Груевски за Методија Шаторов Шарло: Голем македонски партиот, левичар, комунист, но помалку е важно кој е левичар, а кој десничар – Сите се синови на Македонија

t

На денот на раѓањето на македонскиот национален деец Методија Шаторов Шарло, поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук објави поопширен текст во негова чест.

Не е важно дали се левичари или десничари, сите се синови на Македонија, вели Груевски ја македонските дејци кои честопати биле идеолошки противници, но сите имале иста цел, независна, самостојна Македонија, држава на македонскиот народ.

Во продолжение објавата на Груевски на Фејсбук:

Методија Шаторов-Шарло

Кога се анализира историјата на Македонија од една временска дистанца, помалку важно е дали некој бил десничар или левичар, бидејќи вакви или онакви, сите тие биле синови на Македонија, честопати биле лути идеолошки противници до степен што често и се убивале меѓусебно, имале различни сојузништва, карактери, слабости, предности и размислувања и по различни патишта се надевале дека можат да дојдат до слободата на Македонија. Затоа многу повеќе важно е за што тие се бореле, кои цели ги имале и какви резултати постигнале.

Денес на денот на неговото раѓање, едно потсетување за Методија Шаторов – Шарло (1897-1944), родум од Прилеп, левичар, социјалист, комунист, припадник и на ВМРО (Обединета) и пред се голем македонски патриот кој се борел за независна и обединета Македонија кој за време на комунизмот од комунистичката историографија беше целосно и со лажни аргументи оцрнет и ставен во групата на непријатели на Македонија, и како таков во училиште го учевме во учебниците.

Современата македонска историографија го рехабилитираше Шаторов вадејќи ги и објавувајќи ги сите архивски документи за него од кои се доби сосема различна слика за него.

Така, постапките на Шаторов особено во 1941 година добија смисла и логика, која не е на линија дека тој бил предавник на македонските национални интереси или како што претендираше Вера Ацева да каже дека во душата си бил Бугарин. Иако секаде и секогаш самиот Шаторов се декларирал за Македонец.

По консултација со поголем број признати и познати македонски историчари, истражувачи, доктори на науки и универзитетски професори по историја, во време кога ја предводев владата на Република Македонија освен што беше снимен документарен филм за него, беше поставен и споменик пред плоштадот Македонија во Скопје, во близина на зградата на телекомот, а беа издадени и книги со оргинални архивски документи за него и така се доби реалната слика за активностите на Методија Шаторов Шарло чија рехабилитација уште во 2005 година ја започна МАНУ на своја конференција. Денес Шаторов важи за Макеоднски национален деец.

Овој текст не претендира да ги даде сите информации за Методија – Шарло, бидејќи тоа е невозможно затоа што се премногу, но претендира да ги поттикне сите оние кои сакаат да се запознаат повеќе со неправдите во македонската комунистичка историографија и политика правени врз лица кои целиот свој живот со своите идеали и идеологии го посветиле на ослободување на Македонија и создавање независна и обединета Македонија. И барем малку да ја прикаже реалната слика за Методија Шаторов-Шарло.

Како долгогодишен активист во комунистичкото движење, Шарло непосредно пред Втората светска војна доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија и на почетокот од бугарската окупација на Вардарска Македонија ја приклучува македонската комунистичка организација кон Бугарската работничка партија. Овој потег е осуден од страна на југословенското комунистичко раководство и тој е исклучен од КПЈ а по ослободувањето поради него официјалната македонска комунистичка историографија ќе го третира Шарло исклучително негативно. Во Бугарија се смета за бугарски партизан.

Шаторов имал бурен политички живот и по завршувањето на образованието во Прилеп, Битола, Призрен и Скопје тргнувајки некаде од 1918 година се наоѓа во средиштето на многу историски настани како септемвриското востание во Бугарија во 1923 година, станува член на Окружниот комитет за Софија и на ВМРО (Обединета), учествува на Втората конференција на БКП во Берлин, при што е избран за член на ЦК на БКП, а веќе во 1928 година Шарло е уапсен и останува во затвор до јули 1929 година, кога е ослободен. По излегувањето од затвор емигрира во СССР, каде што работи како функционер во Коминтерната. Во Бугарија илегално се враќа во 1934 година и се вклучува во активностите на ВМРО (Обединета).

Во 1935 година повторно е суден во Софија како член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) заедно со Димитар Влахов, Васил Ивановски и други.

