Груевски објави факти за Царот Самоил: Не постои запис кој ќе потврди како Царот Самоил ја нарекувал својата држава

t

Не постои запис кој ќе потврди како Царот Самоил ја нарекувал својата држава, или дека тој било кога се стремел да ја продолжи некогашната бугарска држава, ниту пак пројавил претензии за нејзините традиции, пишува на Фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски.

Во продолжение во целост ви ја пренесуваме неговата објава.

– Деновиве 29 јули беше потсетник на историскиот настан со ослепувањето на самоиловата војска воен судир што се случил на 29 јули 1014 г. помеѓу војските на царот Самоил и византискиот цар Василиј II.

Сите знаеме дека исходот бил погубен за војската на Цар Самоил и за Самоиловото Царство: голем број војници биле убиени, а останатите брутално физички ослепени, со што била целосно уништена воената моќ на царството. По овој пораз, Самоил не можел да се опорави и имал срцев удар од кој починал истата година.

Смртта на цар Самуил на 6 октомври 1014 година ја оставило државата без исклучителен лидер кој го симболизирал нејзиното единство со децении. Меѓусебните судири во царската династија кои довеле до убиство на наследникот на престолот, Гаврило Радомир (1014-1015) од страна на неговиот роднина Јован Владислав (1015-1018), оделе во корист на Василиј II за конечно освојување на Самуиловата држава, за што му биле потребни три години за да обезбеди контрола на главните градови и тврдини во средиштето, вклучувајќи ги Охрид и Преспа.

Василиј извлекол полза од смртта на Јован Владислав за време на опсадата на Драч во 1018 година и промената на лојалноста на водечките луѓе во замена на добивање титули и престиж од Византија. Во такви околности Владиславовата вдовица Марија понудила услови за предавање со кои посредувал Охридскиот архиепископ Давид. Нивното прифаќање од Василиј II го означило крајот на Самуиловата држава. По освојувањето, Василиј II триумфално ја прославил својата победа во Константинопол

Но, ова царство и историско наследство е дел кој постојано ги оптеретува односите меѓу Македонија и Бугарија и е балканска, па и пошироко тема особено од седумдесетите години на 19 век. Бугарија и дел од меѓународните научници сметаат дека тој бил бугарски цар, и дека Македонија им го присвојува како нивно историски наследство.

Но, дали е тоа така?

Најпрвин мал вовед па потоа аргументите.

Прво, терминот Бугарин од среден век има различно значење од денешното, не е етнички термин како што го разбираме денес и е главно гео-политички термин. Термини како „Бугарин“ биле користени за етничка смисла со друго значење од денешното и политичка идентификација на луѓето и териториите поврзани со Бугарското царство, што прецизно се објаснува во вториот дел од текстот (после ѕвездичките), каде се сместени цитатите од научно дело на темата.

Овие идентификации се базирале на заеднички јазик (старословенскиот), култура, религија и политичка структура, кои служеле како основа за формирање на групна идентификација.

Второ, нациите се главно производ на 19 и 20 век, а возбудливите настани на Балканот помеѓу Византија и Самоиловото царство се во 10 и 11 век, кога концептот на нација не постои.

Но за тоа подоцна.

Основните аргументи на бугарските историчари дека Самоил создал бугарска држава, не доаѓаат од некој запис од неговото време и од негова страна, или на луѓето околу него, туку од оној кој го победил – византискиот цар Василиј втори и византиските историчари по него. Нема ниту еден доказ и запис дека Царот Самоил и неговите приврзаници своето царство го нарекувале Бугарија или го сметале за продолжение на првото бугарско царство односно дека тој било кога се стремел да ја продолжи поранешната Бугарска држава, ниту, пак, пројавил претензии за нејзините традиции.

Официјален јазик на Самоиловото Царство бил старословенскиот, иако како дипломатски јазик бил користен и грчкиот. Охридската архиепископија тој ја подигнал на степен на Патријаршија, а Охрид станал религиозен центар и главен град на царството.

Самиот византиски историчар кој живеел во 11 век Јован Скилица не имплицирал дека комитопулите ги продолжиле традициите на поранешното Бугарско Царство.

Напротив, тој ги претставил како независни од наследниците на бугарската царска династија.

Јован Скилица е еден од важните византиски хроничари чие дело обезбедува драгоцени информации за историјата на Византија и нејзините соседни територии, вклучувајќи го и Самуиловото царство. Во делата на византиските современици нема докази дека тие ја нарекувале Самуиловата држава како „Бугарија“. Оттука, единствената врска на Самуиловата држава со поранешното Бугарско Царство останува тврдењето на Василиј ІІ, во смисла дека таа била продолжение на Бугарското Царство.

Ваквата претстава била институционализирана и со намера пропагирана од Василиј ІІ и неговите соработници по 1018 година, четири години по смета на Самоил. Тоа имало за цел да создаде перцепција на континуитет за да се креира лажен впечаток дека тоа било (ре)освојување со кое бил повратен поредокот.

Напротив, јадрото на самоиловото дејствување е целокупна Македонија со сите свои три дела, со седиште во Преспа и во Охрид, а не на пример во Преслав или во Софија (Софија се викала Средец во 10 век), територија на која е придодадена денешна северна Бугарија и северна Добруџа (денес крајбрежен дел на југоисточна Романија, околу градот Констанца), како и територијата на денешна Србија на север до Белград и Дунав, Црна Гора без дел од крајбрежјето и речиси цела Албанија. На југ територијата е речиси до Лариса.

Практично Цар Самоил создал царство на словените во кое централното јадро е Македонија, место од каде почнал да го создава царството(Преспа, Охрид, Битола и Скопје) и каде кон геогравската целокупна територија на Македонија се приклучени и териториите каде живееле најголем дел од другите христијански и словенски народи на Балканот.

Основата на државата биле населението во Македонија како и територијата на Македонија која била нејзин центар. Целата надворешна и внатрешна политика на државата била поразлична од онаа на претходното Бугарско Царство. Титулите во хиерархијата на Самоилово Царство се разликувале од бугарските (немало кавхани, боили…). Терминот „Бугари“ кои го користеле тогашните византиски историчари и хроничари, а кој се искористува денес за бугаризација на Самоиловото Царство, не се однесувало на етнички карактер на народот, туку тој термин се користел како гео-политички термин, објаснето подобро во вториот дел од овој текст каде се цитатите од книга која претставува научно дело.

Самуиловата војска во почетокот била составена од војници од територијата на Македонија, а подоцна од војници од немакедонските територии кој биле вклучени во рамките на царството. Воениот кадар на кој главно се потпирал Самуил, го сочинувале луѓе со потекло од Македонија.

Се поставува прашањето зошто Василиј втори така го квалификувал царот Самоил, како бугарски цар?

Одговорот е затоа што победата над војската над царот Самоил сакал политички да ја прикаже како враќање на загубената територија од претходно победената бугарска држава, што било дел од неговата политичка пропаганда за која погоре пишував, а подолу споделувам цитати.

Цар Самоил ја создал државата користејќи многу чувствителен период на други војни кои имале свое влијание на неговиот успех, во кои меѓудругото Бугарското царство е поразено од Византија. Затоа, Василиј втори сака да престави дека загубеното го повратил, што ја зголемувало славата на неговиот успех.

