Груевски: 9 години од смртта на Зоран Тодоровски, виртуоз на македонската национална историја
ЗОРАН ТОДОРОВСКИ – виртуоз за македонската национална историја
(Сеќавање на 9 години од неговата смрт)
Тивок и ненаметлив, скромен но мошне интелигентен и еден од неколкуте најголеми познавачи на македонската национална историја на сите времиња.
Пасиониран истражувач, научник, доктор на историски науки, човек што остави зад себе голем број дела, научни трудови, книги базирани на истражувања и документи од историската наука поврзана со Македонија и регионот особено од крајот на 19. и првата половина на 20 век.
Директор на државниот архив на Република Македонија и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Ценет и почитуван во својата фела и пошироко насекаде во регионот и во Македонија.
Таков човек беше Зоран Тодоровски (1950-2015) кој ненадејно почина пред точно 9 години на денешен ден.
Имавме голема соработка уште од периодот кога го превземав водството на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција во 2003 година и чинам последното дело или едно од последните што го објави беше монографијата за Тодор Александров издадена непосредно во 2014 година. Б
Учествуваше во тимот со кои се селектираа теми за изработка на голем број документарни филмови чија реализација одеше преку МРТВ во соработка со различни продукциски куќи, а дел од нив лично ги пишуваше текстовите од кои подоцна се правеа сценаријата, проект од кој произлегоа и книгите од едицијата “Македонски искушенија” од текстовите кои историчарите ги подготвија со цел од нив да се создадат документарни филмови.
Зоран Тодоровски е автор на преку стотина научни трудови, од кои дваесет книги и зборници на документи, над 50 статии и апликации, 25 феjлетони и 33 историографски дополнувања во периодиката. Во нив се третираат различни недоволно истражени личности и настани од македонската историја главно од првата половина на 20. век. Сите негови истражувања се засноваат на нови документи, со богати историски факти, анализи, кои претставуваат важни апликации во македонската историографија. Учествувал во над 30 меѓународни конференции. Тодоровски важеше за историчар ревизионист и постојано објавуваше трудови со новини во некои не доволно истражени сегменти. Тој отворено зборуваше дека, Македонската историографија е делумно селективна и еднонасочна и сметаше дека афирмирајќи ги комунистичките и левите струи во македонското револуционерно движење, таа неоправдано и ненаучно ги запоставува десните струи во истото движење. Како директор на Државниот архив на Република Македонија постигна големи резултати преку соработка со повеќе архивски институции од странство. Македонскиот архив соработуваше и со Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз, Меѓународниот центар за архивски истражувања со седиште во Виена и со Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор. Како директор на државниот архив, неговиот потпис како директор на издавач стои зад огромен број објавени книги, публикации, истражувања и сл. произлезени од архивот во еден мошне плоден период на оваа институција, во која секогаш се трудевме да има доволно пари за истражувања и нивно публицирање.
Учествуваше и во тимот во кој се селектираа насловите и пишувачите на 33 историски личности за кои се изработија монографии и секако дел од нив самиот ги напиша. Од планираните останаа не напишани уште две монографии од вкупно 35 колку што се планираа, затоа што за нив и подоцна се одлучи да се додадат, за Иван Гарванов и за Ванчо Михајлов.
Во своите дела мошне отворен и без задскривања, заобиколувања или погрешни толкувања, својствени за дел од макеоднскта историографија во периодот на комунизмот и десетина години по него. Заради тоа и не беше омилен кај дел од нив, па знаеја да му лепат и по некоја етикета. Тој имаше јасна промакедонска позиција, но без комплекс да објави и некои контраверзности од нашата историја.
За тоа колку пасиониран истражувач беше, се присетувам на еден разговор со него за времето кога го работел неговиот магистерски труд за ВМРО Автономистичка на Тодор Александров. Подоцна неговиот докторат е за ВМРО во периодот предводена од Ванчо Михајлов.
Работејќи на магистерскиот труд пред 1981 година, толку многу се задлабочил во темата, архивските и други пишани документи, што направил список на сеуште живите луѓе веќе во длабока старост луѓе, кои присуствувале на ручекот по повод погребот на Тодор Александров и лично ги посетил, за во разговор со нив да создаде психолошка анализа на пднесувањето на масата на присутните познати револуционери, особено на Ванчо Михајлов, а во контекст на истражување кој би можел да стои зад неговата ликвидација.
Мошне живо ми го опишуваше секој нивни збор.
Не многу историчари го правеле тоа во својата кариера, само оние кои живеат за својата професија и со голема љубов ја работат.
Во една прилика кога бев во Торонто, се најдов на ручек со десетина или повеќе луѓе, каде беше присутен и тогашниот генерален конзул во Торонто Мартин Тренески со неговата сопруга, а на ручекот присутен беше и Џон Битов.
Долго разговарав со Џон Битов кој седеше напроти мене, од економија и инвестиции, па политика и конечно неговато лично минато.
Ми кажа дека повеќе години бил генерален секретар на МПО и зборувавме малку за МПО, но забележав во еден момент кога рече “се додека не се повлеков” од таму.
Го прашав “зошто се повлековте?”
Ми раскажа дека по заминувањето во Рим, МПО финасиски го помагал и издржувал Ванчо Михајлов, а токму тој периодично му ги носел средствата лично во неговиот дом и имал долги разговори со него на различни теми, а најмногу на тема на историјата на Македонија и неговата активност како водач на ВМРО.
“Во еден момент разговарајќи со него”, вели тој, “го прашав Ванчо Михајлов кој го уби Тодор Александров, во смисла кој го нарача неговото убиство, и тој ми одговори: јас му ја скинав главата. Бев шокиран од тоа, и потоа решив да се повлечам”, заврши Битов.
Јас исто така бев изненаден од кажаното и веднаш го прашав Џон Битов дали би можел оваа изјава да ја даде пред професионален историчар и да биде снимен на диктатофон.
Џон Битов без двоумење се согласи. Му кажав дека тоа набрзо ќе го организирам.
Само што се вратив во Македонија го повикав Зоран Тодоровски, тогаш директор на државниот архив и му го раскажав настанот и кажаното, замолувајќи го да отиде во Торонто, да се сретне со Џон Битов и да го направи она кое веќе го договоривме. Го прашав и како ваквите изјави се третираат во историската наука. Зоран ми одговори дека тоа би се третирало како “сведоштво”, не и како “доказ” но би било многу значајно сведоштво бидејќи не доаѓа од било кој.
Набрзо Зоран Тодоровски отпатува за Торонто со неговиот диктафон и се сретна со денес веќе покојниот Џон Битов.
Десетина дена по враќањето се сретнавме во мојот кабинет во владата и ме извести дека на средбата Џон Битов го повторил истото што го кажал пред мене и другите присутни и дека тој го снимил, но матерјалот го предал во МРТВ за да го симнат на друг посигурен медиум, и оттаму го известиле дека диктафонт се расипал и не можеле да го отворат и преснимат матерјалот.
По смртта на Зоран Тодоровски македонската телевизија снимаше документарна серија за македонската дијаспора и беше предвиден разговор со Џон Битов во форма на интервју од кој ќе се извадат делови за документарниот филм.
Дознав дека водител на тие интервјуа ќе биде новинарот Горан Петрески, а како стручен соработник и дел од тимот бил ангажиран универзитетскиот професор по историја Никола Жежов.
Ги поканив на средба одделно и двајцата, раскажувајќи им го настанот и замолувајќи со претходна најава да му го постават истото прашање на Џон Битов. За жал овој пат Џон Битов уште во прелиминарниот разговор замолил да не биде отворено тоа прашање, но одговорил на други значајни историски прашања, кои делумно подоцна со допис ги повлекол и побарал да не се објавуваат, што беше испочитувано.
Некои луѓе го толкуваа тоа како страв од можни последици од приврзаници и следбеници на Михајлов, но, тоа беше само можна претпоставка. За жал неколку месеци подоцна Џон Битов почина.