По ослободувањето од затвор повторно заминува во СССР, а оттаму, во февруари 1937 година оди во Париз каде е раководител на Техничкиот пункт на ЦК на БРП(к) за учесниците на Шпанската граѓанска војна. Во Париз останува до ноември 1939 година, кога се враќа во Прилеп, односно во Македонија во време кога поради честите провали во редовите на Комунистичката партија во Македонија, партиската организација во Македонија е значително ослабната.

Поради тоа врз основа на договор помеѓу КПЈ и Коминтерната, во пролетта 1940 година Шарло преминува во членство на КПЈ и на Првата партиска конференција за Македонија одржана на 8 септември е избран за политички секретар на ПК на КПЈ за Македонија. Учесник е на Петтата земска конференција на КПЈ во октомври 1940 година во Загреб, на која е избран за член на ЦК КПЈ. На оваа конференција Шарло остава забележителен впечаток со својата дискусија против Српската колонизација на Македонија. Повеќе за ова во документарниот филм чии линк е подолу.

Во април 1941 година тој објавува проглас до македонскиот народ во кој го истакнува ставот дека Македонија не е ослободена од страна на бугарските војски, туку дека една туѓа власт е заменета со друга туѓа власт и дека народот всушност не ја добил својата слобода. Набрзо потоа, согласно тогашната политика на СССР и Коминтерната, ја приклучува Комунистичката партија во Македонија кон Бугарската комунистичка партија, но се противи на нејзината организациска поделба на два обласни комитети (Скопски и Битолски), аналогно на окупаторската административна поделба, и бара од БКП партиската организација во Пиринска Македонија да ја припои кон партиската организација во Вардарска Македонија.

По формирањето на Покраинската воена комисија во јуни 1941 година, Шарло застанува на нејзино чело. Под негово раководство Воената комисија одржала три состаноци. На првите два е донесена одлука за формирање диверзански групи и за акциите што треба да се организираат, а на третиот (во втората половина на август) е донесена одлука за формирање партизански одреди.

На 24 јули 1941 година ЦК на КПЈ упатува писмо со критики кон Методија Шаторов во кое тој се критикува за прекинување на односите со КПЈ, за „заземањето на непријателски ставови против другарите Срби и заземал став кој во ништо не се разликува од ставовите на радикалната буржоазија.“ Во критиките се наведува дека со овие постапки не се помага СССР во борбата против окупаторите. Поради овие постапки, во писмото се наведува, дека тој е изклучен од КПЈ.

Следуваат многу перипетии, советувања, писма и средби, тој добива подршка од членовите комунистичката партија во Македонија и била поднесена резолуција од страна на Шарло со која му се дава доверба, се одобрува неговата досегашна политика и работа, се одобрува политиката на Покраинскиот комитет под неговото раководство, како и приклучување на македонската партиска организација на Бугарската работничка партија (комунисти). Сите присутни делегати гласале за Шарловата политика со што ја одобриле неговата политика, со исклучок на Перо Георгиевски-Чича.

Сепак Шаторов паѓа во немилост на КПЈ, тој е сменет и на негово место доаѓа Лазар Колишевски, за кого се смета дека ја скршил неговата политичка кариера. Припојувањето на организацијата за Вардарска Македонија кон БКП наидува на осуда кај раководството на КПЈ, кое реагира во врска со тоа кај Коминтерната и како што наведов го исклучува Шарло од членство на КПЈ.

Во втората половина на август 1941 година Коминтерната зазема став во прилог на КПЈ, по што Комунистичката партија во Македонија е вратена во составот на КПЈ, а Шарло дава оставка на функцијата политички секретар на Покраинскиот комитет и пишува писмо до Централниот комитет на КПЈ во кое моли да оди во Скопскиот партизански одред.

Од ЦК КПЈ не добива позитивен одговор во однос на неговото заминување во партизани по што на 11 септември Шарло го напушта Скопје и оди во Софиjа, каде што се става на располагање на ЦК БКП, каде влегува во партизанските единици кои таму се борат против фашистичката влада на Бугарија и на само неколку дена пред рушењето на фашистичката влада во Бугарија, кога советската армија е веќе на портите на Бугарија, тој во сомнителни околности загинува како партизан при повлекување од еден напад на фашистичката војска на Бугарија, кај Пазарцик каде се наоѓа неговиот гроб, но сомнежите се дека е убиен токму од бугарските партизани со одобрение на БКП.

Како една од водечките личности на ВМРО (Обединета), а потоа и како водач на комунистичкото движење во Македонија, Шарло се залагал за самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Покрај тоа, во архивите на некогашната Коминтерна се откриени документи според кои Методија Шаторов постојано се изјаснувал како Македонец.

