Груевски до СДСМ: Седум години сте власт, наместо да делите храна за ПР преземете конкретни мерки за помош на бездомниците!
Добро е покрај маркетинг-кампањите, СДСМ реално да им помогне на бездомниците, пишува во објава на Фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски, коментирајќи ја акцијата на владејачката партија за готвење на храна за бездомници,
Груевски во објавата потсетува на мерките и работата на Владата предводена од него за згрижување и обезбедување на нормален живот за бездомните лица, првенствено низ Скопје, но и низ цела Македонија.
Во продолжение ја пренесуваме во целост објавата на поранешниот премеир Груевски:
– Гледам СДСМ има некоја маркетиншка кампања по повод јубилеј од основање на нивната партија во која на видео се снимале како приготвуваат вечера за бездомни лица.
Но, тие се безмалку седум години на власт и можеле, а можат и сега многу повеќе да им помогнат, па ако сакаат потоа нека направат десет, а не еден спот.
Односно треба да направат чекори тие лица да не се бездомни, туку со дом, и со понуда за работа или социјална помош доколку се работно неспособни.
Се сеќавам дека уште во првата половина на мојот мандат го бев повикал на разговор тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески со цел да се обидеме да ги згрижиме со живеалиште бездомните лица кои спијат по тротоари, влезови или подруми на станбени згради и сл. кои најмногу беа во Скопје, а и во други места исто така, и да се обидеме да ги вработиме или да ги ставиме под режимот на социјална помош.
Се сеќавам дека му реков дека ние како влада градиме и доделуваме многу социјални станови, но на најтешките случаи не им помагаме, бидејќи тие ниту следат медиуми и огласи, ниту аплицираат, а голем дел од нив и не се писмени. Дел од нив се и болни и не можат да работат па и да им дадеме стан нема да можат да си платат струја ако не работат или ако немаат социјална помош. Оставени се да умираат по улиците. Илјадници луѓе секој ден поминуваат покрај нив, некој ќе им остави некои ситни пари како помош, но најголемиот дел ги одминуваат како да не ги гледат, или не сакаат да ги видат. Згора на се потоа, и со право ја критикуваат државата што не им помогнала.
Државата, владата, министрите, институциите пак мислат дека помагаат на сите, но државата има систем на јавни огласи во медиумите, поднесување апликации, молби, жалби, барања, документи, што се заедно бара пари, снаодливост, следење на медиуми, образованост или барем писменост и елементарно здравје.
Но има луѓе кои ги немаат овие работи или ништо од тоа. Напуштени од сите, дел од нив зависни од алкохол, или со психички проблеми, некои неписмени, а некои и нема каде и како да следат медими, со одамна загубена надеж и во тешка апатија безнадежно умираат по улиците и воопшто немаат информација дека владата нуди помош и помага на луѓе со проблеми, но со помали од нивните. Тие немаат пријатели кои би им помогнале, сите бегаат од нив. Не одржуваат ни лична хигиена бидејќи немаат ни каде, а дел од нив имаат и болести кои не ги лечат”.
Претходно таква успешна акција имавме со децата без родителска грижа, и не се задржавме само на оние кои во тој момент требаше да го напуштат домот за деца без родителска грижа, туку отидовме десет, дваесет и повеќе генерации наназад, истражувавме по списоци од институциите кој од нив немаат работа и живеалиште за да им помогнеме.
Но со бездомниците беше поинаку, би рекол и многу потешко. Дел од нив ги знаев лично уште од времето пред да стапам на функција, а бидејќи како премиер често практикував од работа кон дома да се враќам пешки доцна во ноќта, најчесто по различни траси, во периодот од април/мај па некаде до септември/октомври голем дел од нив спиеја на самите улици, па така средбите беа чести.
Првата фаза беше да ги идентификуваме и да им понудиме помош.