Неколку години подоцна се сретнав со Вида Боева, долгогодишна најблиска соработничка на Ванчо Михајлов и помеѓу останатото и го раскажав настанот. Таа категорично отфрли било каква можност дека Ванчо Михајлов можел такво нешто да каже, бидејќи како што кажа таа, тој целиот живот говорел и пишувал со голем пиетет за Тодор Александров.
Остана енигма ова прашање за кое јас и Зоран Тодоровски правевме одредени напори да се расветли.
Со Зоран Тодоровски имавме уште еден голем проект наречен PROMACEDONIA.
Имено, предложив што повеќе книги кои имаат некаква вредност, печатени во минатото надвор од Македонија а делумно или целосно се однесуваат на Македонија, главно историски книги, да се набават, по еден примерок да се сместат во националната библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје, а дел од нив, најзначајните по избор на историчарите да се преведат на македонски јазик и да се објават.
Се разбира, најголем дел такви книги има во соседна Бугарија и бевме решиле од таму да се започне.
Така се направија две групи историчари, поточно една, но двајца од историчарите сакаа тие да одат одделно, па така излегоа две групи кои требаше во име на државата да набават најзначајна литература од овој вид, да ја донесат во Македонија и со записник да ја предадат во националната библиотека.
Зоран Тодоровски учествуваше во првата поголема група.
Одкако се решија логистичките и правните прашања за таа операција преку Министерството за култура, истите заминаа по книжарите и пазарите за книги во Софија за да го одберат се она што може да е вредна литература за понатамошни истражувања и информации.
Донесоа многу богат фонд на книги, се сместија во националната библиотека, и се направи селекција на првите 80 книги кои како прва фаза се преведоа, се направи тим за редакција на чело со Зоран Тодоровски која требаше да напише предговор, поговор, фусноти како објаснувања на делови од тие книги, и сл. и да се објави. Обемна работа која Зоран Тодоровски и другите во редакцискиот тим успешно ја завршија.
Потоа забележав дека по промената на власта, новата власт продолжи со издавање на овој проект. Некои луѓе овој проект го искористија директно или индиректно да ме нападнат дека сум подржал проект во кои има книги чии автори и содржина повеќе го афирмираат бугарското толкување на историјата на Македонија. Не само што го подржав туку и го предложив овој проект свесен на сите ризици. Прво затоа , што не зависно кои ставови подржуваат тие книги, тие се полни со значајна историска архивистика и друга историска граѓа која не беше на располагање претходно и од која многу историчари и други луѓе кои истражуваат ќе црпат матерјал во иднина. Второ, затоа што ако во Бугарија постои табу за превод на книги од македонски историски автори кои ги афирмираат историските македонски национални позиции, тоа не треба да биде случај и кај нас, бидејќи нема од што да се плашиме. Секој еден за да донесе правилен став и да ја знае вистината треба да ги слушне сите аргументи и докази, а не да криеме што објавуваат соседите или да се прикриваат делови од историјата. И трето, најчесто тие луѓе кои го злоупотребува овој проект за напад кон мене, свесно или не свесно не соодветно го толкуваат користењето на терминот “Бугарин” од страна на македонското население во 19. и првата половина на 20. век, и свесно го отфрлаат фактот дека во т.н. милет систем на османлиската империја и сите оние кои во тој милет систем се школувале до крајот на 1912 година, систем каде се поистоветува “црква-нација-држава”, терминот Бугарин најчесто се користи како црковна припадност а не како етничка или национална.
И тука лежи веројатно и клучот и основата на недоразбирањата помеѓу бугарската и македонската историографија и денешните политички проблеми кои произлегуваат од тоа.
Ова секако, како можна последица го разговаравме со Зоран Тодоровски и другите историчари пред да го започнеме проектот, но тој ризик од политичка злоупотреба на проектот одлучив јас да го превземам како политичар и премиер во тоа време.
И не само тоа, туку не го криевме проектот. Кога заврши, направивме јавна промоција со сите медиуми и со гости во Порта Македонија, како што правевме за сите големи едиции на книги поддржани од владата.
