ДЕЛЕГАЦИИ НА ДРЖАВНИОТ И ПОЛИТИЧКИ ВРВ СЕ ПОКЛОНИЈА ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА БРАНИТЕЛИТЕ

t

Денес во 12.00 часот пред споменикот на Бранителите во паркот “Жена борец” во Скопје, во организација на Достоинство, политичката партија која произлезе од редовите на македонските бранители од 2001-та, делегации на државниот и политички врв, по повод 22 години од вооружените борби со кои македонските безбедносни сили на 26 март 2001 година го ослободија тетовското Кале кое претходно беше запоседнато од страна на ОНА (УЧК), положија цвеќе и оддадоа почит на македонските бранители кои го положија својот живот или беа подготвени да загинат бранејки ја татковината, Република Македонија.

На одбележувањето учествуваа делегација на Претседателот на Р Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, делегација на Владата на Р Македонија, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како и делегации на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица.

Од страна на организаторот Достоинство беше презентирана кратка хронологија на воените настани од тој период почнувајќи од 14 март 2001 година, кога на падините на тетовското Кале од страна на ОНА бил отворен оган од автоматско оружје врз патрола на македонската полиција. По неколкучасовна престрелка полициската патрола заедно со пристигнатото полициско засилување се повлекла со 15 повредени полицајци од кои 7 со прострелни рани, а ОНА се утврди на тетовското Кале. Истовремено единици на ОНА се појавија и во околните села во тетовскиот регион.
Неколку дена подоцна од страна на државниот врв е дадена наредба да се подготви план за воено-полициска операција за ослободување на тетовското Кале и чистење од УЧК на околните тетовски села.

Понатаму беа прочитани извадоци од книгата “Сведоштва 2001“ чиј автор е тогашниот заменик началник на ГШ на АРМ генералот Панде Петровски кој командувал со воено-полициската операција за ослободување на тетовското Кале. Можеше да се слушне како била планирана, потпишана и како течела операцијата за ослободување на тетовското Кале и чистење на околните села од припадниците на ОНА. Тетовското Кале е ослободено ноќта од 25 кон 26 март а воено-полициската операција во тетовскиот кризен регион продолжила и следните денови.

Од страна на претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов беше истакнато дека слободувањето на тетовското Кале е чиста, неспорна воена победа…

Интегрален текст од обраќањето на Ангелов:

Почитувани претставници на државниот и политички врв! Почитувани претставници на Достоинство! Почитувани Бранители! Почитувани претставници на медиумите!

Како што можевме да слушнеме од прочитаните цитати од сведочењата на тогашниот заменик началник на ГШ на АРМ генерал Панде Петровски, запишани во неговата книга “Сведоштва“ и покрај почетното колебање од страна на претседателот на РМ и врховен командант на вооружените сили Борис Трајковски, сепак планот за воено-полициската операција со кодно име МХ бил потпишан и македонската Армија и Полиција под единствена команда на генералот Панде Петровски рано утрото на 25 март 2001 година започнала силен координиран напад врз позициите на ОНА во тетовскиот регион вклучително и на тетовското Кале. Во нападот беа употребени борбени хеликоптери, тенкови, различни видови на артилериски средства како и армиската и полициската специјална единица Волци и Тигри, плус единици составени од професионални војници вклучително и посебните полициски единици како и припадници на резервниот армиски и полициски состав.

Во текот на ноќта, 25 кон 26 март 2001 година Калето беше исчистено од припадниците на УЧК и целосно ослободено. Истиот и следните денови исчистени од УЧК беа и повеќето шарпланински села.
Ослободувањето на тетовското Кале е чиста и неспорна воена победа. И покрај жестоките вооружени борби против УЧК немаше ниту еден загинат припадник на македонските безбедносни сили. Но не само овде. Не само на тетовското кале.
Ние, македонските бранители од 2001-та, воено бевме надмоќни. Имавме доволен број на армиски и полициски, професионален и резервен состав. Имавме одлично обучени и исклучително храбри специјални армиски и полициски единици како и добро обучени професионални војници и полицајци. Имавме борбени авиони и хеликоптери, тенкови, топови, хаубици и минофрлачи и секакви видови на пешадиско вооружување. Имавме се што ни беше потребно за успешно војување и војнички победи.
Ние македонските бранители од 2001-та, победивме насекаде каде што имавме наредба да војуваме. Изгубија политичарите. Изгубија тогашните колебливи политичари кои подлегнаа под силните притисоци на меѓународната заедница.

