Да не останат покуси: И Таравари предлага нови закони за владеење на правото и борба со корупцијата
В.д, претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во партиското седиште одржа прес-конференција во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата – 9 Декември со цел, како што рече, да се подигне свеста за корупцијата и за да се истакне улогата на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, ратификувана од Македонија во 2007 година. Тој рече дека според индексот на Транспаренси Интернешнл во 2007 година, во борбата против корупцијата државата била на 84-та позиција во светот, а сега на 87-ма позиција.
-Во текот на последните пет години ги имаме соборено рекордите пристигнувајќи до 111-та позиција, покрај земји како Монголија во Источна Азија или Етиопија во Источна Африка. Значи Македонија наместо да бележи напредок во борбата против корупцијата за да се приближи на стандардите на земја со европско владеење на правото, банкротира и дезертира од светската борба против корупцијата. Во текот на овие години добивме дури и нови официјални епитети, достојни за најдивите автократии во светот, како „заробена држава“ според Европската комисија или „хибриден режим“ според Фридом хаус, рече Таравари.
Според него, првата причина за оваа состојба е неказнивоста на корупцијата на, како што рече, високо ниво преку партизација на правосудниот систем.
-Кога тие што раководат со главните институции во земјата, кои се гаранти на демократијата, даваат пример дека судија и обвинител може да се поткупи, да се заплаши и да се упатува да го попречи спроведувањето на законот, тогаш што очекуваме од другите во една земја којашто е меѓу најсиромашните во Европа? Сега кога земјава е на прагот да ги отвори преговорите за членство во ЕУ, не смееме да продолжиме по стариот терк на козметички реформи кои остануваат само на хартија. Со различните бранови на проширување на ЕУ се докажа дека владеењето на правото е камен-темелник на демократијата, просперитетот и развојот. Грешките што се случуваат во оваа многу деликатна фаза ќе имаат длабоки и долгорочни последици во усогласувањето на земјата со европското владеење на правото, но и за функционирањето на самата Европска Унија. Недостигот на владеењето на правото претставува ризик и за економските инвестиции на нашите европски и американски партнери, кои очекуваат, да речеме судот во Тетово да биде сигурен и да му се верува како на оној во Франкфурт за да се заштитат интересите на германските инвеститори, истакна Таравари.
Таравари рече дека Алијанса за Албанците ќе ги ангажира сите нејзини капацитети за да донесе пакет за владеење на правото и бескомпромисната борба против корупцијата.
-Овој пакет ќе содржи Закон за ветинг (проверка) на судиите и обвинителите, Закон за Канцеларија за стекнување на имот, одговорна за конфискација на криминални средства, Законски пакет за морални совети за јавниот живот, вклучувајќи Закон за проверка на интегритетот и богатството на лицата кои се избираат, именуваат или вршат јавни функции, вклучително и во високото образование и терцијарното здравство, како и Закон за спречување на непотизам од пратеници, министри, директори на државни агенции и јавни претпријатија, како и високи општински претставници. Удвојување на јавните инвестиции во судството, во Јавното обвинителство и во институциите надлежни за спречување на корупција, рече в.д претседателот на Алијанса за Албанците.
Тој смета дека познати се методите на заробеното судство, кои започнуваат во почетната фаза на истрагите со заобиколување на електронскиот систем за случајна распределба на предметите.
-Значи, корумпираните на високо ниво се грижат предметот каде што се засегнати нивните интереси да оди на масата на нивните обвинители и судии, за потоа тие да ги саботираат предметите преку трикови (лукавство) како: незапазување на роковите за да се започне со испитување на обвинението, пролонгирање на постапките со цел на застарување на предметите, започнување од почеток на судските процеси, отсуство на лица чие присуство е неопходно за работата на судот и нецелосен состав на Судскиот совет, рече Таравари.
Тој ги повикува сите, вклучително и владејачките и опозициските партии, меѓународни партнери, медиумите и граѓанското општество, заеднички да се дискутира за нови и сеопфатни идеи со цел за да ја зачува заедничката иднина со конкретно и храбро делување на владеењето на правото и борбата против корупцијата
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Таравари за ТВ21: За Алијанса е многу…
Во просториите на општина Гостивар попладнево се…
Ахмети за ТВ21 по состанокот со Таравари:…
Во просториите на општина Гостивар попладнево се…
Изет Меџити ја повикува Алијанса за Албанците…
„Јас сум убеден дека ако останат со…
Русија и Кина формираат енергетска алијанса
Русија и Кина се во процес на…
Таравари избран за редовен професор на Meдицинскиот…
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен…