Добро утро со Инфомакс: Наше знаме е Сонцето, тоа е најстариот оган на кој се грееме

t

Добро утро Македонци, денеска ви го пренесуваме “Македонскиот манифест” на Петре М. Андреевски кој е вечно завештание за татковината:

„Браќа земљаци и мили комшии! Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Kрушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода…“

Веројатно ретко има некој повозрасен македонски граѓанин кој во претходните пораки нема веднаш да ги препознае првите реченици од легендарниот Kрушевски манифест со кој илинденските востаници од 1903 година им се обратија на сите објаснувајќи ги целите на кревањето на востанието и на борбата што почнале да ја водат.

Во тој документ, чиј оригинален текст не е зачуван поради тешките и крвавите битки што ги воделе востаниците, туку во народот е зачуван и длабоко всаден текстот кој подоцна го напишал револуционерот и писател Никола Kиров – Мајски, практично содржани се сите оние најважни и главни цели поради кои таа генерација македонски револуционери беше подготвена да ги даде своите животи. Слобода, сопствена држава, заеднички живот, мир, толеранција… беа тогаш, но и пред и по илинденската епопеја, идеали за кои македонскиот народ сонувал, се борел и живеел.

На свој начин Kрушевскиот манифест беше оној столб и светилник кога се во прашање преломните историски моменти што ги преживува една држава. Манифестите што низ нивната историја се правеле во рамките на еден народ, држава, група луѓе, секогаш на најдобар и најдиректен начин ги отсликувале целите на оние што стоеле зад нив. А нивното остварување зависело од многу работи. Најчесто од објективната ситуација која владеела во времето на нивното прокламирање, па сè до нивната содржина и пораките што тие ги пренесувале.

Желбата за македонска држава постојан мотив

Во македонската историја имало повеќе такви документи кои останале длабоко врежани во народната меморија. Таков, на пример, бил Манифестот на привремената влада на Македонија – Единство, напишан во март 1881 година и со кој биле прокламирани целите на владата која требало да ги застапува интересите на сите Македонци без разлика на нивната вера и народност.

– …Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја освојат нашата татковина и да го уништат нашиот народ, кој, блескајќи со таква светлина, никогаш нема да биде уништен. Нашата мајка Македонија стана како вдовица, осамотена и напуштена од нејзините синови. Ако еден јарем се замени со друг, обновувањето на Македонија ќе стане невозможно и нашиот народ ќе биде збришан. Овој момент е клучен за Македонија; ова е прашање на живот или смрт – пишуваше во овој документ.

Целта на создавањето независна Македонија била главна и во познатиот Мајски манифест, кој во мај 1924 година го донела ВМРО (обединета):

– Браќа Македонци! Македонија во своите природни географски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, Охридското Езеро, планината Грамос, реката Бистрица и Егејското Море ги има сите услови и права за самостојно политичко постоење како независна држава што се управува самостојно.

Kулминација, пак, на својата борба за национална и социјална слобода македонскиот народ ја доживува во народноослободителната војна во текот на Втората светска војна, а што е олицетворено во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, усвоен во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ на 2 август 1944 година.

– Македонскиот народ влегува како национално ослободен и рамноправен член во нова, демократска и федеративна Југославија… Тргнувајќи од вековните идеали на македонскиот народ, првото македонско Народно собрание го прокламира пред целиот свет своето праведно и неотстапно сакање за обединување на целиот македонски народ на принципите на правото за самоопределување – се потенцира во овој историски документ.

