормален ред на нештата во реалноста.
Е мој Радев, Радев, Радев….Сирот ти. Па и врапчињата на гранките знаат дека сатрапниците и злосторниците од минатото се од/во Бугарија. И малите деца научија дека грозоморните хомоциди, етноциди и геноциди, ги извршуваа Бугарите врз Македонците. Генерации и генерации од историските читанки научија дека стравовите, ужасите, национализмите, шовинизмите, сите масовни кланици и интелектуални шизофрени заговори и расколи, водат потекло од Бугарскиот егзарх, Бугарскиот кнез, Бугарските врховисти и од Бугарската фашистичка чизма. Од Бугарија кон Македонија и за Македонците. А не обратно, како што ти сакаш да первертираш. Јалов ти е обидот за катарза на вашиот бугарски јаничарски сталинизам. Те издаде твојот ендемичен провинцијализам.
Тоа ти се трите деструктивни и грди лица на бугарскиот Homo sapiens. Ете, тоа е таа бугарска историска романтика: Да има Македонија, ама да нема Македонци. А тоа во основа е Македонија без дефиниција и есенција, што пак значи, Македонија без минато, сегашност и иднина.
Морам да го разочарам овој б’лгарски двоец без кормилар (а сега богами и дуо-трио, со Радев), составен од ментално шугава политичка и морално алипен историчар, плус фан на госпоѓата Stultitiae. Ширењето на вашите бугарски магли и магми не ви е од корист. Поточно, оди во корист на вашата штета. Самите си ја откривате вашата ментална голотија и морална беда. Цел свет ги знае сите јунаци, големи маченици и бројни страдалници на нашите незавршени и во крв задушени востанија, ги памети нашите големи гемиџиски саможртви, се сеќава и им оддава почит на героите на Илинденската епопеја, на народните херои на антифашистичката и ослободителна НОБ/НОВ, ја признава(минус Бугарија и Грција) и потврдената македонска државотворност на АСНОМ, ама само вие останавте слепи, глуви и без рацио за овие историски факти и артефакти.
На крај што да кажам за типови како Радев, фаци како Јотова и ликови како Димитров? Тие едноставно доминираат во јавноста на Бугарија? Тоа ти е бедна ментална голотија и срамна морална беда. Толку.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…