Груевски го честиташе Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор
Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук го честита Денот на ослободувањето на Скопје. Во чест на денот тој напиша:
Денес е 13. Ноември, денот кој се смета за ден на ослободување на Скопје од фашистите во 1944 година. Нека е честит и вечно да се слави!
Денес се потсетуваме дека операцијата за ослободување на Скопје започнала одкако се ослободиле неколку други градови како Штип и Велес на пример и од повеќе страни партизанските единици се упатиле кон Скопје за да пристапат од неколку страни на градот.
Операцијата започнала на 11. Ноември а завршила на 14. Ноември утрото кога сеуште во улични битки се чистел градот од остатоците на непријателските сили. Ослободувањето на Скопје била тешка воена операција бидејќи како што наведува генералот на партизанските единици во Македонија Михајло Апостолски “Скопје го бранеа главно 22-та германска пешадиска дивизија со 47-от и 65-от полк и некои делови на 11-та воздухопловна полска дивизија. Меѓу нив беа вмешани и помали делови и борци од разни други единици на Леровата армиска група „Е“. Пред Качанич- ката Клисура беше тврдинската бригада „Ангермилер“ (Angermüller). Во борбите зедоа учество: германска пешадија, артилерија, инженерија и нешто тенкови. Авијацијата не учествуваше. Германските сили Скопје изнесуваа вкупно околу една дивизија”.
Познато е дека претходно на 6 Септември бугарскиот окупатор почнува да ја напушта Македонија. На 6 септември 1944 година во штабот на Петтата бугарска армија била примена наредба сите делови да се соберат на 9 септември во Прилеп и да се движат источно од реката Вардар. Во меѓувреме, командантот генерал Александар Попдимитров склучил договор, на 7 септември 1944 година со германскиот штаб во Скопје, за „симболична војна“ на двете земји во Македонија. Ова негово дејствување ги деморализирало бугарските војници и одиграло фатална улога. Така започнало повлекувањето на Петтата бугарска армија од Македонија, што било дезорганизирано и хаотично и многу војници биле уапсени од Германците. Само 17-та пешадиска дивизија, која се наоѓала најблиску до бугарска граница успеала целосно да се повлече, а 15-та дивизија единствено се спротивставила и водела борби со Германците во Битола и Прилеп, а потоа се повлекла во мали групи кон Бугарија.
Македонците и нивните сојузници, југословенските партизани, без оглед на новата состојба во Софија, кон бугарската држава се однесувале како кон непријателска сила, имајќи го на ум фактот дека Бугарите биле сојузници на фашистите.
Во текот на ноќта на 8 спрема 9 септември во услови кога започнала советска окупација, левите офицери ги презеле клучните пунктови во Софија, каде доаѓа до политички преврт. Така во пракса, воените дејствија против Германците почнуваат по доаѓањето на власт на владата на Татковинскиот фронт на 9 септември. Тој бил предводен од Кимон Георгиев од политичкиот круг „Звено“ кој веднаш потпишал примирје со Советскиот Сојуз. Во таква ситуација како најголем стабилен партнер на новата влада се јавил т.н. „Национален комитет за ослободување на Југославија“.
Како резултат на тоа, на 5 октомври 1944 година во Крајова, Романија се склучил договор за воена соработка меѓу Бугарија и претставници на отпорот од окупирана Југославија. Во меѓувреме, Бугарија се повлекла и од централните делови на Егејска Македонија кон крајот на август.
Бугарската војска под нова власт и команда подоцна се навраќа во Македонија во својство на сојузник со цел да помогне во ослободувањето, чекор кој уште тогаш се третирал како чекор со позадина во дејствувањето.
Генералот Михајло Апостолски е командант на партизанските сили во Македонија во тоа време и бидејки речиси 70 години никој се не беше сетил да му оддаде признание со поставување на негов споменик во главниот град на државата која под негова Виена плаќа е ослободена од фашистите, тоа го направивме во нашиот мандат некаде околу 2012-2103 година. Споменикот на генерал Михајло Апостолски на коњ е поставен на многу маркантно место, кај хотелот Континентал во Скопје и секојдневно стотици илјади возила кој поминуваат покрај споменикот од различни страни го имаат на видик што треба да е вечно сеќавање на главниот командант на НОВ во НОБ за Македонија.
Михајло Апостолски по функција имал најдобар увид што се случувало на теренот во тие критични денови и часови од 11.до 14. Ноември 1944 година. Тој има напишано свои мемоари во неколку томови во кои покрај другото детално го опишува ослободувањето на Скопје од воен аспект и од аспект кој единици од кој дел на Скопје пристапиле и со кои единици на окупаторот се судриле.
Меѓутоа има и еден дел кој целосно е посветен на побивање на тезата дека бугарската војска учествувала во ослободувањето на Скопје, на чело со полковникот Попов. Се сеќавам по снимањето на филмот “Ослободувањето на Скопје” во режија на Раде Шербеџија а кој го финаираше владата која ја предводев, имаше реакции од политичарите од Бугарија кои тврдеа дека Бугарија го ослободила Скопје или дека во најмала рака учествувала во ослободувањето. Но дали е тоа така?