Жалам што смената на власта во 2017 не спречи да го продолжиме овој проект со нови книги кои ќе беа, а делумно и беа набавени од другите планирани држави како САД, Велика Британија, Франција, Русија, Италија, Австрија, Србија, Грција и други држави од каде веќе бевме воспоставиле комуникација со адекватни луѓе за оваа област кои требаше да помогнат на тимот за селекција составен од професори по историја, доктори на науки во областа и други експери во историската област. По смената на власта, на мое изненадување дознав дека власта го продолжила овој проект со превод и издавање на нови книги од оние кои ги бевме набавиле, што беше вистинска реткост.
Еден ден го прашав Зоран Тодоровски кои три политички досиеја на УДБА се најголеми, најобемни, во смисла кои тројца биле најмногу следени, прислушувани и се правеле секојдневни полициски извештаи за нив. Тој ми одговори дека најобемно досие има Драган Богдановски, второ најголемо Ристо Шишков, трето најголемо Ѓорѓи Доцев, понатаму не се сеќавам, но мислам го спомна и Јован Котевски.
Подоцна го известив дека размислуваме како влада да извршиме поголема афирмација на ликот и делото на Драган Богдановски и од тој аспект го прашав дали тој лично го читал неговото досие и дали е точно дека во последната фаза на неговиот живот тој станал соработник на службите.
Зоран веднаш ми одговори дека го читал и дека Драган Богдановски бил изложен на неверојатна тортура во притоворот и затворот околу 11 години, одкако со удар е онесвестен и киднапиран од УДБА во Париз во станот на еден негов “пријател”, и со кола тајно и нелегално донесен најпрвин во Љубљана а потоа и во Македонија.
Потоа кажа дека точно е дека во ситуација на многу нарушено здравје, за барем делумно да излезе од проблемите, тој се согласил да соработува со тајните служби, но дека информациите кои ги давал ги селектирал со цел да ги даде неважните информации, а важните не им ги кажувал. Го прашав како го знае тоа. Ми одговори дека тајната полиција на состаноцитете на ВМРО-ДПМНЕ скоро секогаш имала повеќе од еден доушник, често и многумина уфрлени свои соработници, без да се знаат еден со друг дека даваат на исто место извештаи и информации, и дека од другите нивни присутни доушници забележале дека Драган Богдановски главно им дава неважни информации а важните ги премолчува.
“Значи проформа прифатил соработка, но всушност внимателно селектирал да не направи штета” заврши Зоран Тодоровски и ми рече дека негово мислење е дека Драган Богдановски заслужува афирмација.
Тој разговор со Зоран Тодоровски беше многу значаен за одлуката да започнеме со афирмација на човекот со најголемо политичко досие кај тајните служби на комунистичкиот режим во повеќе децении, па така се направи документарен филм за него, се подржа пишување на еден роман, се стави име на една нова спортска сала во Куманово со неговото име, се издадоа архивски книги со дел од позначајните документите за него итн.
Подоцна во приватен разговор слушнав и други две размислувања на други двајца од областа кои целосно или делумно го читале неговото многу обемно досие од илјадници страници, и тие имаа покритични став кон овој дел на Драган Богдановски, одколку Зоран Тодоровски. Можеби еден ден ако се објават сите документи во врска со тоа, секој ќе може да ги прочита и да изгради свој личен став по тоа прашање.
Од некои колеги историчари на Зоран Тодоровски дознав дека од многуте негови научни престои во архивите на други држави, особено од Бугарија, д-р Зоран Тодоровски има собрано обемна архивско документација која ја собирал со цел дел по дел да ја обработува и да напише повеќе книги за различни историски ликови и настани од македонската национална историја, како и што правеше додека беше жив, до последниот ден.
Дури и дека врз основана на тие материјали од кои можат да излезат многу трудови имал една или две недовршени книги.
Незнам дали неговото семејство ги чува или ги предало во вистински раце тие материјали, но мислам дека би било вистинска штета ако тоа остане не обработено и не довршено.