Тој се смета уште за еден од најзаслужните за тоа што Коминтерната и Бугарската комунистичка партија го признале постоењето на македонскиот народ.

Поради неговите автономистички и македонски заложби кои беа во спротивност со југословенската идеја, застапувана од македонското политичко раководство, Шарло за време на комунистичкиот режим беше оцрнуван како предавник на македонскиот народ и саботер на неговата борба за ослободување.

Рехабилитацијата на Шарло започна по падот на комунизмот, а значителен придонес во таа насока дава научниот собир посветен на Шарло, а организиран од МАНУ во ноември 2005 година.

Во една од книгите-истражувања за него во издание на државниот архив на Македонија “Методија Шаторов -Шарло документи и матерјали” во предговорот напишан од Д-р Зоран Тодоровски се запишано неколку значајни забелешки за Шаторов кои ги пренесувам во продолжение.

“Низ документите и материјалите се осознава вистинската личност на Методија Шаторов како беспрекорен, предан, дисциплиниран и бестрашен комунист, не само како истакнат револуционер и деец на комунистичкото движење во Бугарија и во Македонија и на национално-револуционерното движење на македонскиот народ, како раководител на ВМРО (Обединета), туку и како интернационален деец на меѓународното работничко движење. Поради неговата активна и континуирана комунистичка дејност, тој во периодот 1924-1925 и 1928-1929 беше постојано следен, апсен, затворан, интерниран и осудуван од бугарската полиција во Софија.

Од овој период потекнува и неговиот прв аналитички материјал за “Историјата и суштината на ВМРО (Обединета), во кој Методија Шаторов пишува дека ВМРО (Обединета) ја истакнала “големата програмска парола за обединување на македонскиот народ во една независна македонска држава” со истакнување на стратегиската парола за “самоопределување на македонскиот народ”.

Давајќи на знаење дека “ВМРО (Обеди- нета) се залага за масовно оружено востание во Македонија”, тој подвлекол дека “ВМРО (Обединета) во Македонија под бу- гарска власт се бори за самоопределување на Петричкиот крај до негово отцепување од империјалистичка Бугарија за да дојде до негово обединување со другите два дела на Македонија во една независна македонска држава”. Материјалот Методија Шаторов го завршува со констатацијата: “Нашиот пат е единствениот што води кон национално и економско ослободување на македонскиот народ. ВМРО (Обединета) е единствената и вистинска македонска национално револуционерна организација, во која членуваат револуционерни македонски сили без разлика на нивната партиска припадност. Таа има револуционерно-демократска идеологија и го држи знамето на македонската националност и борбата за слобода и независност”.

Познавајќи ги најдобро состојбите во македонското револуционерно движење, Методија Шаторов во органите и телата на БКП и во Коминтерната бил задолжен да работи по „македонска линија”. Тој се застапувал за решавање на македонското национално прашање, за создавање посебна македонска држава и за посебна македонска национална организација или партија, којашто ќе дејствува исклучиво по “македонските работи”. Не случајно, тој во анкетните листи на Коминтерната од 1930-1935 година, како и во својата автобиографија од 1934 година, во графата за “националност” секогаш се запишувал како “Македонец”, а државјанин на “Бугарија”.

Документите во Зборникот изворно ја расветлуваат револуционерната и политичката дејност на Методија Шаторов, а особено мошне јасно ја проследуваат неговата активност по македонска национална линија. А според биографијата, заведена во неговото досие во Коминтерната, Методија Шаторов како учесник во националнореволуционерното движење и припаѓал на “македонската левица”

Долги години работејќи во највисоките органи на БКП и на ВМРО (Обединета). Методија Шаторов најдоборо ги познавал состојбите во ВМРО и во ВМРО (Обединета), како и кај македонските емигрантски и бегалски маси во Бугарија, и “македонското движење” го сметал како “централно место во сите национално револуционерни движења”

Како еден од поистакнатите и најангажирани раководители на ВМРО (Обединета) во Бугарија, Методија Шаторов бил задолжен да работи по “македонска линија” во 3Б на ЦК на БКП. Па оттаму, кај Методија Шаторов најрано од сите македонски револуционери и комунистички дејци созреала идејата за создавање на посебна македонска национална организација или партија. Ваквото свое залагање Методија Шаторов го најавил уште на Втората нелегална конференција на БКП, одржана од 8 декември 1927 до 15 јануари 1928 година во Берлин, каде што присуствувал како делегат од Софија под псевдонимот “Марко”. Во дискусијата тој ја отфрлил “неопходноста од создавање самостојна организација на КПЈ во Македонија”, заложувајќи се за “создавање на ВМРО (Об.)” и за постоење на единствена македонска организација во Вардарска Македонија, односно сметал дека “во Македонија не треба да има Комунистичка партија, туку само ВМРО (Обединета)”.

