Груевски: Замислете кога сте болни наместо да ви даде лек, лекарот да ви стави крпа во уста за да не кашлате – Тоа го прави владата на СДСМ

t

Замислете кога сте болни и многу силно кашлате, лекарот наместо лекови да почне да ви ја решава силната кашлицата со затнување на устата.

Да ви каже ставете во устата една крпа и нема повеќе да кашлате. Можеби кратко време нема да кашлате со исти децибели, но со сигурност ќе умрете ако тоа трае доволно долго. Тоа тогаш не е лекар, туку убиец. За убиство се одговара.

Отприлика тоа им го прави владата на Македонија предводена од СДСМ (“лекарот”) на пекарите (кои кашлаат одкако цената на суровините за лебот и сите влезни трошоци се зголемија), вели поранешниот премиер Никола Груевски во нова објава на Фејсбук.

– Ама на владата и треба мир пред избори.

Не сака да слуша кашлање и во духот на реакцијата на еден политичар од соседството во Ковид периодот им вели на пекарите: НЕ КАШЛАЈ!!!

Бидејќи продолжуваа да кашлаат им прати 500 инспекции и ги искористи медиумите врз кои има контрола или огромно влијание да ги прогласи за алчни, расипани и зли луѓе кои сакат да го ограбат или остават гладен сиромашниот народ.

Сега власта најави дека се подготвува истиот метод да го употреби и за повеќе други производи, цела палета производи.

Сака сите да изгледаат здрави пред избори а таа како “супер ефикасен лекар” ама не знае како, или можеби знае ама парите и требаат за во сопствените џебови на поединци, или поинаку кажано нема или не сака да даде пари за нормална “терапија” која произлегува од “медицина заснована на докази”.

Македонија не е единствена земја каде краткорочно се прибегнува кон замрзнување на цените на основните производи во време на криза, но никаде нема вакви проблеми.

Докажано е дека ако владата ограничува цена на финален производ во ситуација кога цените на суровините пораснале, и инфлацијат е голема, терапијата е владата од буџетот на еднен или друг начин да ги покрие загубите.

Дали тоа ќе биде со директна парична субвенција, или со давање евтина суровина од стоковите резерви, која исто така владата ќе ја купи поскапо а ќе им ја продаде поевтино, или преку ослободување од некои даночни обврски, или што и да е, крајниот резултат е дека мора да има ефикасен начин да ги ограничи цените и со тоа да го заштити стандардот на граѓаните додека трае некој кризен период, но во исто време да не ги уништи производителите.

Интересно е што се случува со лебот и неговите цени во Македонија. Крајниот резултат во перцепцијата на народот е дека пекарите се лоши и алчни, а владата се бори за народот.

Мојот заклучок е поинаков: владата е многу слаба, недоволно посветена, корумпирана и со сериозен недостаток на знаење и визија, а сака пред народот да личи силна, посветена, чесна, стручна, визионерска и дека се грижи за народот.

Дали после шест години во Македонија има човек кој би поверувал во оваа замислена цел на оваа власт?

Пекарите и другите во бизнисот главно молчат и претпоставувам се плашат да ги кажат сите аргументи бидејќи знаат дека ако ја налутат неспособната и корумпирана влада на СДСМ и поединците во неа, едноставно моќта која ја имаат и незрелоста за која не се свесни како и алчноста уште подолго владеење на овие луѓе, ќе ги натера да превземат чекорори со кои ќе им го уништат бизнисот на оние кои посилно ќе кренат глас, а може и да ги затворат со некои монтирани и измислени причини. И затоа гледаме по нешто ќе кажат како колектив и потоа молчат и трпат.

Изминатите десет дена слушнав нелогични аргументи, без ничиј одговор, за тоа како во Грција, Косово и други земји пекарите се подобри луѓе и помалку алчни од овие нашите, па лебот бил и поевтин, ама нели добрата владата е тука да ги приклешти тие лоши и алчни луѓе.

Добрата влада против алчните пекари. Тоа е ПР стратегијата која нема цврсти темели и се пласира со втерување страв кон оние кои знаат како да одговорат.