Секако, професионалците кои би го добиле тоа, треба да одадат должна почит кон трудот на Зоран Тодоровски опошувајки го неговиот труд и пишувајќи го неговото име во предговорот како заслужен за пронаоѓање на архивската документација, што од историчатите знам дека е многу мачна и обемна работа на која не секој се нафаќа. За делумно напипаните и недовршените книги мислам дека треба да стои неговото име како ко-автор и во предговорот да се образложи тоа.
Кога Зоран Тодоровски ми го даде да го прочитам досието за ВМРО-ДПМНЕ, од неговото настанување и години подоцна додека партијата била внимателно следена од тајните служби се до падот на СДСМ во 1998 година, кога јас не бев дел од раководството на партијата во која иако претходно повремено доаѓав и не ја криев од никого припадноста, сепак формално се зачленив на 11 јуни 1996 госина, и кога видов колку соработници биле уфрлени од службата од самите зачетоци во сите нејзини тела, му реков на Зоран дека незнам само како оваа партија воопшто обстанала ма политичката сцена и како се извлекла од канџите на тајните служби, доаѓајќи на власт во 1998 година. Всушност делумно и знам, со многу големи проблеми и внатрешни потреси.
Оние кои ги познаваа двајцата добро знаат дека посотоеше една голема професионална, па можеби донекаде произлезена од тоа и лична нетрпеливост помеѓу д-р Зоран Тодоровски и д-р Блаже Ристовски, со кого исто така имав повремени средби и разговори на историски теми.
Сепак, Зоран Тодоровски иако за многу работи беа жестоки противници со Блаже Ристевски во една прилика доблесно ми покажа дел од досието на Блаже Ристовски од кое јасно се гледа дека тајните служби во неговите помлади години кога престојувал во Љубљана му пришле и отворено му понудиле односно побарале соработка, но дека Блаже Ристовски со соодветно одбран дипломатски речник со цел да не ги сврти против себе, културно и внимателно не го прифатил таа.
На крајот една вечер Зоран Тодоровски дојде кај мене и ми кажа дека се ближи крајот на неговиот мандат и дека тој се поклопува со периодот кога законски веќе исполнува услови за пензионирање, па додаде дека треба да размислувам за негов наследник. Ми кажа дека и самиот размислувал кој соодветно би можел да го наследи, и ми кажа дека го предлага Филип Петровски, но дека владата треба да си размисли и одлучи за тоа. Ме изненади со предлогот. Знаев дека Филип кој тогаш беше заменик директор во државната лотарија има голем интерес и познавање на историјата, дека има докторирано во областа, но сепак ме изненади.
Му се заблагодарив и му реков дека ќе размислам за предлогот. Поразговаравме и други прашања во врска со идните активности на државниот архив и потоа си замина.
Тоа беше нашата последна средба. Неколку недели подоцна едно утро ме известија дека Зоран Тодоровски имал срцев удар и починал, па веќе утредента бев на неговиот погреб. За негов наследник во државниот архив беше назначен Филип Петровски.
За секој оној кој има интерес за македонската национална историја, Зоран Тодоровски е личност чии дела и труд не може да ги заобиколи, независно дали го симпатизирал или не.
Неговото семејство имаат многу причини да бидат горди на овој чесен и многу работлив голем професионалец во својата област, врвен интелектуалец и патриот кој се вгради себеси во современата македонска држава и како врвен професионален историчар и како директор на државниот архив на Република Макеоднија во неколку мандати и тоа во периодот 1998-2002 година и 2006-2015 година и секако како вработен во институтот за национална историја.
Нека почива во мир.
*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…
Не постои запис кој ќе потврди како…
ДОБРА ВЕСТ! Младиот Никола ја победи болеста!
Во објава на својата официјална страна на…
Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…
КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…
Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…
За тврдењата на албанската опозиција дека во…
Конгоанските мигранти ја напуштија зградата на поранешната…
Десетиците мигранти по потекло од Конго кои…