За многумина истражувачи, „Самуиловата држава ја означува политичката единица кој се формирала во западна Македонија, како резултат на воената и политичка мобилизација на четворицата браќа, Давид, Арон, Мојсеј и Самуил, „комитопулите” синови на кнезот Никола.

Важно е да се знае дека терминот “комитопул” потекнува од средновековниот грчки јазик и буквално значи “син на комит” (лат. comes). Комитопулите биле четворица браќа, синови на Никола, кој бил аристократ со титула комит (гроф) во западните делови на Првото бугарско царство. Најпознатиот меѓу нив е Самуил, кој подоцна 20-30 години по пропаѓањето на првото бугарско царство станал цар кога тој формирал свое ново царство.

Никола бил висок аристократ кој управувал со западните делови на Првото бугарско царство. Неговата титула комит значела дека тој бил регионален управник или гувернер.

Четирите Браќа, и тоа Давид – најстариот од четворицата браќа, кој бил убиен во 976 година, Мојсеј – вториот брат, кој загинал во 976 година при опсада на градот Сер, Арон, третиот брат, кој бил убиен поради предавство во 976 година и Самуил, најмладиот и најпознат меѓу браќата, кој откако го убил својот брат, станал цар и управувал со царството до 1014 година.

Братот кој го убил Самуил бил Арон, еден од четирите браќа на Самуил. Инцидентот се случил во 976 година, а причините за ова убиство биле политички и лични несогласувања меѓу двата брата.

Меѓу Самуил и Арон настанале несогласувања околу стратегијата за борба против Византија. Самуил бил посветен на воена борба, додека Арон бил склон кон постигнување договори и мир со Византијците. Арон дури и започнал преговори со византискиот император Василиј II, што Самуил го видел како предавство.

Самуил одлучил дека Арон претставува закана за обединетата борба против Византија. Затоа, во 976 година, Самуил наредил убиство на Арон и неговото семејство, со исклучок на синот на Арон, Иван Владислав, кој подоцна играл важна улога во историјата.

Ова убиство ја консолидирало власта на Самуил и му овозможило да стане единствен лидер на бугарската држава во борбата против Византија, создавајќи ја така т.н. Самуилова држава.

Нема докази и записи како царството се именувало додека истото постоело и затоа најчесто ја добива придавката која го поврзува со царот Самоил.

Царството е нови царство, а не возобновување на првото бугарско царство.

Враќајки се назад во 976 година ќе потенцирам дека години по смртта на бугарскиот цар Петар I, комитопулите преземале водство и започнале борба за да издејствуваат независност од византиската власт, што довело до формирање на Самуиловото царство.

Кој бил цар Петар први?

Цар Петар I бил владетел на Првото бугарско царство од 927 до 969 година. Тој бил син на цар Симеон I и наследник на престолот по неговата смрт. Владеењето на Петар I се одликувало со долготраен мир и стабилност, како и со религиозни и културни достигнувања, но исто така и со внатрешни предизвици и надворешни напади.

Владеењето на Петар I е значајно заради религиозниот мир и културниот развој.

Тој е канонизиран како светител во Бугарската православна црква.

Во 927 година, Петар I склучил мир со Византиската империја, кој вклучувал брак со византиската принцеза Марија (Ирина), внука на бизантискиот император Роман I Лакапин.

Овој договор обезбедил мир меѓу двете империји за значаен период. Кон крајот на неговото владеење, царството било нападнато од магјарите и печенезите, номадски племиња кои не се Византија, што ја ослабило неговата позиција и го довело до политички кризи.

По смртта на Петар I во 969 година, неговото царство започнало да се распаѓа. Бугарското царство влегло во период на нестабилност, што на крајот довело до интервенција на Византиската империја.

Тогаш неговиот наследник Борис II бил заробен од византијците во 971 година, а царството било под византиска контрола до времето на Самуил и неговите комитопули, кои го продолжиле отпорот против Византија.

Како што кажав, 20-30 години подоцна се создава Самоиловото царство.

Падот на Првото бугарско царство од Византијците се случува во 971 година, кога византискиот император Јован Цимиски ја освојува престолнината Преслав и го заробува цар Борис II. Ова го означува почетокот на византиската доминација над териториите на Првото бугарско царство.

Терминот “комитопул” и комитопулите играат значајна улога во историјата на Балканот, особено во контекстот на борбата за независност и создавањето на Самуиловото царство.

Обезбедувајќи контрола над областите околу Преспанското и Охридското Езеро, комитопулите го искористиле конфликтот помеѓу Византија, Киевска Русија и Бугарија кој се одвивал на Балканот помеѓу 966 и 971 година.

Во овој комплексен воен судир, византискиот император Јован Цимиски (969- 976) излегол како победник над рускиот кнез Свјатослав І (962-972) во 971 година и го симнал од тронот бугарскиот цар Борис ІІ (969-971). Поради скудните информации достапни во изворите, недостатокот на податоци за периодот 971-976 година и терминолошката неодреденост кај современите автори, постојат мноштво на прашања во врска комитопулите и нивната држава. Дури и денес, од хронолошка дистанца од повеќе од еден милениум, истражувачите сè уште дебатираат за базичните теми во контекст на историјата на државата, што го вклучува датумот на основањето, потеклото, карактерот и идентитетот.

Тврдењата дека не постои ниту еден доказ дека самиот Цар Самоил своето царство го сметал за бугарско во смисла на продолжение на првото бугарско царство пропаднато 20-30 години пред Самоил да го создаде неговото ново царство и дека тој наратив главно произлегува од императорот на Византија Василиј втори, кој пак имал внатрешни политички потреби и предности да го престави како такво, ќе ги поткрепам и со извадоци од книгата “Ослепена држава” Историогравски дебати за Самоил Комитопулот и неговата држава (10-11 век), од Митко Б.Панов, исклучително квалитетен научен труд од речиси 500 страни, поткрепен со научни тези, докази и цитати на меѓународни признати научници, издание на Институтот за национална историја 2021 година.

Во делото всушност авторот аргументирано и научно полемизира и ги предизвикува или со научни аргументи ги оспорува тезите на многу историчари, современици на Василиј Втори и други значајни историски личности низ вековите после 11 век, кои или недоволно длабински проучено поддржале одредени невистинити тези, или во различни времиња и епохи самоиловата држава ја користеле и наменски ја ставале во контекст на политичките потреби на тоа време на одредени националисти, на центри на моќ и влијание или на држави кои имале свои интереси и цели, и полемизира со нив или научно аргументирано ги оспорува или ги објаснува нивните тези и мотиви.

Самиот автор нагласува дека книгата претставува ревизионистички поглед на Самоиловата држава и легендарната борба помеѓу Самоил Комитопулот и Василиј II.

Таа го надминува стандардниот пристап во проучувањето на формирањето на државите, применувајќи нова истражувачка рамка која овозможува да се согледа како современиците на Балканот во различни времиња, почнувајќи од визанстиската и балканската елита од средновековието до подоцнежните гласови на модерниот период ја претставувале Самоиловата држава и ја експлоатирале за сопствените политички агенди и територијални аспирации кон Македонија.

Во продолжение повеќе извадоци од тоа дело.

