Груевски ги разрешува дилемите околу “Чебрен”: Кој треба да гради, како, дали може државата или мора да има концесија?!

t

Поранешниот премиер, Никола Груевски, на Фејсбук ги разрешува дилемите кои настанаа околу изградбата на ХЕЦ “Чебрен”. Груевски ги разгледува тезите кои ги поставија политичарите, но и експертите и открива што размислувала Владата предводена од него во врска со овој капитален проект.

Во продолжение, во целост ви ја пренесуваме објавата на Груевски на Фејсбук:

– Крикот на експертите околу концесија на ХЕЦ “Чебрен” и ризиците заради кои не брзавме за да не направиме долгорочна штета

Извесно време во јавноста има дискусии и јавни настапи на експерти од областа на енергетиката околу концесијата за хидро-електраната “Чебрен” и тоа најчесто во правец:

1.Дали треба да се даде под концесија под условите кои се понудени во моментот, кои воопшто не личат на добри споредено со понудите во минатото. Уште повеќе имајќи во обзир дека потенцијалниот концесионер на “Чебрен” од соседната држава пред некоја година во екот на решавањето на прашањето за името и идентитетот на државата ја купи приватната фирма за енергетика на тогаш актуелниот подпретседател на владата на Република Македонија.

Меѓудругото ова значи дека таа фирма од соседната држава веќе е сопственик на најголемата фирма во Македонија за трговија со струја, и од тој агол трговијата со т.н.пикова енергија, која е најскапа, станува особено атрактивна за нив.

2.Дали воопшто треба да се даде под концесија или државата треба да ја изгради сама, што е еден од предлозите на енергетските експерти; и

3.дали треба да се даде под концесија на доминантно државна компанија на соседна земја во услови кога истата со водите може да управува на начин кој примарно ќе ги штити интересите на таа соседна земја. Уште повеќе ако од истата соседна држава друга многу голема компанија, во која исто како и во фирмата што се планира да ја добие концесијата на “Чебрен”, веќе контролира 95% од нафтениот пазар во Македонија, соседната држава преку државни фондови е акционер на многу голем удел, односно над 35% од акциите, поединечно и во двете компании.

Експертите не скриено го отвораат прашањето за енергетскиот суверенитет и енергетска независност, особено во контекст што концесионерот доаѓа од соседна држава со која можеби некогаш ќе се појават спротиставени интереси.

Овие прашања и многу други детали и ние како тим опсежно ги разговаравме во време кога ја предводев владата, често и со поделени мислења и спротиставени ставови, што беше една од причините заради која ангажирав и надворешни советници, за да помогнат во процесот. Ние не ја издадовме концесијата, и тоа некој може да ни го смета како неуспех, но бевме многу претпазливи и не направивме штета. За разлика од тогаш, сега најголемиот дел од експретите покажуваат голема вознемиреност, тврдејќи дека со издавањето на концесијата по овие услови ќе се направи штета на државата.

1.Концесијата на Чебрен е тешко, комплицирано, сложено, многу експертско, мулти-секторско, но во одредени делови и политичко прашање. Тоа е предизвик со кој се соочуваше и владата која ја предводев во минатото, за што имавме многу предизвици, многу консултации со стручни лица и дебати по сите сегменти на овој процес.

Вреди да се слушне или прочита дебатата и ставовите на експертите во последните недели и месеци кои се приложени подолу на крајот од овој текст преку линкови. Владата треба добро да размисли на нивните укажувања и да не брза.

Условите кои се понудени се чини дека не се поволни за Македонијa.

Мислам дека владата ако дава концесија треба да се потруди да обезбеди посилна конкуренција и подобри услови.

Треба професионална и долга анимација на компании од областа, со цел кога јавниот повик ќе се објави да има поголем број заинтересирани и поголема конкурентност и избор. Некои држави за таа цел ангажираат специјализирани консултантски куќи. Тоа не е лесна задача, бидејќи интересот не е преголем, но не е невозможна поголема конкуренција.

2.Дали треба ХЕЦ Чебрен да ја гради и стопанисува државата сама со средства кој самата ќе ги обезбеди на кредитниот пазар, или да ја дава на концесија со што ќе и биде вратена назад во сопственост после неколку децении експлоатација а во меѓувреме ќе добие дел од приходите?

Некогаш се бараа 49% од приходите да и припаднат на државата одкако концесионерот ќе ја изгради електараната, а денес се зборува за само 33% од приходите.

Првиот одговор на секој човек со просечно искуство во водење на државна економија е дека треба државата да ја гради и стопанисува сама. И нема ништо лошо во тоа.

Но, износот потребен за изградба на централата е огромен, а државата има одредени граници, лимити во задолжувањето, кои одкако ќе се надминат, или многу тешко може да земе заем за други проекти, или може да земе, но со многу повисоки камати кои ќе ги плаќаат идните генерации и притоа токму заради презадолженоста и високите камати ќе се здобие со понизок кредитен рејтинг, што уште повеќе ќе и го усложни пристапот до (поволни) кредити. И секако во таков случај во иднина голем дел од буџетот би одел на враќање на стари кредити.

