Дали Кина се подготвува за војна?
Кина претставува сè појасна и непосредна безбедносна закана во Индо-Пацификот и се подготвува за можно користење воена сила со цел менување на рамнотежата на моќта во регионот, предупреди американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на безбедносната конференција во Сингапур.
Хегсет истакна дека постои реална можност Пекинг да започне напад врз Тајван – самоуправниот остров што Кина го смета за своја територија. Според него, кинескиот претседател Си Џинпинг поставил рок до 2027 година армијата да биде подготвена за инвазија врз Тајван.
„Кина секојдневно гради и тренира војска подготвена за војна. Да бидам јасен – секој обид на комунистичка Кина да го освои Тајван со сила ќе има разорни последици за регионот и светот“, изјави Хегсет.
Тој потенцираше дека САД нема да дозволат да бидат истиснати од Азија, ниту пак да дозволат нивните сојузници да бидат заплашени. Американскиот министер ги повика земјите од Азија да ги зголемат своите одбранбени буџети и да градат цврста соработка со Вашингтон за спречување на конфликт.
Кина остро реагираше на изјавите, обвинувајќи ги САД дека се „главниот извор на нестабилност“ во регионот. Во објава на амбасадата на Кина во Сингапур, се вели дека Хегсет повторно ја „клеветел и напаѓал Кина“ и дека говорот бил исполнет со „провокации“. Пекинг ги обвини САД за милитаризација на Јужното Кинеско Море и за воздушно извидување на кинески територии.
Во исто време, Кина драстично ја намали својата дипломатска присутност на дијалогот „Шангри-Ла“, што традиционално претставува платформа за дијалог помеѓу САД и Кина. Наместо висока делегација, Кина испрати делегација од пониско ниво и го откажа својот планиран говор, без објаснување.
Хегсет истакна дека САД не бараат конфликт, ниту смена на кинескиот режим, но мора да обезбедат дека Пекинг нема да доминира со нив или нивните партнери.
„Не сакаме да го опколиме или провоцираме Кина, но нема да дозволиме таа да диктира во регионот“, рече Хегсет. Тој предупреди и дека економските врски со Кина може да се претворат во средство за политички притисок врз земјите во регионот.
Министерот за одбрана на САД ја повика Азија да инвестира повеќе во одбрана, посочувајќи ја Европа како пример за тоа како силен одбранбен капацитет може да делува одвраќачки.
На истата конференција, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа мора да биде сојузник и на азиските земји. Американската страна возврати дека би сакала поголем дел од европските инвестиции да останат во Европа, со цел САД да ја искористат својата „компаративна предност“ во Индо-Пацификот.
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, предупреди дека безбедноста на Европа и Азиско-Пацифичкиот регион се тесно поврзани. Како пример ја наведе Украина, каде што, според неа, веќе има присуство на севернокорејски војници, а Кина испорачува оружје на Русија.
„Ако ве загрижува Кина, тогаш мора да ве загрижува и Русија“, рече Калас и додаде дека економската доминација на Кина може да се спречи само преку соработка со земји со слични ставови – како САД, Велика Британија, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израел ја погоди иранската државна телевизија за…
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во…
Жена со бугарско потекло загина во Израел
Постара Израелка со бугарски корени загина во…
Пицула за БГНЕС: „Српскиот свет“ е опасен,…
„Српскиот свет“ е опасен. Местото на Западен…
Сè уште не почнала евакуацијата на македонските…
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел…
ЕХФ го затвори случајот со реваншот од…
Eвропската ракометна федерација денеска го затвори случајот…