Барање на тројца интелектуалци

Оттогаш до сега, посебно по создавањето самостојна македонска демократска држава во 1991 година, манифестите како документи не исчезнаа и се појавуваа како документи што ги пишуваа одредени групи, политички партии, здруженија на граѓани, како и поединци. Нивниот дух и целта по правило биле исти – да се зачува македонската држава, да се одбрани македонскиот народ од сите негирања и посегања, да се зачува мирот и да се исполни желбата за интеграција во евро-атлантските структури. И сега, како и порано, важеше правило дека одредена кризна состојба на свој начин ја предизвикува потребата да се појават ваквите документи со кои на посебен начин ќе се дадат одговори на дилемите пред кои се поставува државата. Таков случај беше и во првите години на почетокот од овој век по воениот конфликт во 2001 година и по кој македонската држава доживеа промени кои оставија трага во живеењето на нејзините граѓани. Во тие години, токму кога се одбележуваше 100-годишнината на Илинденското востание, се појавува еден од посебно вредните манифести кои се адресирани кон саканата држава. Зад него стои еден од најпознатите македонски писатели, Петре М. Андреевски, автор на „Пиреј“ и на редица други книжевни дела кога тоа од него го побарале тројца македонски интелектуалци. За кусо време овој нов Македонски манифест бил напишан со сите оние цели и поенти што ваквите документи ги имале во нашата историја. Но, за жал, тој остана недоволно познат за македонската јавност во тој период бидејќи немаше доволно слух и подготвеност тој да допре до што поголем број луѓе. Шансата да се направи тоа била испуштена во тој период кога во 2003 година истите интелектуалци кои го поттикнале Андреевски да го напише текстот се обратиле до фондацијата Институт отворено општество со цел финансиски да се потпомогнат печатењето и дистрибуирањето летоци со текстот на манифестот. Но, барањето било одбиено со образложение дека се работи за премногу агресивен текст, иако потоа тој се читаше на разни свечености. Една таква беше и откривањето на бистата на Андреевски во просториите на Друштвото на писателите во 2008 година кога по пет години повторно се слушнаа неговите зборови и мисли за Македонија, на која ~ ги посветил своите дела.

Што напиша авторот на „Пиреј“?
– Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост!

Браќи и сестри, бидете на штрек!

На подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот! Не напуштајте го храмот што го носите во вас. Не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат. Исправете ги неговите урнатини зашто само така ќе си ја вратиме и верата во себеси. Не срамете се од ништо што е наше. Ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци, кои пред нас биле некаде тука. Можеби на истите овие места што сега ги зафаќаме ние.

Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото што го позајмиле од нас. Сите оние кои што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна што се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. „Јазикот е наша идеална татковина“, ќе рече Kонески и затоа да ги обожуваме своите зборови зашто тие се лицето на нашата душа. Тие се единствените живи споменици и клучни сведоци на кои им должиме сето наше сеќавање.

Браќа и сестри!

Ние сме избраниот народ што го имаше и божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Отворете ги нашите стари светилишта и ќе се уверите дека на овој духовен простор е родена и ренесансата во делата на големите ликовни мајстори на ѕидното сликарство.

Низ богатиот и разновиден фолклор е изразена и неповторливата творечка дарба на нашиот народен гениј. Тоа е златниот ковчег во кој се чува целиот македонски предзнак што ни е оставен во вечно завештание.

Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи духовни видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Kолку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она избрано место на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.

Браќа и сестри по род!

Да ги зарамниме еднаш веќе длабоките бразди на делби и омраза. Во омразата никој нема ни иднина ни надеж. И вие, браќа и сестри, кои судбината ве принудила да живеете заедно со вас, вклучете се во нашето единство. Зашто тоа ќе има непроценлива вредност. И за вас и за нас. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Но, ако не ја прифаќате нашата добронамерно подадена рака, тогаш го бараме само вашето разбирање кон нашите возвишени цели.

Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Но ние таа историја сакаме да ја пишуваме само со своето писмо и со својата вистина. Годинава славиме 100 години Илинден и 100 години македонска државност. А не се 100, туку 1.100 или 2.000 и неколкупати по 100 години македонска државност. Kој тоа се обидува да го замаглува нашето памтење? Kој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.

Браќа и сестри!

Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што не осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.

Ура за Македонија, ура и за тој вечен оган по кој се препознаваме.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Толку од сонцето: Еве кога ќе врне…

Времето ќе биде сончево и топло со…

НАСА ќе лансира дури три ракети за…

Ракетите ќе ја мерат густината на наелектризираните…

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…