Потреби за изградба на проекти државата и граѓаните имаат многу. Многу повеќе одколку што може да се задолжи земјата.

Од друга страна оваа власт нема започнато градење на ниту еден сериозен државен производен капацитет за струја во нејзиниот мандат мандатот, како што ние на пример ја изградивме ходроелекраната Св.Петка кај Скопје, која обезбедува струја за над 40 илјади домаќинства, која беше започната, па заглавена во проблеми и подолго време во застој, одкако не ја превземавме, ги решивме проблемите и ја изградивме. Или градбата на државниот парк на ветерници во југоисточниот дел на земјата и обезбедувањето кредит и проект за неговата втора фаза.

Оваа влада, не обезбеди нов капацитет на јагленова руда за РЕК Битола како што ние претходно направивме со инвестиција во проширување на рудните капацитети за јаглен во битолскиот регион. И на сето тоа оваа вода прифати од 2026 година да се исклучи едниот блок, а од 2030 целосно да запре работата на РЕК Битола. Тоа во комбинација со факот што повеќето изградени фотоволтаични системи се приватни инвестиции чија струја нема да биде по преференцијална цена, доведува до тоа наскоро најголем дел од струјата да се увезува по многу повисока пазарна цена, што ќе биде сериозен економски удар.

Одтука се наметнува прашањето дали можеби навистина ситуацијата не е веќе толку многу алармантна што и изградбата како државна инвестиција на оваа и други хидро, фотоволтаични или ветерни електрани или пак електрана на нуклеарна енергија со ангажирани експерти од странство за градење и нејзини управување, не се веќе од приоритет повисок од останатите приоритети.

Во основа владите се обидуваат онаму каде може да биде нешто интерес за концесија од приватниот сектор, да се искористи тоа, па објектот да се изгради, а државата неколку децении само делумно да ги ужива придобивките, а целосно да го добие назад подоцна по истекот на концесијата, а сопственото задолжување на државата да се насочи за неопходни проекти за кои многу тешко или не е можно, или не е во ред, да се обезбеди или даде нешто на концесија.

На пример, автопатите се многу комплицирани и не исплатливи за концесија и во Европа има многу ретко успешни проекти во тој дел.

Одтука за да се даде одговор на прашањето дали треба да се даде на концесија хидроелектраната Чебрен, треба да се имаат на маса сите позначајни покрупни проекти кои владата сака да ги финасира, и да се одредат приоритети за задолжување, за нешто што ќе биде само државно, и што од останатото може и треба да се даде на концесија.

Тоа е одговорност и одлука на секоја влада и парламент. Ако така одлучи владата тоа може да биде и предмет на консултации до граѓаните преку референдум, во смисла кои проекти тие ќе ги означат за приоритет, но може и самата да одлучи особено ако сето тоа го најави прецизно и транспарентно во предизборната кампања, која одкако ќе добие најголема доверба, би се одело на нејзина реализација.

3.Третото прашање е дали ХЕЦ Чебрен треба да се даде на доминантно државна компанија од соседна земја.

Тоа беше големо прашање и за нас, бидејќи таква компанија се јавуваше и на нашите меѓународни повици за концесионер особено во последните години, колку што се сеќавам.

Некои експерти сметаа дека тоа не смее да се случи, а други велеа дека не пречи и дека во крајна линија државата има механизми да се справи со тоа ако направи добар договор. Може да има, ако тие механизми се прецизно и стручно напишани во договорот, но ризик од спорење по одредбите во договорот постои.

Исходот од нашата работа на овој проект е познат и концесија не се издаде на компанија во доминантна државна сопственост на соседна држава.

Би сакал да дадам одговор на едно прашање кое било дел од дискусијата на оваа експертска расправа, а тоа е зошто пропадна германската понуда за изградба на ХЕЦ Чебрен која нудеше 49% од сопственоста да биде на ЕСМ и концесија со период од 39 години, а сега се прифаќа понуда со 33% сопственост и 60 години концесија.

Пропадна затоа што во последен момент пред да се случат конкретни чекори и одлуки германската влада донесе одлука за затворање на сите нуклеарни централи во Германија, нешто што ненадејно беше предизвикано од хаваријата на нуклеарна централа во Јапонија.

Тоа во корен ги промени плановите и перспективите на најголемата државна германска компанија за изградба и управување на крупни енергетски проекти, нејзинте пресметки станаа различни и таа природно доби предизвик да се справува со новите предизвици во Германија, кои произлегоа од одлуката која имавме впечаток како и нив да ги изненади.