***

Уште во самиот предговор авторот наведува:

“…Ваквиот традиционален наратив за Самуиловата држава и борбата меѓу Самуил и Василиј II за Балканот, всушност ја следи интерпретацијата на византиските автори, која била конципирана, експлоатирана и манипулирана во зависност од конкретната политичка, воена и идеолошка агенда, како во средниот век, така и во модерно време. За да се разбере фразата „Самуилова држава“ употребена во оваа книга и во модената историографија, треба да се има предвид фактот кој е занамерен од истражувачите: за целото време од постоењето, современите византиски автори не навеле никакво конкретно име со кое би ја идентификувале државата или нејзиниот лидер. Наместо тоа, византиските современици ја користеле класичната терминологија за означување на непријателите и државата, маскирајќи го и самото име и титулата на Самуил со мошне неодредената ознака Комет[опул]. Истото важи и за официјалните документи издадени од Василиј II, или адресирани до него, датирани пред 1018 година. Единствениот современик којшто го открил името Самуил, идентификувајќи го како постариот од двајцата браќа Komsajagk (калк од грчкиот Κομητόπουλοι) бил Стефан од Тарон, познат и како Асолик…”

“…По анексијата на Самуиловата држава, две од трите повелби (сигилии) издадени од Василиј II околу 1020 година, го спомнуваат Самуил (Σαμουήλ) по име. Меѓутоа, освен што го регулирале новиот статус на Самуиловата црква – Охридска архиепископија и ја дефинирале нејзината јурисдикција на територијата која била означена како „Бугарија, тие не содржат информации што би упатиле дека овие владетели некогаш биле жестоки непријатели. Уште повеќе, класичната терминологија содржана во епитафот на Василиј II не нуди никакви индиции кои би го откриле идентитетот на непријателите против кои византискиот император ги постигнал своите најголеми воени достигнувања на Балканот. Натписот на епитафот, всушност ја открива доследноста на користењето на класичните термини во означувањето на Самуиловата држава. Оттаму, мора да се свртиме кон византиските книжевни текстови, компилирани повеќе од половина век по елиминацијата на Самуиловата држава, за да добиеме поконкретни информации со кого војувал Василиј II. И покрај тоа, ние ќе аргументираме дека терминолошката идентификација во византиските текстови од последните децении на 12 век, била подоцнежен производ на византиската идеолошка реторика и политичка пропаганда. Тоа воопшто не значело дека овие термини упатувале на вистинското значење кои тие го имале за време на егзистирањето на Самуиловата држава…”.

“…Соодветно на тоа, истражувачите се соочуваат со потешкотии да утврдат како населението во рамките на Самуиловата држава се гледало себеси и како тие ја идентификувале и репрезентирале својата држава, дотолку повеќе што не постои референца за идентитетот кој би произлегол од нив како историски субјекти. Тоа дополнително ја наметнува потребата од препрочитување на изворите и ревидирање на традиционалната научна интерпретација за Самуил и за неговата држава. Во таа смисла, книгата ќе ги истражи воочливите нијанси при компарацијата на византиските автори кои пишувале додека Самуил бил жив, со оние кои ги составувале своите дела од значителна дистанца кога Самуиловата држава повеќе не постоела. Очигледната разлика во терминолошката идентификација била занемарена од модерните истражувачи, кои ја следеле традиционалната интерпретација на Самуиловата држава и ја презентирале преку пристрасната перспектива на византиските и на средновековните извори…”

“…Анализата на изворите открива дека политиката зад терминологијата

била применета на анектираната територија на Самуиловата држава, со цел да се легитимира византиското освојување преку креирање на претстава за континуитетот на империјална доминација и престиж. Тоа на крајот резултирало со ново впишување на идентитетот на државата и на нејзините поданици. Оттаму, еден од аргументите на оваа книга ќе биде дека терминологијата аплицирана на Самуиловата држава по нејзиното ликвидирање, немала етничко значење, туку се користела за демаркација на византиската географска сопственост во административна и црковна смисла. Терминологијата всушност служела како реторичка и институционална алатка за да се демонстрира политичката супериорност на Византија и континуитетот на нејзината идеолошка надмоќ. Етничката демаркација на Самуиловата држава постоела во очите на модерните истражувачи, кои ја интерпретирале византиската терминологија како проектиран идентитетски маркер, делимитирајќи ја на тој начин замислената етничка територија со средновековните конструирани ознаки. Антони Калделис со право истакнува дека современите историчари проектирале и манипулирале со византиските етнички ознаки во случаите кога модерната нација која одговара на таа ознака сè уште постои и ги притиска своите етнички претензии кон минатото”…”

“…Со оглед на тоа што византиските автори ја окарактеризирале политичката и воената мобилизација на комитопулите и формирањето на Самуиловата држава како чин на отпадништво (ἀπστασία) и тиранија (τύρανος) на Самуил, разумно е да се претпостави дека византиската елита го третирала новиот политички ентитет како незаконски настанат и произлезен од територијата под власт на Византија. Тоа значи дека во перцепцијата на Византијците, или поточно од перспективата на дворот во Константинопол, Бугарското Царство престанало да постои во 971 година, кога императорот Јован Цимиски го победил и детронизирал бугарскиот цар Борис ІІ, симнувајќи му ги царските обележја во триумфалната победничка поворка во престолнината…”

“…Димитри Оболенски одамна предложил Самуиловата држава да се третира во рамките на „Византискиот комонвелт”, иако тој признал дека овој политички ентитет не бил компатибилен со политичката и идеолошка концепција на Константинопол. Според тоа, единствениот начин за да се вклучи Самуиловата држава во моделот на „византискиот комонвелт” е да се опише во согласност со тоа како самите Римјани/Византијци ја конципирале. Следејќи ја оваа концепција, истражувачите традиционално ја презентираат Самуиловата држава или како директно продолжение на Првото Бугарско Царство, или како независна држава основана во Македонија, која се повикувала на државните и црковните традиции на Бугарското Царство. Џон Фајн го рефлектира стереотипното гледиште со констатацијата дека етничкото потекло на комитопулите било ирелевантно, бидејќи „Самуил својата држава ја нарекувал бугарска, факт што покажува дека тој ја сметал за бугарска; понатаму, византиските извори ја нарекувале бугарска и го третирале Самуил едноставно како владетел, кој ја продолжил поранешната Бугарска држава”. Сепак, НЕМА ЗАПИС кој ќе потврди како Самуил ја нарекувал својата држава, или дека тој било кога се стремел да ја продолжи поранешната Бугарска држава, ниту, пак, пројавил претензии за нејзините традиции. Самиот Скилица не имплицирал дека комитопулите ги продолжиле традициите на поранешното Бугарско Царство. Напротив, тој ги претставил како независни од наследниците на бугарската царска династија.