Ваквата негова дискусија на Конференцијата од присутните делегати била пресретната со “едногласно спротивставување и оспорување” на “еден погрешен поглед” на “заблудениот другар” и веднаш му била дадена карактеристика како на “опасен национал-револуционер, уфрлен во средината на комунистите, кој треба решително да биде критикуван и отстранет”.

По одржувањето на Конференцијата во Берлин Методија Шаторов се вратил во Бугарија, каде што работел во ЦК на БКП “специјално во областа на националното револуционерно движење, бидејќи тогаш не постоеше национално револуционерна комисија при Партијата”.

Залагањето за создавање посебна македонска национална организација или партија што ќе дејствува по “македонски работи” Методија Шаторов особено го актуелизирал по решенијата од Седмиот конгрес на Коминтерната во 1935 година и од Шестиот пленум на ЦК на БКП во 1936 година за ликвидирање на ВМРО (Обединета).

На заседанието на 3Б на ЦК на БКП во Москва, одржано на 26 јануари 1937 година, на чиј дневен ред се дискутирало за идниот статус на Македонската организација, Методија Шаторов, под псевдонимот “Марко”, бил главен референт по прашањето каков став да заземе 3Б на ЦК на БКП во врска со директивата на Коминтерната за “ликвидирањето” на ВМРО (Обединета). На заседанието присуствувале 10 члена на 3Б на ЦК на БКП, меѓу кои и Васил Коларов, Владимир Поп Томов, Трајчо Костов и др.

Во своето излагање Методија Шаторов мошне јасно и отворено изјавил дека е “неопходно да создадеме национална македонска организација”, а создавањето на новата организација да се одвива под мотото: “ВМРО (Об.) да се трансформира во нова демократска организација”.

Притоа, тој го покренал и прашањето “за македонска култура, за славењето маке- донски празници и за македонски училишта”. Слични ставови и погледи на Методија Шаторов се содржани и во неговиот аналитичен материјал, исто така од 1937 година, под наслов “Зошто бугарската фашистичка диктатура по 19 мај спроведува отворена противмакедонска политика” испратен до Васил Коларов. “Петричко”, односно Пиринска Македонија, Методија Шаторов во материјалот го нарекува “Македонски крај”, во кој македонското население целосно ја прифатило идејата за “изградување масовно македонско движење”.

Основната задача на ВМРО (Обединета), како што пишува тој во материјалот, била “да ги насочува своите сили за побрзо сплотување на разединетите македонски сили”, за поскоро создавање на “македонско народно единство” и “борба за национална независност”.

Во материјалот тој сугерира да се избираат градски и селски комитети за борба, како “органи на единствениот македонски фронт, а фактички органи на идната единствена македонска народна организација”, а главна цел, како што пишува тој во материјалот, е “задолжително во македонскиот крај ќе се наложи потреба од создавање организација или македонска партија”.

Потребата за решавање на статусот на Македонија и на Македонците Методија Шаторов ја актуализирал неколку години подоцна, како секретар на Покраинскиот комитет на КП во Македонија, во писмото до ЦК на БКП од мај 1941 година.

Во писмото тој го покренал барањето за “издигнување на актуелното прашање, како задача за непосредно решение: МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ОТКИНАТА ОД БУГАРИЈА И ДА БИДЕ ОФОРМЕНА КАКО НЕЗАВИСНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА”.

Во Зборникот се вклучени и повиците и прогласите на Покраинскиот комитет на КП во Македонија, како и написите објавени во в. “Билтен”, орган на ПК на КП во Македонија од 1940-1941 година, додека на нејзино чело како секретар бил Методија Шаторов, односно написи што тој ги пишувал, ги ре- дактирал и ги одобрувал за објавување.

Покрај тоа што овие материјали одамна се објавени во Р Македонија, преку нивната содржина се гледааат ставовите на Методија Шаторов за македонското национално прашање, борбата за создавање посебна македонска држава, односот кон окупаторите на Македонија, особено кон бугарскиот окупатор, потребата од оружен отпор на македонскиот народ и др.