Така тие во последен момент се повлекоа. Да не беше тој настан и таа одлука, тие веќе имаа донесено одлука да влезат во овој проект под услови кои беа далеку поповолни од сегашните, и сигурно во меѓувреме ХЕЦ Чебрен ќе беше завршена. Пресметките кажуваа дека во тоа време градбата на “Чебрен и Галиште” во тие 7-8 години на градба можеа да влијаат и со 2 процентни поени повисок раст на БДП во Македонија за време на градбата.

Уште две важни нешта, иако за оние кои ги интересира темата има уште многу важни нешта подолу во линкот како дел од дискусијата и јавните настапи на експертите во енергетската област, каде се вклучени многу аспекти меѓу кои и разликата од пет пати поскапо помеѓу преференцијалната цена на електричната енергија која сега ја испорачува ХЕЦ “Тиквеш” како електрана во државна сопственост и подоцна кога таа би била одстапена во пакетот со концсијата на ХЕЦ Тиквеш кога би се испорачувала по пазарна берзанска цена, а разликата ќе ја платат граѓаните .

Многу е важен договорот за водите помеѓу соседната земја и Македонија. Реката “Црна” е главната притока на реката Вардар. Всушност, реката Вардар добива класификација на река со воден потенцијал на реката Црна, на која веќе има една централа.

Постојат два главни проблема со договорот за да го добие државната компанија на соседната земја:

1.Договорот за регулација на водите помеѓу двете земји, е прашње и битка која допрва треба да се отвори. Со тој договор треба да се регулира водостојот на реката Вардар и колку количини вода МОРА да се испорачаат во соседната земја.

Зошто е тоа важно?

Ако сакаме да наводнуваме повеќе со водите од Црна во летниот период, се поставува прашањето како ќе го регулираме тоа ако водниот потенцијал ни е во рацете на соседната земја?

Оваа концесија во голема мерка ќе ја регулира водата како најважен ресурс и дел од електричната енергија.

Многу истражувања покажуваат дека иднината е во вода, храна и енергија.

2.Проблематично прашање е како ќе се регулира хидроелектаранатата Тиквеш. Тиквеш е голем регулатор и баланс на енергетскиот систем во Македонија. Државна електрана која го регулира системот. Ако сега таа улога ја дадеме на компанијата на соседната земја, “Тиквеш” ја губи таа улога. Односно сега компанија од соседна држава треба да ја регулира електрична енергија во Македонија. Надлежните институции веројатно знаат дека капацитетот на ХЕЦ “Тиквеш” ќе биде преполовен и државните електрони ќе имаат дополнителни загуби.

Кога се прават вакви капитални инвестици сите држави и нивните водачи, а вклучувајќи ме и мене и мојот тим имавме еден главен параметар а тоа се вика “oportunity costs”, нешто што мислам дека одговорните не ја научиле таа лекција или воопшто не знаат за тоа. Треба да се пресмета! Па добро да се објасни и дебатира со енергетските и еконосмко-финасиските експертите кои не се дел од институциите на власта, со цел да не ја плаќаат цената генерации во иднината.

Бидејќи станува збор за неколку значајни работи: вода, земјоделие, зголемување на цена на струја за домаќинствата и компаниите, односно поскапа струја, монопол на пиковата електрична енергија…Можете да замислите дека оваа компанија имајќи ги Тиквеш кој сега е повеќе со пикова енргија и особено имајќи го Чебрен кој ќе го превземе тоа, ќе продава струја која е супер скапа, и ќе го регулира и балансира системот. Ќе може да продава увозна оф пик електрична енергија и пик електрична енергија од Чебрен. Со тоа ќе биде конкурентен и ќе може улогата на стабилизатор да ја превземе компанијата од соседната држава во која голем акционер е нејзината држава, исто како што е голем акционер истата држава и во компанијата која како што кажав контролира околу 95% од пазарот со нафта во Македонија.

Ние сакавме да се реализира проектот и да се изгради ходроелектраната, но не по секоја цена. Не по цена на штета на Македонија, македонската економија и граѓаните. Не сакавме да им ја прифатиме секоја желба на инвеститорите, ниту пак да работиме со инвеститор со кој може да има долгорочни ризици и штети.

За почеток би било добро владата да го објави и да го стави на јавна расправа нацрт договорот со потенцијалниот концесионер, и да даде барем еден месец време за дискусија на стручната фела која во оваа фаза јавно тврди дека договорот е штетен за републиката а од голема корист фирмата концесионер од соседната земја. Тие укажуваат и на одредени и сериозни правни пропусти и грешки во постапката.

Се разбира од таа јавна расправа да произлезе дали со таков нацрт договор треба или не треба да се издаде концесија.

Само така може Македонија да излезе со успех во овој проект, а владата да покаже дека има чесни намери.

ЛИНК од објавата на Фејсбук

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Експлозија во хидроелектрана во Италија: Има повредени…

Најмалку четири лица се тешко повредени, а…

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…