Уште повеќе, во делата на византиските современици не наоѓаме докази дека тие ја нарекувале Самуиловата држава како „Бугарија“. Оттука, единствената врска на Самуиловата држава со поранешното Бугарско Царство останува тврдењето на Василиј II содржано во неговите сигилии за наводната последователна преселба на „бугарските архиепископи” од Дристра во Охрид. Меѓутоа, не може да се избегне впечатокот дека со ова тврдење, Василиј II всушност сакал да создаде чувство на непрекинат континуитет на византиската надмоќ, засновано на директното инволвирање на императорот и Константинополскиот патријарх во процесот на признавање, легитимирање и конечната елиминација на Бугарското Царство и црква во 971 година. Исклучувањето на Преспа од наводната преселба на архиепископите, јасно укажува на конструираната содржина на Василиевата сигилија. Конструирањето на претставата за црковен континуитет имало суштинско значење, бидејќи Самуиловата држава и црква егзистирале политички и идеолошки во целосна независност од Константинопол и не добиле било каков благослов од византискиот двор. Василиј II ја санкционирал оваа специфична ситуација со сигилијата, зачувувајќи го автокефалниот статус на Самуиловата црква, која ја продолжила својата независност од Константинопол под негово покровителство. Во таа смисла, наметнувањето на новото име на Самуиловата црква како „Бугарија”, евидентно се вклопувало во креирањето на илузијата за континуитетот на византиската доминација. Значи, доколку сметаме дека дефиницијата на Самуиловата држава како дел од „византискиот комонвелт” е идеја конструирана од модерните истражувачи, можеме исто така да тврдиме дека нејзината поврзаност со традициите на Бугарското Царство била конструкција на византиската политичка и црковна елита. Следствено, оваа книга ќе го следи најновиот тренд на преиспитувањето на идејата за „византискиот комонвелт”, како некомпатибилен модел за врамување на православните средновековни ентитети во концептот на универзалната екуменост на Константинопол. Тоа изискува преиспитување на Самуиловата држава од перспектива ослободена од византиската идеологија. модерната научна интерпретација дека

Оваа книга ќе ја преиспита Самуиловата држава била само продолжение на Бугарското Царство, нудејќи аргументи дека ваквата претстава била империјална реторичка идеја, која била институционализирана и намерно пропагирана од Василиј ІІ и неговите соработници по 1018 година. Тоа имало за цел да создаде аура на континуитет за да се легитимира и репрезентира инкорпорацијата на територијата по освојувањето на императорот, креирајќи лажен впечаток дека тоа било (ре) освојување со кое бил повратен поредокот. Ваквиот впечаток бил постигнат и со употребата на адекватната конструирана терминологија. Тоа влијаело врз перцепцијата на невизантиските автори, кои ги користеле овие термини додека се обидувале да ја разберат комплексната состојба настаната по појавата на политичкиот ентитет на комитопулите. Како резултат на тоа, тие автоматски ја поврзале државата на комитопулите со поранешното Бугарско Царство, што се рефлектирало во ненамерното, но погрешно претставување на главните протагонисти…”

“…Тоа што е сигурно од перспектива на Константинопол е дека Византијците се воздржувале од наведувањето на титулата на Самуил, бидејќи тоа би значело признавање дека империјалната доминација била прекината за време на неговото владеење. Со намера да го избегне тоа и да го пополни настанатиот вакуум во периодот на ataxia, Василиј ІІ конструирал илузија на наводен црковен континуитет кој Самуил и неговата црква наводно го одржувале со укинатата Бугарска патријаршија. Тоа му овозможило на византискиот император лажно да демонстрира дека империјалната надмоќ и углед не биле засегнати за време на владеењето на Самуил, имајќи ја предвид непосредната улога на Византија во признавањето, легитимирањето и последователното укинување на Бугарското Царство и Патријаршија во 971 година. Тоа објаснува и зашто Самуиловата титула била намерно сокриена во сигилијата на Василиј II, каде што бил институционализиран измислениот црковен континуитет, што, пак, не било случај со Петар кој бил означен како цар. Притоа, останува и прашањето зошто сигилијата го изоставила Борис II, или наследниците на Самуил. Одговорот може само да го зајакне аргументот дека Византијците го третирале Самуил како основач на независната држава и црква, иако намерно не ја регистрирале неговата формална титула, бидејќи тоа би го нарушило континуитетот на идеолошката супериорност на Византија…”

“…Тоа секако му овозможило додатно да ја легитимира својата позиција и да ја институционализира сопствената идеолошка програма. Ништо не сугерира дека Самуил било кога се стремел да внесе политички или религиски елементи од престолнините на поранешното Бугарско Царство. На исток можеме да го најдеме единствено црковниот комплекс Св. Леонтиј кај Водоча (близу Струмица), што би можело да се припише на Самуиловата ктиторска иницијатива, која ја надополнувала неговата одбранбена гранична линија во последната деценија од војната со Василиј II.3 Останува нејасно дали Самуил сакал да ги маркира границите со својата црковна градителска програма. Меѓутоа, Охрид очигледно имал посебна важност, бидејќи бил поврзан со славните Свети Климент и Свети Наум. Огромната катедрала која Самуил ја изградил во Преспа и големата базилика изградена или обновена во Охрид, упатуваат каде треба да го бараме политичкото и црковното јадро на неговата држава, што го сочинувало темелот на неговата владејачка и идеолошка програма. Оваа книга ќе истражи како Самуиловата политичка идеологија и воспоставените државни и црковни традиции биле интерпретирани од Византијците и манипулирани преку Охридската архиепископија, и како средновековните автори, балканските средновековни елити и модерните истражувачи ги експлоатирале и присвојувале овие традиции.

Да бидеме попрецизни, на политичкиот ентитет на Самуил не му недостасувале елементи кои ги налагаат модерните теории за «државата”. Независно од отсуството на унифицирана научна дефиниција за предмодерните држави, многу податоци во византиските извори потврдуваат дека оваа држава имала независен владетел(и), политичка и црковна елита и хиерархија, главен град(ови), контролирана територија и граници, единствена војска, систем за собирање даноци и други компоненти кои ја квалификуваат како „држава”. Меѓутоа, недостигот на достапни докази ја отежнува реконструкцијата на начинот на кој била управувана државата, освен базичното разбирање дека Самуил и неговите наследници се потпирале на лојалните претставници во градовите и на моќната мрежа на тврдини. Промената на лојалноста на овие претставници кон Василиј II во замена за византиските титули и престиж, а не офанзивните кампањи на крајот се покажале како клучни за конечното освојување на Самуиловата држава во 1018 година…”

“…Тоа ќе покаже дека традиционалното истражувачко гледиште за Самуиловата држава, кое произлегува од византиските извори е во голема мера дисторзија предизвикана од императорската реторика и идеолошката пропаганда, исто како што епитетот „Бугароубиец” кој бил креиран и прикачен на Василиј II долго време по неговата смрт имало за цел да ја зајакне византиската територијална сопственост на Балканот. Оттаму, меморијата за легендарната борба меѓу Василиј II и Самуил била креирана, одржувана и експлоатирана од византиските автори и балканските елити се додека тоа го барало историското легитимирање на територијата на некогашното јадро на Самуиловата држава.