Ако вака продолжи резултатот од приклештувањето може да резултира со затворање барем на дел од пекарите и отпуштање на многу вработени. Ако сака да го спречи тоа власта на СДСМ ќе мора да ги покрие загубите кои произлегуваат од непазарните мерки.

Веќе сме во изборна година, 12 месеци пред двојни избори а СДСМ тоне и бара сламка за спас.

Жртвата во моментов се пекарите.

Утре во спасувачката операција други ќе се жртвите. Иако инфлацијата почна опаѓачки тренд, и во други земји се разлабавуваат ваквиот вид на мерки кои може да се само краткорочни, сега бидејќи доаѓаат избори, после една година високи цени на владата и падна на ум да ги намали и административно да ги ограничи цените.

Затоа треба навреме да се кажат работите отворено. Додека не дошло до онаа народната:

“САМО ШТО ГО НАУЧИВ МАГАРЕТО ДА НЕ ЈАДЕ, А ТОА МИ УМРЕ!”

Владата ако сака да ја ограничи цената на лебот, треба да им даде ПОСЕРИОЗНИ И РЕАЛНИ СУБВЕНЦИИ НА ПЕКАРИТЕ за да преживеат и да работат нормално и проблем нема да има.

Не може во услови кога цените на суровините се пораснати, а некои и се уште растат, да ја ограничеш цената на финалниот производ бидејќи така ги туркаш во загуба производителите и кон нивно уништување.

Кој има интерес од тоа? Никој, само нови проблеми и за нив како фирми, и за вработените кај нив и за државата кога и пропаѓаат многу фирми и ѝ се раѓаат нови невработени кои веднаш бараат начин да ја напуштат Македонија и засекогаш да си заминат.

Ограничувањето на цените не е пазарна мерка. Но, се согласувам дека во времиња на кризи краткотрајно може да се прибегне кон тоа. Таква одлука носат владите но тие се должни да ја надокнадат разликата во цените на производителите и да не ги донесат во пропаст. Така се прави тоа.

Во Македонија очигледно владата парите ги планира за друго и очигледно многу пари одат во криминални зделки па преминаа во нов метод: прогласување на пекарите за алчни народни непријатели а себеси во борец против нив.

ЕКОНОМИЈА НА ОБЕМ

Споредбата со Грција е неумесна.

Грција е пазар од 10 милиони луѓе, плус туристи. Имаат поголем буџет, побогата земја се, имаат посилни субвенции и плус пари од европските фондови за разни намени.

Таму се набавува суровина во поголеми количини и на тој начин се обезбедува пониска цена на набавената суровина.

Кога се купува на големо било што, секогаш продавачот пред да ја каже цената прашува за количината која се бара да се купи.

Поголема количина секогаш носи пониска цена. Или обратно со набавка на поголема количина сировона може да се обезбеди пониска цена.

Во Грција можат да набават цели бродови суровина, имаат каде да ја складираат и брзо да ја потрошат. Кај нас во различни бизниси тоа не можат заради малиот обем на пазарот. Напротив, во Македонија најчесто купуваат од Грција или од друга земја од регионот во камиони од некој кој таму набавил со брод, цел брод, и нормално ним им продава поскапо со заработка која се одразува на крајната цена на финалниот производ.

Исто така пониска цена на суровината се добива ако трговецот нарача наместо една нарачка, 12 месечно нарачки на иста количина, односно 12 брода за секој месец во годината.

Но, тука пак е важна големината на пазарот. За да нарача така треба да има каде да ги троши во краток рок.

Влијание може да имаат и капацитетите за складирање на големи количини на стока, но клучна е големината на пазарот, бидејки дури и да нема складишни капацитети, ако е пазарот доволно голем со тек на време ќе има економска оправданост и ќе се изградат од страна на приватниот сектор.

Следна причина може да е субвенционирањето на домашното производство на суровина.

На пример Грција или Србија или Бугарија може да има а Макеоднија не, или да има многу повисоко субвенционирање на домашно произведената суровина и затоа да е поевтина на пазарот па од тука и крајниот производ да е поевтин.

Има други земји на Балканот каде многу се шверцува, односно се одбегнува да се плаќа данок на државата, или царина за некои суровини, па нормално суровината е поевтина и така може да има и поевтин финален производ.