Генералот на македонските партизани Михајло Апостолски на пример во истото дело не крие и отворено пишува дека 1-вата бугарска армија заедно со кумановската НО дивизија го завзеле Куманово, што укажува дека тој немал предрасуди да потврди дека некаде бугарската армија помогнала, но исто така немал воопшто задршка кога требало да ги побие обидите за фалсификување на историјата во делот на одлободувањето на Скопје.
Фактот што уште во тие години се чуствувала потреба да се демаскираат невистините, укажува дека обидот за фалсификување на историјата од поединци од нашиот источен сосед воопшто не е нова тема, само сега ескалира.
Подолу е текстот посветен на пва прашање:
Цитат:
“Во времето кога единиците на НОВ и ПОЈ ја водеа битката за Скопје, 1-та бугарска армија, заедно со Кумановската НО дивизија, на 12 ноември го за зедоа Куманово. Предните делови на 1. бугарска армија пристигнаа во Скопје (14. XI. 1944) по целосното исчистување од Германиците и ослободување. Командантот на 1. бугарска армија не сакаше на 14 ноември да ги ангажира силите во борбите кон Тетово и Качаник, каде што единиците на НОВ и ПОЈ водеа многу тешки борби – со изговор дека нема наредба за продолжување со операциите. Некои офицери од Штабот на 1 бугарска армија се обидоа да одржат парада во Скопје – што беше забрането од главниот Штаб на Македонија. Ваквиот однос на тогашното раководство на 1-та бугарска армија јасно ги кажуваше великобугарските намери, што се огледува во желбата да се стабилизираш во Скопје, да му се прикажат на народот како “ослободители” на Македонија итн., додека за борбите против Германците не се грижиеа многу.
Што се однесува до 4-та бугарска армија односно нејзината 5-та дивизија таа ниту стигна до Скопје. Предните делови од оваа дивизија пристигнаа до Катланово од каде што по идна наредба на командантот и политичкиот комесар на Главниот штаб на Македонија беше вратена за Бугарија.
Да се осврнеме на прикажувањето на битката за Скопје од страна на некои бугарски водачи и воени автори. Тие всушност и не зборуваат за битката за Скопје, туку за “влегување” или “освојување”на Скопје.
Во низа статии под наслов “за Втората светска војна” од 1947 година, потковленкот Караиванов ја опишува битката за Скопје со една единствена фраза: “…армијата го освои Куманово, а на 14 ноември истовремено со единиците на 4-та армија и Скопје“. Според пишувањето на полковникот Кирчев и П. Иванов Скопје е ослободен на 13 ноември (значи еден ден порано од Караиванов).
Во една статија од полковникот Рашавелов (печатена во споменатиот „Воено-историски зборник“ вака се прикажува „ослободувањето“ во Скопје од страна на бугарските единици:
„1-та армија, без особени напори, на 14. ХI. го зазеде градот Скопје” и натаму, зборувајки за 4-та бугарска армија наведува: „на 13. XI. 5-та пешадиска дивизија влезе во Скопје, заедно со делови од 1-та армија”.
Во излагањата од споменатите бугарски автори се гледа значителна збрка што зборува за неточноста на опишаните тврдења. На пример: прво, не е утврдено кога е ослободено Скопје на 13 или 14 ноември! Според Рошавелов, изгледа и на 13 и на 14 ноември! Потоа, кај Рошавелов 1-та армија на 14 ноември го зазела Скопје, а веднаш потоа се констатира дека 5-та дивизија со делови од 1-та армија на 13 ноември влегла во градот (не наведува дали се водени борби), според кое испаѓа дека во еден град првин се влегува, па потоа тој град и се зазема!? На крајот, не се знае кој го зазел градот, 1-та или 4-та армија, или пак заедно и едната и другата.
Споменатите бугарски автори лесно го „ослободуваат” Скопје. Според нивните излагања, не се гледа дали воопшто се водени борби, а тоа е можно само затоа, што бугарските единици воопшто не учествуваа во битката за Скопје. Инаку, тие секако и би почувствувале дека во Скопје не беше можно лесно да се влезе. Тоа не беше марш на Скопје, туку тешка и крвава тридневна битка (еден ден на надворешната одбрана и два дена улични борби) во која учествуваа преку 15.000 борци на НОВ и ПОЈ против утврдениот германски гарнизон во бројност од преку 6.000 борци.
Одделно ке се задржиме на пишувањето на бугарскиот генерал Благој Иванов. Своите тврдења ке ги потркепиме со извесни документи од времето на самата битка.
Ќе ја изнесеме целата мисла на генерал Иванов, која се однесува на борбите за Скопје. Еве што вели тоj:
“Делови на полковникот Попов настапуваа на 12 ноември и на 13 ноември во 23 часот стигнаа на периферијата на град Скопје. Истата нок (значи на 13/14 ноември — наша забелешка) влегоа во градот. Попладнето (кој ден?,според редоследот на мислата би требало да биде на 14 ноември -наша забелешка) во Скопје влезе целата 2-ра пешадиска дивизија и водеше борби против германскиот гарнизон, заедно со југословенските партизани”.