Во глава 2 на книгата насловена како “Самоиловата држава во византиската идеологија: Василиј II и конструирање на идентитетот” уште и стои:

Делата на византиските историчари од доцниот 11 век, надополнети со откриените оловни печати, овозможува да се увиди како Василиј II ја реорганизирал анектираната територија на Самуиловата држава. Некогашното јадро на Самуиловата држава во Југозападна Македонија, кое го опфаќало централниот регион на Балканот, бил административно реорганизиран во рамките на новооснованата византиска тема „Бугарија” со Скопје како седиште на дуксот. Михаил Деволски нотирал дека првиот стратег автократор бил Давид Аријанит, кого го опишува како „катепан на Бугарија“, со врховна власт над подредените стратези со седишта во Охрид, Костур, Диаволис (Девол) и други помали стратегиди. Именувањето на темата како „Бугарија“ била нова ознака за територијата на поранешната Самуилова држава која била инкорпорирана во византискиот воен и административен систем.…”

“…втората сиглија на Василиј всушност ја проширила јурисдикцијата на Охридската архипископија за да вклучи други територии кои претходно биле во рамките на Самуиловото Царство. Василиј прецизирал дека главната причина за издавањето на втората сигилија било барањето на Охридскиот архиепскоп „во врска со другите епископии кои не се наведени во првата сигилија и останатите епископии кои му биле подредени, бидејќи соседните митрополити ги одзеле од бугарскиот регион и ги присвоиле”. Иако Василиј претставил дека со втората сигилија ја исполнувал желбата на Архиепископот, неговата содржина ја открива намерата на Императорот да ја маркира територијата на сите епископии кои претходно биле под Самуиловата власт…”

“…Овој идеолошки концепт, како и различниот карактер на првата и втората сигилија, индицира дека Василиј II всушност го сметал Самуиловото Царство различно од поранешното Бугарско Царство…”

“…Третата сигилија со која Василиј II прогласил епископите од Сервија, Стаг и Вероја (Бер) да бидат вклучени под јурисдикција на Охридската архиепископија, со образложение дека „тие исто така се наоѓаат во рамките на бугарските граници” било логично заокружување на територијалната демаркација на идеолошката доминација преку конструираното значење на името „Бугарија” кое ѝ било дадено на Охридската архиепископија. Терминологијата била предодредена од тенденцијата на Византија бугарскиот патријарх во 971 година. Тоа може додатно да појасни зашто било важно за Византија да конструира идеолошки континуитет со Самуиловата држава преку измислувањето на наводните последователни преселби на детронизираниот Бугарски патријарх од Дристра до Охрид, истовремено проектирајќи ја територијалната јурисдикција на Охридската архиепископија за да го вклучи и тоа под царот Петар“. Уште повеќе, со цел креирање фиктивен контунитет, Василиј II ја насловил Бугарската патријаршија како архиепископија, потенцирајќи дека за време на владеењето на Петар таа „сјаела со архиепископско достоинство”. Тој го користел територијалниот принцип за да ја демаркира црковната јурисдикција, креирајќи впечаток за континуитет на традициите и со тоа на византиската идеолошка супремација, преку користењето на терминологијата. Целта на Василиј била да демонстрира дека при реставрирањето на византиската политичка црковна власт, тој фактички повторно го воспоставил поредокот и континуитетот на идеолошкиот приматод своите претходници. Поредокот бил постигнат преку освојувањето на Самуиловата држава, која илегално настанала од „отпадништвото” (apostasia) против византиските императори, кога Самуиловата црква била востановена и егзистирала без благослов од Византија. Оттука, со Василевите сигилии статусот на Охридската архиепископија не бил само опишан, туку и стекнат и претставен како да й припаѓа Византија…”

“…Очигледно, имињата „Бугарија“ и „Бугари” воведени по 1018 година како ознаки за територијата која била опфатена со византиската тема и Охридската архиепископија, немале етничко знаење. Иако некои истражувачи тоа го признаваат, тие сепак го следат традиционалното гледиште дека оваа ознака всушност била изведена од именувањето на

Самуиловата држава, стереотипно третирајќи ја како продолжение на Бугарското Царство. Анализата на изворите, меѓутоа, покажува дека по 1018 година термините „Бугарија” и „Бугари” започнале да се користат за разграничување на византиската административна и црковна власт над територијата на поранешната Самуилова држава, дополнувајќи ја идеолошката пропаганда. Именувањето на Охридската архиепископија и византиската тема како „Бугарија” било намерно користено за конструирање на перцепција за непрекината византиска идеолошка доминација за време на егзистирањето на Самуиловата држава. Овие термини кон крајот на 11 век биле претворени во проектирани ознаки за идентитетот на самата Самуилова држава, што погрешно ги насочило подоцнежните византиски и средновековни автори, како и модерните истражувачи. Преку терминологијата која била востановена со Василиевата административна и црковна реорганизација на Балканот, Византијците од крајот на 11 век започнале да го замислуваат континуитетот на Самуиловата држава со некогашното Бугарско Царство. Не постои никаква потврда дека ваков државен и црковен континуитет постоел во реалноста, ниту дека Самуил било кога се повикувал на оваа традиција за да ја легитимира својата царска позиција, како што традиционално сметаат истражувачите. Овој имагинарен континуитет постоел единствено во плановите на луѓето околу Василиј II, кои се стремеле да ја доведат Самуиловата држава во византискиот идеолошки концепт, преку измислување на традициите. Доколку овој идеолошки контекст се изземе, останува впечатокот дека Самуил создал свои сопствени државни и црковни традиции. Државното јадро формирано во областите на Преспа и Охрид, обезбедило основа за политичката и идеолошката програма на Самуил, со која тој ја демонстрирал независноста подеднакво од Византија и од поранешното Бугарско Царство. Дополнителен увид обезбедува содржината на епитафот на Василиј II,

цитирана на почетокот на ова поглавје, каде непријателите од Самуиловата држава биле означени како „Скити”. Василиевиот епитаф ја содржел вечната порака и споменот за постигнувањата по кои императорот требало да биде запаметен. Фактот што самиот Василиј II ја избрал Палатата Хебдомон надвор од ѕидините на Константинопол за место на својата гробница, наместо традиционалниот Мавзолеј на Константин кај Црквата на светите апостоли, ја илустрира неговата намера за себе-претставување како неуморен генерал и вечен заштитник на Константинопол и на Империјата….Терминот „Скити” употребен во Василиевиот епитаф за означување на триумфалните победи на Василиј II против Самуиловата војска, обезбедува дополнителен аргумент дека терминот „Бугарија бил добро дизајниран идеолошки конструкт на византискиот двор, кој со време станал проектирано име за самата Самуилова држава…Ваквата импресија дополнително го поткрепува аргументот дека имињата „Бугарија” и „Бугари” воведени со административната и црковна реорганизација на Василиј II околу 1020 година имале за цел да конструираат фиктивен континуитет на византиската превласт над територијата која некогаш била јадро на Самуиловата држава. Василиевиот епитаф јасно покажува дека тој сакал да биде запаметен како победник над „Скитите”, не над „Бугарите”, ниту над „Мизите”. Тоа дополнително имплицира дека Самуиловата држава не била означувана како Бугарија за време на нејзиното егзистирање, што се однесувало и на нејзините поданици. Таа била така именувана од Византија единствено како резултат на административната и црковната реорганизација по 1018 година. Фактот дека византиските автори и современици на Самуил биле доследни во употребата на класичните термини за опишување на Самуиловата држава дополнително го поткрепува ваквиот заклучок. Идеолошкиот концепт развиен за Охридската архиепископија и политиката зад нејзиното именување, толку вешто елабориран од елитата во Константинопол, влијаело врз идните генерации византиски автори во нивното користење на конструираното значење на имињата „Бугарија“ и „Бугари” при повикувањето на меморијата за Василиевата војна со Самуиловото Царство. Истото се однесува и на источните и на западните автори, кои ги составувале нивните дела по ликвидирањето на Самуиловата држава и во нивните нарации во голема мера ја претпоставувале византиската идеолошка концепција…”

