(Документ)Дали Зарко Милошевски е руска инсталација во Македонскиот безбедносен систем?

t

На 3. март 2022 година, Секторот за управно надзорни работи добива допис од Агенцијата за национална безбедност по спроведена безбедносна проверка за лицето Александр Онишченко кое аплицирало за прием во државјанство на Република Северна Македонија, не постојат пречки од безбедносен карактер.

Овој допис, потоа е презентиран на седница на Владата на Р.Македонија на која е одлучено дека Онишченко ќе добие македонско државјанство.

Украинскиот политичар, Александр Онишченко кој фигурира на листата на санкции на САД и е баран со потерница од Украина за перење пари, во Македонија добил државјанство како истакнат спортист кој се натпреварува како македонски репрезентативец во коњички скокови.

Одобрение дале Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, Федерацијата на коњички спортови и главен позитивен одговор дала Агенцијата за национална безбедност која не нашла ништо спорно во контроверзната биографија на Онишченко.

Иницијативата за добивањето државјанство ја поведува Федерацијата за коњички спортови. Ристо Јосифовски, претседател на коњичката федерација на Македонија, потврди дека тие побарале државјанство за него.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски наведува дека институцијата не дала позитивен одговор за стекнување државјанство бидејќи е ненадлежна, тврди дека од Федерацијата за коњички спортови било побарано, но тие никогаш не доставиле докази за успесите на барателот на државјанство.

Сепак владата му дала државјанство и во својата одлука ги потенцира токму позитивното мислење на Агенцијата за млади и спорт како оправдување што на спортист со контроверзна политичка биографија полна со корупциски скандали му дала македонски пасош.

Во мислењето испратено до владата, Агенцијата се повикува на Коњичката федерација, која цени дека тој ќе го поддржи развојот на коњичкиот спорт, дека има искуство како тренер и дека ќе ја претставува нашата држава на врвни спортски меѓународни настани.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, вели дека иницијатор за ангажманот на Онишченко е Коњичката федерација, а комитетот само оценил дека овој човек може да се пласира на Олимпијада под македонското знаме. Димевски објасни дека се создава македонска репрезентација за овој спорт, покрај Онишченко има уште еден репрезентативец „позајмен“ од Словенија, а коњите со кои тие двајца настапуваат (и кои се исклучително скапи) се во сопственост на Украинецот.

Но каде е вистинскиот безбедносен пропуст

Една од основните законски задолженија на Агенцијата за национална безбедност е вршење на безбедносна проверка на лица кои бараат прием во Македонско државјанство.

Агенцијата при вршење на ваква проверка има обврска и право да користи разни извори на информации, од јавно достапни информации, до тајни и информации прибрани од странски служби.

Онишченко сепак, и покрај сите овие надлежности и можности кои ги има Агенцијата, не се појавил на ниту една од безбедносните проверки, и ги поминал сите филтри иако, против него Американската администрација го има ставено на црна листа, а Украинската влада го бара со меѓународна потерница.

На 03. март 2022 година, Секторот за Управно Надзорни работи при МВР добива допис од АНБ по предмет „Прием во државјанство“.

Во истиот, прво е напишана врската и „Ваш акт бр. хх.х.хх-хххх/2021“ кој МВР го испратила до АНБ на 26.04.2021 година.

Диспозитивот на овој документ одобрува, или декларира дека против лицето Александр Онишченко нема пречки да биде внесен во државјанство на Република Северна Македонија.

„Во врска со Вашиот акт под горе наведениот број и датум, Ве известуваме дека за лицето Александр Онишченко, кое има аплицирано за прием во државјанство на Република Северна Македонија, не постојат пречки од безбедносен карактер“

На овој акт потпишани се четири лица.

Лицето кое го изработило актот, лицето кое го контролирало актот, како и лицето кое го одобрило актот.

Четвротото лице е Викторијо Димовски кој во тој момент беше директор на Агенцијата за национална безбедност.

Она што е интересно, е што, лицето кое го одобрило овој акт врз основа на кој акт подоцна Владата донела одлука за доделување на државјанство на Александр Онишченко е новоназначениот директор на АНБ Зарко Милошевски.

Никој не го демантира документот, сите си ја префрлаат вината

Ниту владата, ниту МВР, ниту пак Претседателскиот кабинет не прифаќаат да бидат кабает во оваа ситуација.

