Грција е втора земја по директни странски инвестиции во Македонија

t

Грција е втора земја по странски директни инвестиции (СДИ) во Македонија, според податоците објавени од Народна банка на Македонија, зад Австрија, но пред Турција, која особено ги проширува своите интереси на Балканот.

„Во 2023 година грчкиот нето-прилив на странски директни инвестиции во Македонија благо порасна и достигна околу 750 милиони евра од 728 милиони евра во 2022 година, што бележи позитивна промена од 3,1%“, покажуваат податоците обработени од Канцеларијата за економски и трговски прашања на Амбасадата на Грција во Скопје.

Во 2023 година, грчките инвестиции сочинуваа 10% (од 10,4% во 2022 година) од сите странски директни инвестиции во Македонија, додека Грција ја задржа втората позиција меѓу земјите со најголеми инвестиции во Македонија.

Прва земја со директни странски инвестиции во Македонија е Австрија, со прилив кој на крајот на 2023 година изнесуваше 1,2 милијарди евра, додека Турција се искачи на третото место (од седмото на кое беше рангирана на крајот на 2022 година), чии странски директни инвестиции достигнаа 715 милиони евра, што бележи позитивна промена од 33%.

Грчките инвестиции во Македонија главно се поврзани со храната, енергијата, металите, трговијата на мало и со финансискиот сектор.

Делегација на Народната банка во посета на Атина

Делегација на Народната банка, во состав од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, вчера беше во работна посета на Банката на Грција, во рамките на заложбите за унапредување на регионалната соработка со централните банки и утврдување на заедничките економски и финансиски приоритети, соопштија од НБРМ.

За време на посетата, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари средба со својот колега, Јанис Стурнарас, гувернер на централната банка на Грција, а делегацијата се сретна и со заменик-гувернерката, Кристина Папаконстантину и генералниот директор за супервизија и решавање банки, Јоанис Цикрипис.

За време на средбата беа разработени повеќе теми од заеднички интерес на двете централни банки. Притоа акцентот беше ставен на одржувањето на финансиската стабилност како предуслов за економски раст. Беше заклучено дека во услови на неизвесност во светски рамки, од големо значење е да се гради отпорноста на банкарските системи, вклучително и преку обезбедување заштитни слоеви на капиталот. Исто така, беа разгледани теми поврзани со модернизацијата на финансиските системи и дигитализацијата.

На средбата беше нагласена заложбата на двете централни банки за продлабочување на соработката преку иницијативи за размена на знаења и искуства и зајакнување на билатералните односи.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го истакна значењето на регионалната соработка за утврдување на сложените предизвици:

„Во денешната, интегрирана светска економија, соработката помеѓу централните банки е од суштинско значење за обезбедување нa финансиската стабилност, поттикнување одржлив раст и регионален напредок. Со продлабочувањето на соработката со Банката на Грција можеме заеднички да делуваме во корист на финансиската стабилност и економскиот развој на нашите земји и регионот“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерот Јанис Стурнарас ги прими на работна средба гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова.

„Разговаравме за макроекономските и финансиските случувања во нашите земји, како и за начините за подобрување на соработката во однос на банкарскиот сектор и за заштита на финансиската стабилност во регионот“, рече Јанис Стурнарас.

Оваа работна посета е уште еден доказ за посветеноста на Народната банка на градењето регионални партнерства, придонесувајќи кон стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грција е втора земја по директни странски…

Грција е втора земја по странски директни…

(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…

Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…

Двајца загинати во невремето „Бора“ во Грција

Две лица го загубија животот на грчкиот…

Мицотакис: Верувам дека Македонија ќе сфати дека…

Верувам дека земјата ќе сфати дека не…

Истрага против македонски државјанин одговорен за убиството…

Од Обвинителството информираат дека е отворена истрага…