Во своите заклучоци авторот Митко Б. Панов ќе наведе:

“…Реконструкцијата на историјата на Самуиловата држава е сложен историографски потфат, кој произлегува од критичкото преиспитување на изворите и открива повеќе слоеви на концепции, конструкции и интерпретации. Тоа се однесува на идентитетот на Самуил, кој бил сокриван и маскиран од неговите византиски современици, преку употребата на класичната терминологија и неопределената ознака Комет[опул]. Ерменскиот автор Стефан Таронски бил единствениот современик кој го открил името на Самуил, меѓутоа тој само поставил дополнителен слој на Самуиловата маска, со тоа што го припишал ерменското потекло на комитопулите. Доколку автентичноста на кирилскиот натпис од Герман, не би била доведена во прашање, тоа би претставувало прва потврда за самоименувањето на Самуил, без етничка идентификација. Оштетениот кирилски натпис откриен во Битола додава уште еден слој, бидејќи неговата интерпретација е сведена на модерна имагинарна концептуализација и контекстуализација, со далекусежни заклучоци во припишувањето на бугарската етничка припадност на Јован Владислав и на жителите на Самуиловата држава.

Отстранувањето на мноштвото слоеви кои ги замрачуваат Самуил и неговата држава, открива поинакво лице од она кое го претставиле византиските автори, а кое било рециклирано од невизантиските автори и средновековните балкански елити и пренесено од современите истражувачи. Тоа што можеме да го извлечеме од изворите е дека Самуиловата држава била формирана во период на константен конфликт и сложени односи на моќ, иницијално преку заедничките акции на комитопулите против Бугарското Царство, кои потоа продолжиле со Самуиловата борба против Василиј II. Византиските современици го споредувале Самуил со комета која го опожарила Западот, кој се конфронтирал толку моќно со Византија, што тие ги повикувале починатите императори на помош. Успехот на Самуил се должел на комбинацијата на воена сила и на независната политичка и идеолошка програма базирана на државното јадро лоцирано во областите на Преспа и Охрид во Југозападна Македонија. Тоа го потврдуваат современите автори кои ја идентификувале Македонија како изворно средиште на Самуиловото воено дејствување Иако во урнатини, големата катедрала во Преспа и денес сведочи за огромната градежна програма на Самуил. Можеме само да замислиме како Можмата базилика изградена или обновена од Самуил во Охрид, зрачела со моќна политичка и идеолошка порака меѓу граѓаните и поданиците ширум ја повото огромно царство. Тоа несомнено му овозможило својата држава да ја поврзе со познатите свети Климент и свети Наум, чиишто култови биле негувани во Охрид. Освен тоа, Самуил увезувал култови на христијански светци од освоените територии на крајниот југ и запад, маркирајќи ги на тој начин границите на неговата држава. Сепак, невозможно е да се навлезе подлабоко во реконструкцијата на Самуиловите политички и црковни традиции, бидејќи тие остануваат сокриени зад идеолошкиот концепт на Византијците и искривривените сведоштва. Освен географското лоцирање на политичкото и идеолошкото јадро на Самуиловата држава во Македонија, остануваме без јасни докази како тој самиот ја именувал својата држава или како се само-идентификувале неговите поданици. Византиските современици биле доследни во користењето на класичните термини за означувањето на нов новите непријатели олицетворени во Самуиловата држава, маскирајќи го на тој гој начин нивниот идентитет.

Ги имаме сите причини да се сомневаме во традиционалното истражувачко гледиште дека Самуил се поврзувал себеси и својата држава со поранешното Бугарско Царство, или дека тој било кога се стремел да ги продолжи неговите традициции. Се наметнува констатацијата дека Самуил се задоволил со самостојната позиција востановена во неговото државно јадро во Преспа и Охрид, како и со обезбедената доминација над огромната територија на Балканот. Тој се прогласил за император, пркосејќи и на Византија. Византијците не ја признале формално титулата на Самуил, ниту неговата држава, третирајќи ги како отпадништво или тиранија, кои незаконски се појавиле на византиската територија. Содржината на сигилиите на Василиј II издадени на Охридската архиепископија околу 1020 година, сугерира дека византискиот император го сметал Самуил за основач на независна држава и црква. Меѓутоа, Василиј намерно ја сокрил формалната титула на Самуил, бидејќи тоа би го нарушило континуитетот на византиската идеолошка супериорност. Овие императорски документи очигледно откриваат дека Василиј II го поврзал името на Самуил со државата што тој ја анектирал во 1018 година.

Начинот на кој Самуил и неговата држава биле поврзани со поранешното Бугарско Царство е прашање на идеолошката пропаганда на Василиј ІІ, што ги вклучува и поимањата и претпоставките на средновековните автори од невизантинска провиниенција. Василиј II ја конструирал оваа врска, придавајќи на анектираната територија ново институционално име „Бугарија, што имало исклучиво административно и црковно значење. Со оглед дека Византија немала улога во легитимирањето на Самуиловата држава и црква, сигилиите на Василиј II креирале илузија за непрекината линија на византиската идеолошка доминација која произлегувала од инволвираноста во ликвидирањето на поранешното Бугарско Царство и Бугарската патријаршија во 971 година. За да ја постигне ваквата цел, Василиј II конструирал фиктивен црковен континуитет помеѓу Самуил и бугарскиот цар Петар, како и помеѓу Самуиловата црква и укинатата Бугарска патријаршија. За да ја зајакне ваквата претстава, Василиј измислил наводна преселба на „бугарски архиепископи” од Дристра до Триадица, Воден, Меглен и Охрид.

Со Василиј II била имплементирана нова византиска политика ширум освоениот регион на Балканот, која била проследена со трендот на преименување на новите области и нивно врамување во провинциската карта на раната Римска Империја, со цел да се легитимираат освојувањата. Ваквата политика се претворила во негација на современиот идентитет. Специфичноста на анектираната територија на Самуиловата држава произлегувала од фактот што таа терминолошки не била доведена во врска со поранешните римски провинции. Наместо тоа, новото име го добила од новата византиска административна и црковна област која била формирана по нејзиното освојување. Институционалната манипулација со името „Бугарија само додало уште еден слој на маската, сокривајќи го идентитетот на луѓето кои живееле во рамките на административно и црковно разграничената територија на поранешната Самуилова држава.