Од владата воопшто и не го коментираат овој документ, иако Агенцијата е под директна надлежност на Владата на Р.Македонија.

Оттаму, воопшто не се ни трудат да одговорат како премиерот Димитар Ковачевски назначил лице за директор на АНБ кое подметнало документ за издавање на државјанство на лице кое е на црната листа на САД – инаку стратешки партнер на Македонија -, земја со која силно соработуваат и Македонските безбедносни служби, но и лице кое се бара по меѓународна потерница преку Интерпол издадена од Украина?

Од владата, велат дека Милошевски бил „професионалец“ кој учествувал на „многу обуки“ и „професионално се надградувал“.

– Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека Владата ја донесе одлуката за одземање на државјанството на Олександр Онишченко откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи, во кое што се информира за можноста за одземање на веќе дадено државјанство врз основа на Законот за државјанство на Република Северна Македонија, велат од Владата.

– Во однос на второто прашање, именувањето на Зарко Милошески за директор на Агенцијата за национална безбедност е донесена врз основа на неговите професионални квалитети. Тој е со искуство на раководни позиции во Агенцијата и е професионалец кој напредувал во својата кариера којашто ја започнал во некогашната Управата за безбедност и контраразузнавање.
Професионално се надградувал на обуки организирани од домашни и странски институции, се правдаат, притоа воопшто не коментирајќи го скандалозниот документ.

Од Министерството за внатрешни работи пак, велат дека тие не се надлежни за спроведување на постапката, и дека одговори за евентуални пропусти треба да бараме од Агенцијата.

– Документите во врска со безбедносните проверки на лица се класифицирани. Исто така, доколку прашувате за документ изготвен од друга институција, потребно е да се обратите до таа институција, велат од МВР за Инфомакс.

И во суштина, ваквото тврдење на МВР е точно. Надлежноста за безбедносни проверки од овој тип со новата безбедносна систематизација е исклучиво кај АНБ.

Од претседателскиот кабинет велат дека тие немаат надлежност во случајот, но очекуваат институциите да го решат овој случај што поскоро.

– Работата на АНБ не е во надлежност на претседателот Пендаровски. Очекуваме дека надлежните институции ќе ги дадат сите одговори за случајот Онишченко, велат од претседателскиот кабинет.

Притоа, од кабинетот на Пендаровски воопшто не спомнуваат дали се вршат проверки во врска со постапката на АНБ и дали во овој случај се вмешани интереси на трети држави кои се непријателски на Македонската и пријателските служби.

Од амбасадата на САД пак, за Инфомакс, немаа коментар туку не упатија одговори да бараме од Минстерството за внатрешни работи.

Кој е Зарко Милошевски, и дали има Руска врска?
Tоме Милошевски важи и за еден од најголемите критичари на раководството на Зоран Заев, и беше меѓу првите кои бараа оставки од екс-претседателот на СДСМ. Браќата Милошевски важат и за силни поддржувачи на Бранко Црвенковски, од кого и преку социјалните мрежи бараа да се врати на кормилото на партијата.

Зарко Милошевски пак, е и фаворит на Зечевиќ, а е вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во времето на директорувањето на Сашо Мијалков, а заедно со него во истиот период е вработена и неговата сопруга.

Милан Милошевски пак, третиот брат на Зарко, до 2006-та година беше директор на ГТЦ, а за неговото директорување доби и кривична пријава по завршувањето на директорскиот ангажман.

Но, освен партиските препукувања, браќата Милошевски изразиле и низа на пофалби кон Рускиот претседател Владимир Путин, но и силни критики кон нашето членство во НАТО, обвинувајќи ја Алијансата за „модерен фашизам“ и како виновна за промената на Уставното име на Р.Македонија.

Оттука останува отворено и прашањето дали во СДСМ се води тивка војна помеѓу две партиски крила, едно про-руско предводено од Миле Зечевиќ, и другото крило предводено од актуелните владини функционери.

A.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МВР, ЈО и АНБ се комплетно подготвени…

Во врска со претстојните избори денеска во…

Лажно се претставувал како вработен во АНБ…

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за…

Софистицираните системи „Пегасус“ и „Предатор“ под лупа…

Денеска истекува крајниот рок до кога надлежните…

Утре ќе биде именуван нов директор на…

Владата утре на седница ќе именува нов…