А сега да направиме паралела меѓу она што го пишува генерал Иванов и вистинскиот развој на настаните:
1) Според развојот на битката, нападот на надворешната одбрана на Скопје започна на 11 ноември, тоа Иванов не го побива – значи се согласува. Во тоа време 1-та армија водеше борби кај Куманово.
2) На 12 ноември беше извршен нападот на самиот град и беа водени улични борби. Телеграмата испратена до врховниот командант на 12 ноември во 18.10 часот гласи:
,,Борбите за Скопје се во тек”. Ова Иванов не го порекнува, но за 12 ноември тој зборува дека делови на полковникот Попов го за- почнале настапувањето кон Скопје. Кога, во колку часот на 12 ноември го започнале настапувањето, од која линија и во каква бројност биле тие делови на полковникот Попов? За тоа не зборува Б. Иванов. Според податоците од полковникот Кирчев, командан- ти на дивизијата на 1-та армија беа генералите: Генчев, Тошев, Доцев (полковник Кирчев ,,Отечествена војна 1944—45″, стр. 45). Би можело да се заклучи дека полковникот Попов бил еден од командантите на полковите, а бидејки само неговите делови се појдени, значи на 12 ноември кон Скопје се тргнало со делови од составот на 1-та армија во бројност помала од 1 пешадиски полк. Само останува неодредено кога тргнале, од која линија и до која линија стиг- нале?
3) На 13 ноември во Скопје продолжија уличните борби. Радиограмата до Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ од 13 ноември во 11.20 часот гласи: „Нашите единици, водејки тешки улични борби во Скопје, завладеаја со дел од градот на десниот брег на Вардар, го освоија Душанов мост и се префрлија на левиот брег на реката…”
Според генерал Иванов, делови на полковникот Попов пристигнале на периферијата на Скопје на 13 ноември во 23 часот, а на кој дел од градот – не наведува. Меѓутоа, не се гледа дали воспоставиле врска со единиците на НОВ ПОЈ, дали наишле на некаков отпор од страна на Германците итн.
Единиците на НОВ и ПОЈ не забележаа доаѓање на единици на полковникот Попов на периферијата на Скопје што практично значи дека единиците на Попов не беа тука, зашто инаку би морале да бидат забележани и со нив ќе беше воспоставена врска; дотолку повеќе, што на правецот на Куманово се наоѓаше бочно обезбедување поставено од страна на единиците кои напаѓаа на Скопје и што истиот ден (13. XI.) попладнето пристигнаа во Скопје преку Катланово и командантот и комесарот на Главниот штаб на Македонија.
4) нокта на 13/14 ноември беше извршено чистење на градот од Германците. Радиограмата до Врховниот штаб од 14. XI. изутрината гласи: ,,Нашите единици го зазедоа град Скопје, вршат чистење на заостанатите непријателски упоришта“. Според Иванов, единиците на полковникот Попов влегуваат во градот (навистина, не зборува дали воделе борба или не! Тие само влегуваат во Скопје). Меѓутоа, првата патрола на бугарските единици од пра- вецот на Куманово пристигна кај бочното обезбедување на единиците на Главниот штаб на Македонија дури околу 5 часот изутрината на 14 ноември. Нокта на 13/14 ноември бугарските единици не стигнаа до Скопје.
5) На 14 ноември единиците на НОВ и ПОЈ откако наполно го исчистија Скопје, водеа борби во правецот на Качаник и Тетово. Радиограмата за целосно ослободување на Скопје од 14 ноември во 10.30 гласи:
,,Единиците на 42-та, Кумановска и 50-та дивизија на НОВ на Југославија (од Кумановската дивизија 16-та бригада т. е. две дивизии и една бригада – наша забелешка) на 14. XI. во 8 часот ја ослободија престолнината на Федеративна Македонија, градот Скопје, по дводневни жестоки улични борби”.
Според Б. Иванов, на 14 ноември „победоносно” влегува 2-та пешадиска дивизија во Скопје и води борба со германскиот гернизон – кој не постои, бидејки по 8 часот на 14 ноември нема Германци во Скопје (освен заробеници).
Да учествуваа бугарски единици во битката за Скопје и генерал Иванов и другите бугарски воени автори не само што ќе го опишуваа текот на битките, туку и ќе го дадеа и бројот на жртвите и големината на воениот плен, како што тоа редовно го прават за сите места каде што водеа борби (што е сосема нормално), но за Скопје такви податоци сè уште нема”, заклучува Апостолски. – напиша Груевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Царина ќе ги зајакнува контролите и присуството…
Унапредување на процесите на царинење преку унапредување…
ОБИД ЗА УБИСТВО НА БЕНЗИНСКА ВО СКОПЈЕ!
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(34)…
Тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…
Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…
(Видео) Андов: Ќе тужам за незаконското разрешување…
Ќе тужам поради незаконското разрешување од позицијата,…