Од друга страна, гледајќи на војната од 2001-та од денешен аспект, со сето мое дополнително стекнато животно, професионално и политичко искуство, најверојатно така било подобро бидејќи доколку конфликтот не беше пресечен и сопрен во таа веќе напредна фаза постоела опасност од негово прераснување во крвава меѓуетничка војна со безброј жртви, страдања и разрушувања. Последиците од таква војна се отстрануваат тешко а можеби и никогаш.
Во вооружените дејствија во 2001 година загинаа седумдесетина припадници на безбедносните сили на Република Македонија, нивните имиња може да се прочитаат на овој достоинствен споменик. Некои од нив починаа подоцна како последици на здобиените рани, повреди или трауми. Повеќе од 300 беа ранети или повредени.
Денес 22 години подоцна Македонија е безбедна држава, со напреден процес на помирување, со стабилни меѓуетнички односи, членка на НАТО, на пат кон ЕУ.
Наша обврска како држава е да го чуваме споменот на загинатите Бранителите, да помагаме на нивните семејства, да се грижиме за ранетите, повредените и трауматизирани бранители, да и овозможиме достоинствен третман и на бранителите кои се извлекле без видливи последици.

Но дали во македонската реалност е така? Дали државата навистина се однесува така кон оние кои последни се бореа за татковината, кон оние кои последни крвареа, кон оние кои загинаа или беа подготвени да загинат бранејќи ја Македонија?

Јас би рекол, делумно да. Делумно е така. Државата покажа грижа за повеќето семејства на загинати бранители, покажа грижа и за повеќето воени инвалиди како и за дел од неповредените бранители. Но тоа не е доволно, тоа не е односот кој го заслужуваат македонските бранители. Петнаесетина семејства на загинати бранители како и триесетина полесно ранети бранители до ден денес сеуште се необесштетни. Надеж дека нивниот горлив проблем, како и други проблеми со кои се соочуваат останатите бранители, ќе бидат надминати, ми дава денешното присуство на високите државни и политички делегации. Надеж дека овој горлив проблем ќе биде надминат ми даваат и разговорите со координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески по претходно одобрување од премиерот Димитар Ковачевски. Надеж дека овој горлив проблем ќе биде решен ми даваат и разговорите со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Неправди доживуваат и некои припадници на македонската Армија и Полиција кои се наоѓаат на несоодветни работни места или заминаа во пензија од такви работни места. Посебен случај се припадниците на резервниот армиски состав кои не добија никаква благодарност од Државата.

За нас Бранителите најважна е почитта и благодарноста од народот, почит која сеуште ја чувствуваме на секој чекор. Но важна ни е почитта која денес, за прв пат на централниот споменик на бранителите заедно ни ја укажа државниот и политички врв на државата.

Затоа упатувам благодарност до претседателот Стево Пендаровски, премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, министерот Оливер Спасовски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на Левица Димитар Апасиев, кои денес во знак на почит кон нас Бранителите од 2001-та испратија свои делегации, со надеж дека на некое следно чествување ќе се појават лично.

Сосем на крај да најавам дека во продукција на Достоинство, започна снимање на серијата “Воени Раскази“ која ќе се состои од повеќе епизоди со различни раскази во кои припадници на безбедносните сили на Република Македонија односно македонските Бранители од 2001-та, ќе сведочат за победнички вооружени борби, но и за тешки битки, заседи и други настани во кои загинале, биле ранети или повредени нивни соборци, бранејки ја татковината, Република Македонија од нападот на ОНА (УЧК) во 2001 година. Целта на овие сведоштва не е да шират омраза туку ќе бидат обид на еден суров и пластичен начин, на гледачите, да им се приближат ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат

Им посакувам колку што е можно подобро здравје и што помала болка на ранетите и повредени Бранители.
Им посакувам добро здравје на сите останати македонски Бранители.

Нека им е вечна славата на сите загинати македонски Бранители.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…