Му реков на министерот дека оваа работа не смее да ја остави на некој службеник кој едвај чека да му заврши работното време, туку мора да има многу посветеност и да се пронајдат сите работејќи и попладне и навечер, а дека е добро и тој лично да се вклучи во теренскиот дел од работата.
Му реков и дека треба да биде тивко, надвор од медиумите, бидејќи ќе ги изложиме на дополнителни непријатности овие луѓе со многу тешка судбина. Дополнително ако темата стане многу актуелна може да се предизвика, со цел да добијат стан, на улица во присуство на медиуми повремено да се појават и да одглумат бездомници и други лица кои не се во така тешка ситуација, кои можеби немаат сопствен стан но имаат каде да живеат. Исто така не можеме да претпоставиме каква негативна кампања со цел компромитација на добрите намери може да почне опозицијата. А треба да им помогнеме на најтешките случаи, на најсиромашните меѓу сиромашните, најнапуштените меѓу напуштените и во многу случаи болни лица од некоја болест.
Затоа му реков, “оваа работа треба да се заврши тивко и да се помогне на луѓето”.
Миле Јанакиески си ја свати мошне сериозно и одговорно оваа задача и направи тим на чие чело се постави тој, и одлучи лично и речиси секојдневно да оди на терен и да ја заврши работата.
За почеток му ги посочив точките каде што редовно ги гледам овие луѓе во Скопје. Обиколката траеше во различни денови во повеќе недели, бидејќи дел од нив ги менуваа локациите иако поголем дел беа на иста локација постојано.
По некое време Јанакиески дојде да ми даде прв извештај. Некаде одеше лесно и брзо, но со неверување дека намерата е сериозна, некој токму ним заборавени од секого да им помогне.
Но во повеќето случаи одеше со тешкотии. Голем дел од нив немаа никакви лични документи, а често тоа беше поврзано и со нивни психолошко-ментални предизвици и идентификацијата одеше со проблеми.
Дел беа многу конфликтни или депресивни и одбиваа помош и соработка, па требаше долги убедувања, трпеливост, и разбирање.
Речиси сите немаа никаков телефон, па екипи ги бараа низ улиците, по подрумите и влезовите на станбени згради во реонот каде се претпоставуваше дека се.
Се носеа во МВР, им се земаа отпечатоци и се правеа максимални напори за идентификација на луѓето и добивање лични документи бидејќи без тоа не можеш некому да доделиш државен стан или било каква помош.
За дел од нив се организираше и лекарско згрижување за да дојдат во ситуација да се разговара со нив за целта која беше пред нас.
Сепак во поголем дел од оние кои ги пронајдовме завршивме со успех. Ги идентификувавме, им помогнавме да извадат лични документи, некои од нив и за прв пат во животот, таму каде имаше потреба од побрза лекарска грижа организиравме и тоа, добија парична помош, некои од нив на кои им следуваше социјална помош им помогнавме да пополнат документи бидејќи самите не можеа, и така Миле Јанакиески кој денес еве веќе седум години е предмет на тортура и политички прогон, заедно со неколку негови соработници буквално држејќи ги за рака ги носеа по институции и болници.
Оние кои беа работно способни им понудивме односно им помогнавме околу вработување, а на останатите социјална помош.
Неколку други министри беа запознаени за да помагаат во нивниот дел. За некого требаше да најдеме дипломи од завршено школо по архивите на училиштата за да може да се почитува процедурата за вработување бидејќи тие одамна ги немаат тие дипломи, за други да се извадат документи за социјална помош или грижа или документи за здравствени потреби итн.
На крајот останаа некои кои одбија помош. Веројатно и некои кои не сме ги сретнале или пронашле.
Најтежок случај на Јанкиески му беа неколку поголеми ромски фамилии кои му ги посочив дека беа во тоа време во импровизирани картонски живеалишта покрај кејот на Вардар недалеку од владата.
Тие не сака да преминат во државен стан бидејќи имале животни, коњ, кокошки и други и тоа им било начин на преживување за исхрана и работа. Миле водеше долги преговори со нив. Одкако ми раскажа, им понудивме да им изградиме куќи, но тоа требаше да биде во приградските населби каде има слободно земјиште, а тие беа навиканале да живеат во центарот на градот затоа што таму им беше најзгодно за прибирање приходи за живот и одбиваа да одат на периферијата на градот.
Не помогнаа ни објаснувањта дека тоа е центар на градот и многу граѓани реагираат што се дозволува некој така да узурпира јавен простор и да се создава непријатна глетка, па порано или подоцна можеби ќе мораат да се преместат некаде.
Укажувавме дека сега им се нуди помош, но утре ќе дојде нова влада и којзнае дали ќе имаат втора шанса.
Сите можни аргументи Миле седнат на импровизирани столчиња во нивното импровизирано живеалиште долго и во повеќе наврати им ги образложи но другата страна не можеше да се убеди.
Не се сеќавам како точно заврши таа неколкумесечна сага, но мислам дека тие луѓе останаа едни од оние со кои не успеавме да се разбереме, а кои во тој период успеавме да ги пронајдеме и да им понудиме. Не исклучувам дека некои не сме ги сретнале, нашле или на било каков начин не сме дошле во контакт, но не со намера. Напротив, сакавме секој бездомник да го згрижиме.
Тоа ме потсети на една случка во Либија во седумдесетите години кога неколку години по револуцијата Гадафи изгради државни згради за бедуините од кои и самиот потекнувал и без да ги праша, испратил војска со камиони, ги извадиле од пустинскире дупки, и ги донеле во становите наменети за нив во Триполи. Следниот ден ниту еден од нив не бил таму. Се вратиле таму каде знаат и можат да преживуваат.
Сепак, за краток период од 6-7 месеци, на многу луѓе со тешка судбина им ги решивме најважните проблеми, живеалиште и приходи (работа или социјална помош).
На голем дел од нив и здравствена грижа, лични документи и едноставно кажано нов живот. Не велам лесен, но сигурно помалку тежок од претходниот.
Тивко и нечујно. Не знам дали некоја друга влада вака работела и постапувала во Македонија, но ние со сите мани и слабости, грешки и пропусти, работевме со голема љубов и енергија да помогнеме секому кому можеме.
Ние бевме први кои отворија и државни народни кујни. Голем број, над 50 народни кујни и насекаде низ Македонија во многу општини.
Некои соработници ме предупредуваа дека тоа е маркетиншки ризичен проект бидејќи опозицијата ќе не нападне дека под наша власт сиромаштијата се зголемила па мораме многу народни кујни да отвораме, иако беше обратно. А демек претходно немало потреба. Им одговорив дека и во најбогатите земји во светот има сиромашни и бездомни лица и народни кујни за нив, го превземав ризикот и ги направивме.
Не сум чул дали и како функционираат денес. Не сум чул оваа власт да отворила една повеќе народна кујна. Не сум чул ни критика за тоа. Повеќето гледаат само за себе.
Ете така мислам дека се уште СДСМ може да им помогне на бездомните лица наместо приготвување една вечера со камери, осветлување, микрофони, режисери, камермани и други околу нив.
Немам против ако тогаш од тоа направат и политички маркетинг, но нека пружат поголема и реална помош и грижа.
Поминаа многу години и денес има многу нови бездомни лица, а веројатно и некој ненамерно пропуштен во нашите активности во минатото. Помогнете им! – напиша Груевски на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…
Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…
СДСМ: Гаши да одговора!
Откако не успеаја да го скријат скандалот…
СДСМ: И во наше време Османи сакаше…
Најголемата опозициска партија СДСМ упати низа обвинувања…
СДСМ до Мицкоски: Aко имаш докази објави…
„Откако дојде на власт, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ…
Филипче: МВР да истражи што се случило…
Недозволиво е за една ваква сериозна работа…