За крај еве еден извадок од рефератот на Методија Шаторов – Шарло” Историјата и суштината на ВМРО (Обединета) од Софија 1926 година, во кој тој се осврнува на некои важни разлики од негов агол на ВМРО(Обединера) со ВМРО предводена од Т.Александров и А.Протогеров. Во текстот кој следува можеме да видиме дел од разликите во размусчувањата на овие две организации секако само од гледна точка на ВМРО (Обединета), односно гледна точка на Методија Шаторов – Шарло.

Во рефератот во кој како свои идеолошки противници тој ги критикува Тодор Александров и Александар Протогеров и нивните политики и како отворен приклоник на комунизмот и ВМРО (Обединета), како и кон соработката со СССР и коминтерната тој вели:

“Старата ВМРО имаше штетни илузии дека македонскиот народ може да биде потпомогнат од големите западноевропски држави. Затоа таа ја издигна паролата “Автономија на Македонија под покровителство на големите сили”. Таа не го сфаќаше империјалистичкиот карактер на последниве, кон Турската Империја ја претворија во своја полуколонија и се натпреваруваа да ја потчинат наполно и да ја избришат од картата како државна единица.

Македонија, како поробена земја во пределите на феудална, апсолутистичка и полуколонијална Турција, се наоѓаше под ропство не само на турските гocпoдари, туку беше и објект на почетен колонијален грабеж од самите големи империјалистички држави кој постојано растеше, и се очигледно, старата ВМРО не ја имаше сфатено таа околност и се надеваше на тие држави.

Современото македонско националноослободително движење работи и се бори во едно поинакво револуционерно време, со јасно разграничување на спротивните фронтови на револуцијата и реакцијата, кога на сите им стана јасен крволочниот карактер на “големите сили”. И природно, ВМРО (Обединета) не може да посакува автономна Македонија под покровителство на “големите сили”, затоа што тоа би значело самите ние да ги отвораме вратите на нашата родна земја за нејзино освојување од големите империјалистички држави, што би значело за македонскиот народ не помало ропство од денешното. Едно вистинско револуционерно национално движење, какво што е нашето, не може, стремејќи се да го оттргне својот народ од ропството на едни освојувачи (Србија, Бугарија, Грција), да им го расчистува патот кон Македонија на други освојувачи. И едните и другите, сите империјалисти, се непријатели на македонскиот народ, исто како што се непријатели на сите угнетени народи. Ете зошто ВМРО (Обединета) ја постави македонската националноослободителна борба на антиимперијалистичка основа.

Старата ВМРО не беше шовинистичка организација; таа посакуваше братство и “културен натпревар меѓу народите таа “не ги мразеше османлиите како народ, туку го мразеше нивниот стопански систем на управување”; таа примаше во своите редови луѓе од сите народности на Македонија; таа се бореше за ослободување на Македонија “со широки права на сиромасите од сите народности што ја населуваат” (Делчев).

Во почетокот ВМРО не го направи вториот голем чекор – да изгради единствен фронт со сите потиснати народности во Македонија и со самиот турски народ за заедничка борба против султанот и беговите. Доколку и се направил таков обид во време на Илинденското востание, со него не беа опфатени сите народи и националности внатре во Македонија, исклучен бил турскиот народен елемент, за кого курсот беше да се неутрализира, а во практиката во Костурско востаниците, нас’скани од врховистите, се пуштија да ги палат турските села. За обезбедување помош на турскиот народ од целата Турска Империја не стануваше збор.

Зашто ВМРО сметаше на поддршката на “големите сили”, а не на единствениот фронт со турскиот народ, не на поддршката на самите народи на Балканот, Европа и светот. Првпат во 1908-09 година санданистите ја сфатија неопходноста од изградување единствен фронт со сите револуционерни сили во Македонија и во Турција и блескаво ја применија тактиката на единствен фронт со младотурците за време на Хуриетската револуција.

ВМРО (Обединета) ја сфати таа тактика на санданистите како спасителна и непоколебливо ја прифати и ја приспособи кон условите на новото ропство на Македонија – раскината и освоена на делови од бугарскиот, српскиот и од грчкиот империјализам. Најблиски сојузници на македонскиот народ во борбата за слобода и независност се бугарските, српските и грчките работници и селани, како и другите национално угнетени (потиснати) народи и народности во Југославија, Грција и во Бугарија. Други сојузници на македонскиот народ се сите колонијални и зависни народи и прогресивни општествени сили во Европа и светот. Bо Македонскиот народ денес има уште еден голем и моќен пријател – СССР, кој идеално го реши националното прашање во поранешната Руска Империја и кој отворено е на страната на сите поробени народи во борбата за самоопределување и национална независност против ропството на империјализмот. Старата ВМРО работеше со народот и за народот и во тој однос беше вистинска масовна народна организација. Меѓутоа, таа истовремено практикуваше четништво, експропријација и терористички акции.