Терминолошката дисторзија на Василиј II во однос на територијата на поранешната Самуилова држава, се потврдува од содржината на неговиот епитаф. Василиј II не сакал да биде запаметен со епитетот „Бугароубиец”, бидејќи како што сведочи неговиот епитаф, тој всушност не убивал „Бугари”, туку извојувал победа против „Скитите”. Сепак, тој станал познат како „Бугароубиец”, што исто така било византиска конструкција прикачена на неговото име долго по неговата смрт. Епитетот, меѓутоа, бил и наследство на Василиј II што произлегувало од конструираниот термин „Бугарија“. Ова име по смртта на Василиј станало конвенционален назив за современите луѓе кои живееле на разграничената византиска територија која ја опфаќала поранешната држава, претворајќи се подоцна во проектирана референца за самата Самуилова држава и за нејзините поданици. Преку овој конструиран терминолошки слој, Византијците ја трансмитувале борбата на Василиј II и Самуил, преку нарацијата за легендарното ослепување на Самуиловите војници по битката кај Беласица. Третирањето на оваа приказна како претерување, ако не и комплетна измислица, произлегува исто така од фактот што овој наратив станал релевантен дури откако водачите на балканските востанија во 40-тите и 70-тите години од 11 век, демонстрирале политички амбиции за обновување на Самуиловата држава, повикувајќи се на директното потекло со Самуил и царската династија. Тоа го испровоцирало византискиот одговор во книжевната политика, каде авторите се навратиле на победата на Василиј над Самуил, со што била проектирана и конструираната терминологија. За да ја засилат идеолошката доминација над територијата, Охридските архиепископи ги надминале традициите на Самуиловата држава, поврзувајќи го потеклото на Архиепископијата со времето на Јустинијан І. Во почетокот на 12 век, дури и дел од византиската аристократија почнала да манипулира со релациите со Самуил, преку семејствата на нивните сопруги, за да го оправдаат легитимитетот над територијата, иако немале јасна идеја во какво сродство биле.

Креирањето на епитетот „Бугароубиец” од Византија, наменето како противтежа на новооснованата Влашко-бугарска држава во 80-тите години на 12 век, дополнително ја илустрира конструираната природа на терминологијата. Меѓутоа, овојпат византиските автори повеќе не го поврзувале Василиј II со неговиот противник Самуил. Тие го воскреснувале духот на византискиот императорот за да се соочи со новите непријатели – Власите и Бугарите. Од своја страна, лидерите на Влашко-бугарската држава, ја превртеле византиската конструирана идеја за поврзаноста на Самуил со царот Петар, за да измислат сопствен имагинарен континуитет на државните традиции. Ваквата манипулација послужила како основа за нивното измислено тврдење за инволвираноста на Папството во крунисувањето на Петар и Самуил, што било ставено во функција на обезбедување на поддршка од Рим, наспроти Византија. Папството дури отишло толку далеку, што го признало ваквото лажно тврдење, бидејќи тоа обезбедувало легитимирање на инволвираноста на Рим на Балканот. Како резултат на тоа, уште од издавањето на сигилиите од Василиј II, повеќе сили конструирале и измислувале различни политички и идеолошки континуитети, тврдејќи дека имале директни врски со Самуиловата држава, за да ги оправдаат сопствените територијални аспирации, кои најверојатно никогаш не постоеле во реалноста.

Во текот на 14 век, Византијците продолжиле да го евоцираат споменот за Василиј II. Меѓутоа, во тоа време, терминот „Бугарија веќе станал анахрон и не се користел како ознака за византиската територија, која некогаш била колевка на Самуиловата држава. Василиј продолжил да убива Бугари, како што симболизирал неговиот епитет, но непријателите биле персонифицирани со жителите на Второто Бугарско Царство, а не со територијата на поранешното јадро на Самуиловата држава, која Византијците сега ја нарекувале Македонија. Македонската терминологија во 14 век ја рефлектирала прочуената епоха на македонската династија, служејќи како потсетник за славните времиња персонифицирани со Василиј II Македонецот, кога империјата го достигнала својот зенит по покорувањето на Самуиловата држава.

Историската меморија за борбата помеѓу Василиј II и Самуил траела се додека опстојувала самата Византија и конфронтацијата на Балканот, По уништувањето на Византиската Империја, легендарната борба била занемарена во книжевната традиција. Меѓутоа, култовите и легендите кои потекнувале од Охрид и Преспа, природно го одржале сеќавањето за Самуил. Една од овие легенди, за св. Владимир и Косара, го вратиле Самуил во книжевната продукција од почетокот на 17 век. Преку неа била пренесена и претставата заснована на пансловенската перспектива на далматинските хуманисти и светогледот на Охридската архиепископија. Во пишаните верзии на легендите, св. Владимир дури го презел местото на Самуил во борбата против Василиј II, преку што се манифестирало лидерството на Охридската архиепископија во позиционирањето во контекст на современите црковни конфронтации на Балканот.

Освен легендите, балканските наративи во голема мера ги игнорирале Самуил и Василиј II до средината на 19 век. Бугарските преродбеници во нивното иницијално реоткривање и замислување на средновековното минато го перцеприрале Самуил како главен виновник за пропаста на државата и голем грешник кого Бог заслужено го казнил испраќајќи ја византиската војска против него да го порази. Русија била таа која била директно одговорна за обновениот интерес за Самуиловата држава во 50-тите години на 19 век, експлоатирајќи го средновековното минато за да се позиционира како лидер во пансловенскиот проект на Балканот. Руските автори го прикажувале Самуил како безмилосен владетел кој не успеал да ги обедини Словените во федерација, што всушност ја одразувала проектираната современа амбиција на Русија, за преземање на историската улога за ослободување на своите православни словенски браќа од Османлиите. Оваа проектирана историска порака станала релевантна со создавањето на Бугарското Кнежество што уследило по руската победа над Османлиите во март 1878 година. Ревизијата на рускиот проект за Голема Бугарија со договорот од Берлин постигнат во летото 1878 година, ја лишило Бугарија од македонската територија, а со тоа и од јадрото на Самуиловата држава. Тоа неминовно ги поттикнало националистите да го воскреснат Самуиловиот и Василиевиот дух, кои станале историски синоними за Македонија.

Големата историографска промена која следела, покажува како националистите во Бугарија ја смениле дотогашната негативна претстава за Самуил за да го вклопат во бугарскиот национален канон и со тоа да ги оправдаат територијалните претензии кон Македонија. Србија ги оспорила ваквите намери, преку конструирањето на сопственото историско право на Самуиловата држава, а со тоа и на македонската територија. Изедначувањето на Самуиловата држава со територијата на современа Македонија, а не нејзината иницијална поврзаност со предмодерниот етнос, ги навело бугарските и српските националисти да го присвојат Самуиловото историско наследство. Грците го направиле истото со Василиј II бидејќи неговата војна со Самуил ја надополнувало грчката Мегали идеја за реставрирање на територијата на некогашната Византиска Империја. Следствено, Самуил и Василиј II почнале да се експлоатираат за историско оправдување на територијалните претензии кон Османлиска Македонија претворајќи се во алатки за наметнување на „националната свест” на населението во Македонија. Од научното откривање во првата половина на 19 век кој бил Самуил, прашањето еволуирало во тоа кој бил сопственик на неговото наследство. Тоа се претворило во прашање на етничкиот идентитет на народот кој го населувал и го населува јадрото на поранешна Самуилова држава во Македонија. Наредбата на султанот Абдул Хамид II за забрана на локалното македонско население да го користи името Македонија во март 1903 година, наместо да ја спречи сепарацијата на провинцијата, само ја засилило желбата за отцепување. Повикувањето на духовите на Самуил и Василиј во современа Македонија станало неизбежно. Како што Османлиската Империја се приближувала кон својот крај, така научната дебата за Самуиловата држава добивала уште поголемо значење. Грчките историчари ја собрале и рециклирале легендата за Василиј II Бугароубиецот. Српските истражувачи го туркале концептот за „словенска држава во Македонија” или „македонска словенска држава”, додека Бугарите продолжиле да ја промовираат идејата за „Западно Бугарско Царство” како чисто продолжение на Првото Бугарско Царство. Самуиловата држава била експлоатирана во етнографските студии, чија специфична цел била да се занимава со етногенезата и идентитетот на жителите на Македонија. Македонските револуционери и интелигенција одговориле со воскреснување на автентичниот и автохтон македонски Самуил кој природно им припаѓал на Македонците, со што го демонстрирале своето вродено право на македонската територија.