Но, дури и во овој случај на некој чуден и неправилен начин пак државата субвенционира преку не прибирање на давачките во државниот буџет. Крајниот производ е пак поевтин, но не затоа што пекарите таму се подобри и похумани луѓе од истите во Македонија, туку затоа што државата има слаби институции на системот и/или некој е добро корумпиран таму.

Оддамна знаеме дека Македонија плаќа многу скапа цена на гасот и струјата, меѓу другото и заради количините односно малиот обем на пазарот за гас кој дополнително се смалува со вака неспособна и криминална влада која ги брка луѓето да си заминат. Поскапиот гас влијае и на поскапа струја кога се произведува во гасна централа, а а таква има во Македонија. Поскапата струја влијае на цените на многу финални производи.

Од друга страна Македонија не е богата со бизнисмени, производители или трговци на големо кои се регионални играчи за некој производ , а уште помалку европски. Такви регионални компании што контролираат голем дел од пазарот во повеќе држави во еден регион има во Грција (циментари, нафта, банки, телекоми, осигурувања, итн), има донекаде и Бугарија, Словенија, Хрватска и Србија, но не и Макеоднија). Ние купуваме помали количини од големите регионални играчи.

Слично е и со нафтата, дизелот, железото, шеќерот итн.

Шеќерот ма пример нашите големи потрошувачи го купуваат по цена од околу 850-900 евра затоа што се мали и неможат да набават по еден цел брод макар и најмал од 12.500 тони, за половина цена.

Дизелот македонските увозни фирми го купуваат главно од Хеленик Петролеум или од некои други глобални или регионални фирми од Грција по цена за 20 до 40 долари над берзанската.

Кога би можеле секој од нив да купи барем најмал брод од 25.000 мт може да го купат по цена под берзанската, на пример 30 или 50 долари под берзанската.

Но освен што сме мал пазар, па ризично им е да купат толкава количина која ќе ја трошат пола или цела година, а цената на пазарот постојано варира, немаат ни доволно складови за складирање, а проблем се и пристаништата бидејќи во Солун сите нафтени терминали се закупени од Хеленик Петролеум, во Бургас од Лукоил итн и тешко може брод на друга компанија да вплови и да им стане конкурент.

Додатно на ова, и набавка во вредност од можеби 20тина милиони евра колку отприлика би чинел најмалиот брод од 25.000 мт е сериозен финасиски предизвик за фирми со две или пет безиски пумпи.

Слично е и со железото. Увозниците главно купуваат помали количини од Србија, Бугарија и други бидејќи пазарот ни е помал. Помала количина значи и значајно повисока цена.

И пак доаѓаме до економија на обем…

Затоа, се што прави владата во економијата треба со памет да го прави. И во соработка со бизнисот. А не со сила. Со сила може само да направи поголема штета, па затоа ќе завршам со една слободна интерпретација ставена во овој контекст на чуената мисла на познатиот англиски економист и филозоф John Maynard Keynes :

“THERE IS NOT FREE LUNCH”

“НЕМА БЕСПЛАТЕН РУЧЕК”

Владата кога во една слободна и мала економија треба да ограничи цени, треба да ги покрие и загубите, а не да се однесува како насилник и како “Слон во продавница за стакло” правејќи штета и доведувајќи ги пред банкропт оние кои обезбедуваат плати за мнозинството народ: бизнисот и приватниот сектор.

Народот треба да се заштити во кризи. Бизнисот исто така. Од тој бизнис зема плата мнозинството народ. Тоа е задача на владата наместо ова што го прави сега.

Утре : Нова економска парадигма и новите “локомотиви” на Македонија. – напиша Груевски на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СДСМ: Мицкоски коленичи пред Гаши, ова е…

Малку требаше за Мицкоски да си ги…

Владата го усвои ребалансот на Буџетот

Владата го усвои ребалнсот, поточно дополнетиот предлог…

Именувани се в.д директори на Царинската управа…

Владата на денешната седница донесе повеќе кадровски…

Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…

Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…

(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…

Иван Стоилковиќ не е важен и не…