Целокупната дејност на ВМРО: агитација и пропаганда среде масите, кревање на селаните во борба против плаќањето на султанските даноци и беговските обврски, за експропријација на беговската земја и Организацијата, стада во корист на селаните, за бојкотирање на државните судови и воспоставување на народни судови на четништво, експропријација на пари, терористички акции и вооружување на масите; сето тоа се правеше како подготовка на народот за масовно оружено востание со цел да се извојува македонска слобода. Но, ако во почетокот на развојот на македонското национално револуционерно движење малите чети беа предодредени да ги пропагираат револуционерните идеи и да ги организираат масите по селата, подоцна големите чети и нивните чести судири со турската војска станаа товар за народот и му даваа повод на непријателот да го тероризира месното население и да ги уништува револуционерните организации.

Што се однесува до терористичките акции, тие, и покрај големите херојства и саможртви на извршителите, одвај придонесоа нешто добро, а предизвикаа безброј прогонувања, несреќи и жртви на народот и многу афери-провали на Организацијата. Со своите терористички постапки, внатрешните дејци (особено по Хуриетот) без да сакаат ги дополнуваа провокативните терористички акции на врховистите наменети за предизвикување војна. А експропријациите на пари го имаа тоа значење што со нивно посредство (покрај оданочувањата на чорбаџиите и доброволниот членски влог на организираните) Делчевата ВМРО ги собираше потребните средства за да не прима помош со обврски од Бугарија или од некоја друга држава со завојувачки стремежи кон Македонија со цел да се зачува самостојноста на Организацијата.

Уште за време на Хуриетот санданистите-левицата во врховизираната ВМРО ја согледаа штетата, макар и само на некои од методите во работата на Организацијата и престанаа со таа практика, впуштајќи се повеќе во масовната работа.

ВМРО (Обединета) ја прекина целата таа практика во минатото која дава спротивни резултати. Таа не практикува индивидуални терористички акции и никакви индивидуални дејства, кои ја имаат оттргнато од масите. Таа води револуционерна борба против непријателите само со народот и за народот. Во тој однос ВМРО (Обединета) е вистински масовна организација. Таа ја сфаќа потребата од револуционерни чети само непосредно пред и за време на востанието. ВМРО (Обединета) не може да практикува и експропријации на пари. За задоволување на потребите на движењето и борбата таа собира членски влогови и доброволни прилози (разни фондови) од своите членови и од самите македонски маси. Финансиското прашање за нас е и политичко прашање, прашање на дисциплината на обединистите и на мобилизацијата на масите околу ВМРО (Обединета). Нема посигурен извор на средства за движењето од влијанието на Организацијата среде широките народни маси и поддршката што тие и ја даваат на својата организација. Но, ослободувајќи се од тактичките слабости на старото македонско националнореволуционерно движење, ВМРО (Обединета) со голема енергија се зафати да ја поддржува Делчевата ВМРО во областа на агитацијата и пропагандата и масовната работа.

ВМРО (Обединета) ја согледува големата полза од усната и печатената пропаганда за подигање на национално- политичката свест на македонските маси, кон се толку неопходни за успехот на македонското дело. За таа цел таа се служи како со индивидуална агитација, така и со колективна (разговори, реферати, утра, вечеринки, собранија и др.), како и со издавање на весници, апели, манифести и др. Целата своја агитација и пропаганда ВМРО (Обединета) ја води во тесна врска со борбата на македонските маси и за организирање на таа борба. ВМРО (Обединета) знае дека не се доволни само агитација и пропаганда, дека во процесот на своите секојдневни борби за економски, културни и политички придобивки масите најубаво ја кристализираат својата свест, го подигаат својот борбен дух и одат кон потполно ослободување. Ете зошто ВМРО (Обединета) ги мобилизира македонските маси во борба против колонијалната политика на завојувачите во Македонија.”

ЛИНК од објавата

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДОБРА ВЕСТ! Младиот Никола ја победи болеста!

Во објава на својата официјална страна на…

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

Каков “шамар”: Тајвански “Јагео” не доаѓа во…

Премиерот Димитар Ковачевски се испофали со доаѓањето…