Историската меморија за легендарната борба помеѓу Самуил и Василиј ІІ била експлоатирана со сета своја жестокост и суровост за време на Балканските војни и проектирана во воените победи кои ја решавале судбината на османлиска Македонија. По Балканските војни (1912/13 година) и Првата Светска Војна (1914-1918 година), експлоатирањето на Самуиловата држава станало уште посилно, за да се оправдаат стекнатите територии од неодамна поделената Македонија. Српските историчари, диктирајќи го историскиот консензус во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, се стремеле да обезбедат историски легитимитет за својот дел од Македонија, стекнат со победата во Првата Светска Војна. Бугарските историчари се спротивставиле на тоа со сопствените тврдења дека Самуиловата држава претставувала незаменлива компонента на културното и историското наследство на Бугарија. Грчките историчари ја третирале Самуиловата држава во удобната рамка на презентирање на Грција како легитимен наследник на Византиската Империја, а со тоа и на стекнатата македонска територија. За Грција, одржувањето на легендата на Василиј II значело историско легитимирање на грчкиот дел од Македонија и проектирањето на минатото во функција на политичкото и идеолошкото „ослепување” на „славофоните”. Романците се приклучиле во историографската контроверза, оспорувајќи го бугарското право на Самуил и барајќи го сопственото средновековно наследство, што го рефлектирало современиот територијален спор со Бугарија. Иако идеолошки поделени, македонските револуционери и интелектуалци одолжиле да ги демонстрираат сопствените аргументи за автентичниот македонски Самуил кој природно им припаѓал на Македонците. Тие преку Самуил ја манифестирале нивната сопствена историска борба за ослободување на Македонија.

Присвојувањето на Самуиловата држава од балканските истражувачи и политичари продолжило за време на Втората Светска Војна. Застанувајќи на страната на Германија, Бугарија ја добила окупираната територија на Вардарска Македонија. Во исто време, Македонците го издигнале Самуил како клучен историски симбол на отпорот. По победата над силите на Оската, Самуиловата држава трајно била инкорпорирана во државноста на Народна Република Македонија, која влегла во составот на Југословенската федерација. Набрзо, Бугарија го признала историското право на Македонците на автохтоната Самуилова држава. Во доцните 40- ти години на 20 век, новата бугарска комунистичка влада предводена од Георги Димитров, официјално се откажала од „бугаризацијата” на Самуил, квалификувајќи ја како „големобугарски шовинизам”. По таквата суштинска историографска промена во комунистичка Бугарија, идеолошкиот концепт на заедничката историја на Југословенската Федерација ја прифатило македонската верзија на Самуиловата држава.

Политичкиот третман на бугарското раководство на историскиот пристап во однос на Самуиловата држава и „македонското прашање”, во голема мера зависело од југословенско-советските односи. Следствено, македонско-бугарската историографска конфронтација во 60-тите години од 20 век, била директно поврзана со влошените односи помеѓу Југославија и Советскиот Сојуз. Во 1968 година, бугарското раководство на Тодор Живков од дотогашната политика на „демакедонизација” на Пиринскиот дел од Македонија се свртило кон „бугаризирањето” на самата Народна Република Македонија, целосно негирајќи го историскиот контекст на македонската нација. Притоа, еден од главните историски аргументи било тврдењето дека Самуиловата држава никогаш не била држава на Македонските Словени, туку била етнички бугарска во континуитет уште од средниот век. Во следните децении, бугарските историчари од комунистичката епоха работеле на враќањето на Самуил во бугарскиот национален пантеон на истакнатите историски фигури. Во исто време, македонските историчари, поддржани од нивните југословенски колеги, продолжиле да ја промовираат Самуиловата држава како незаменлив дел од историјата на македонската нација, воспоставена како резултат на долгиот етногенетски процес на Македонските Словени.

Со прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година, по распадот на Југославија и дистанцирањето од комунизмот, историографската дебата за Самуиловата држава повторно беше доведена во контекст на „македонското прашање”. Бугарија и Република Македонија продолжија да се расправаат околу историографското право на Самуиловата држава. Сепак, српските истражувачи беа тие кои го ревидираа избалансираниот југословенски историографски консензус за македонскиот карактер на Самуиловата држава. Оваа историографска промена беше иницирана со книгата на Срѓан Пириватриќ, која не можеше да го избегне политичкиот контекст на Балканот од крајот на 20 век. Поради тоа, таа веднаш беше преведена и објавена на бугарски јазик, добивајќи признанија од водечките бугарски историчари.

Читањето на најновите истражувања на бугарските истражувачи покажува дека тие се обидуваат да го докажат (пра) бугарското потекло на Самуил и да го исклучат неговиот словенски карактер. Со тоа тие настојуваат да се спротивстават на доминантното истражувачко гледиште дека потеклото и традицијата на државата биле засновани на словенските кнежевства во Македонија. Уште повеќе, постои забележлива тенденција за разграничување на модерна Бугарија како територија каде што наводно комитопулите иницијално ги започнале политичките и воените активности. За таа цел, бугарските истражувачи тврдат дека Софија, а не Преспа, била изворното политичко и црковно средиште на комитопулите. Тие, исто така, воведуваат нов термин, „Самуилова Бугарија“, за да го засилат ваквото тврдење.

И покрај промените во историографскиот дискурс, 1000 години по неговата смрт, Самуил продолжува да се проектира во Бугарија, слично како во периодот на неговото реоткривање во 70-тите години од 19-от век, како симбол за некогаш изгубената Македонија. Јадрото на Самуиловата држава, сепак, неизбежно е поврзано со Македонија и се користи како историски аргумент дека таа била етнички бугарска уште од средновековната епоха. Иницијативата за политички преговори со Грција за враќање на коските на Самуил во Бугарија, се совпаѓа со политичките мотиви за оспорување на македонскиот национален идентитет и дополнително ја зајакнува ваквата идеја. Спротивно на тоа, македонската историографија продолжува да го користи аргументот на историската географија и етничката припадност, претставувајќи ја Самуиловата држава како незаменлив дел од македонската национална историја и идентитет…” – напиша Груевски на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…

Не постои запис кој ќе потврди како…

ДОБРА ВЕСТ! Младиот Никола ја победи болеста!

Во објава на својата официјална страна на…

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

(Видео) Жежов: ВМРО во некои периоди има…

ВМРО особено во периодот 1912-13 година и…