Добра вест: Ковид-прекршителите ќе добијат условна наместо парична казна
Добра вест за луѓето кои имаат прекршоци во врска со Ковид-протоколите за време на пандемијата.
Во драфт-верзијата на предлог-законот за амнестија на прекршителите на ковид-протоколите, се предлага паричните и затворските казни да се заменат со алтернативна мерка – условна осуда или амнестија. Предлогот ќе биде доставен до Собранието, со образложение дека во најголем дел прекршителите се социјални случаи и дека предност треба да има хуманата димензија.
Неофицијално, пратениците лекари од мнозинството се против предлогот, бидејќи, како што велат, се промовира неказнивост, нееднаквост и селективна правда. Тие сметаат и дека при идна пандемија тешко ќе се убедат граѓаните да се почитуваат мерките ако помине ова решение.
Зад законското решение за амнестија ќе застанат пратениците од СДСМ и ДУИ, а предлогот веќе ја има поддршката од претседателот на државата.
Според драфт-верзијата на законот, на лицата на кои со правосилна пресуда им е изречена парична казна поголема од 1.000 евра, или им е заменета со казна затвор, паричната казна се заменува со алтернативна мерка – условна осуда и се определува дека нема да ја платат казната ако во рок од три години по одлуката за амнестија не сторат ново кривично дело. Прекршителите на ковид-мерките кои биле парично казнети до 1.000 евра, ќе бидат амнестирани ако во период од две години од амнестијата не сторат ново кривично дело. Лицата, пак, кои почнале да ја плаќаат казната, но не го платиле целиот износ, ако помине предлогот, преостанатиот дел од паричната казна би требало да им се замени со алтернативна мерка условна осуда. Тие нема да ја доплатат казната во износ од над 1.000 евра ако за три години од амнестијата не направат ново кривично дело, односно ако казната била до 1.000 евра нема да ја платат ако во период од две години не направат ново кривично дело. Според предлог-законот, амнестијата не се применува на фирмите, кафулињата, рестораните и на нивните сопственици.
Амнестијата врз осудените лица на кои паричната казна им е заменета со казна затвор и кои се наоѓаат на издржување на затворската казна, се поведува по службена должност од казнено-поправната установа.
Постапката за амнестија на прекршителите, осудени на парична казна, се поведува по барање на прекршителот, неговиот адвокат или во корист на осуденото лице по барање на негов брачен или вонбрачен партнер или роднина по крв во прва линија. Парламентарното мнозинство поддршка за предлог-законот за амнестија ќе бара и од опозицијата.
Неофицијално, станува збор за околу 3.500 случаи на лица што се осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-мерките за време на пандемијата, а околу 90 отсто од нив се социјални случаи.
Според податоците на Основен кривичен суд Скопје, лани 138 лица биле правосилно осудени на парична казна по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствени протоколи за време на пандемија“. Откако не ја платиле досудената казна, паричната казна им е заменета со затворска.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучевиќ е позитивен на Корона, пред неколку…
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ е позитивен…
Бајден позитивен на Ковид
Претседателот на САД, Џо Бајден, се тестираше…
Грчките здравствени власти предупредуваат на наглото зголемување…
Властите во Грција предупредуваат на зголемено ширење…
120 „честитки“ за непрописно возење во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот…
Сообраќајни прописи во Грција на кои македонските…
Многумина летово ќе заминат на одмор во…