(Документи) Државниот пазарен инспекторат работел без печат – Зошто нема одговорност за трагедијата во Кочани?

t

„Животните надвор гледаа од свиња на човек, па од човек на свиња, па повторно од свиња на човек; но веќе беше невозможно да се каже кој беше кој.“ (Животинска фарма – Џорџ Орвел)

Што ако инспекторатот кој треба да ги контролира сите правни лица дали работат по закон не работел по закон? Ова е уште еден текст во низата „Само во Македонија“, каде ќе видите како спротивно на закон се потпишуваат низа на акти поврзани со работењето на инспекторатот, а и како за раководители се поставуваат лица кои немаат ниту лиценца за инспектор.

„Државниот пазарен инспекторат врши инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти од страна на трговските друштва, други правни и физички лица како и граѓаните кои вршат дејност на територијата на РС Македонија, а кои најчесто се однесуваат на безбедноста на производите, заштита на потрошувачите, дејности од областа на трговијата, угостителството, туризмот, занаетчиството, заштита на правата од индустриска соспственост како и други работи определени со закон.“. Ова стои на веб-страницата на ДПИ во делот на надлежности на инспекторатот.

На 30 октомври 2024 година од Владата потврдија дека за нов директор е назначен Влатко Стојкоски. Стојкоски инаку е донатор на ВМРО-ДПМНЕ.

Се сеќавате дека оваа Влада направи измени во Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), со што се формираа нови министерства. Дополнително, самостојните правни лица, како инспекторатите, го изгубија статусот на самостојни правни лица, туку стануваат органи во состав на министерствата.

На 10 јуни 2024 година во Службениот весник се објавени измените на Законот за инспекциски надзор, каде во „преодни и завршни одредби“, член 28 од измените на Законот, во точката 15 се наведува дека „Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд“.

Со оваа измена во Законот се јавува и потреба за измена на печатите и штембилите, поради што од Министерството за економија и труд испраќаат допис до Државниот пазарен инспекторат на почеток на март годинава во кој навесуваат дека поради измените на Законот произлегува потреба од менување на печатите и штембилите поради што бараат да им се достави листа на печати и штембили со податоци потребни за изработка на истите и тоа: опис со димензии, материјал за изработка, количина итн.

Дописот е потпишан од министерот Бесар Дурмиши.

Во предлогот на законот за измена на Законот за инспекциски надзор, во воведот „Оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причините за донесување на законот“, пратениците кои се предлагачи на законот наведуваат дека:

„Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд.

Во Буџетот а РСМ за 2025 година, во рамки на министерствата, како посебни потпрограми се вклучени државните инспекторати, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор, односно истите повеќе не се буџетски корисници од прва линија. Аналогно на ова, согласно член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор се избриша одредбата дека инспекторатите имаат својство на правно лице, па оттука произлезе потребата од доусогласување на материјалните одредби од Законот во однос на надлежностите на директорите на државните инспекторати со новонастанатата состојба според која инспекторатите немаат сопствена буџетска сметка, не можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања во согласност со Закон, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.“

Запаметете го ова, затоа што ќе биде многу важно. Накратко, печатите и штембилите не им важат, инспекторатот нема својство на правно лице, нема сопствен буџет, не смее да спроведува јавни набавки, ниту вработувања, ниту да одлучува за правата и обврските од работен однос на вработените.

Тука почнуваме со низата дејствија на директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, за кои Обвинителството би требало подетално да провери дали се согласно Закон, или сепак не.

1. Правилник за утврдување на распоредот на работното време и начинот на евиденција на вработените во Државниот пазарен инспекторат

Владата носи „Одлука за утврдување на распоред на работното време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи за државната управа. Владите на СДСМ, со неколку измени донесуваат одлука за двосменска работа, со што во текот на целиот работен ден има покриеност во сите институции. Значи вработени во институците има од 7.30 – 8 часот наутро, до 19.30 – 20.00 часот навечер. Одлуките на Владата се објавени во Службен весник. Во овој случај се намалува бројот на прекувремени часови поминати на работа, затоа што во текот на целиот ден вработените се во соодветната смена, а единствена прекувремена работа би била евентуална работа ноќе, после втора смена. Дополнителните работни часови исто така и дополнително се плаќаат како прекувремена работа.

Се сеќавате на моментот дека печатите и штембилите на ДПИ не важат поради измените во законот? Епа директорот Стојковски носи Правилник за утврдување на распоредот на работното време и начинот на евиденција на вработените во Државниот пазарен инспекторат.

Правилникот кој го носи Стојковски е донесен врз основа на непостоечка одлука на Владата која не е објавена во службен весник, дополнително, истата е донесена без овластување од Министерот за економија (што е посебна тема), но е печатирана и со невалиден печат. Накратко, истата е невалидна и не би требала да профункционира.

Вработени во ДПИ (кои сакаат да останат анонимни поради притисоците кои ги трпат) реагираат дека вработени блиски до владејачката партија и директорот на овој начин си „штанцаат“ прекувремени, на незаконска и неважечка одлука донесена од директорот, со невалиден печат и без овластување.

2. Распоредување на вработени во ДПИ

Како што кажавме претходно, со измените на Законот за инспекциски надзор Државниот пазарен инспекторат го губи својството на правно лице и покрај останатото, треба да набави нов печат, штембил и да функционира откако ќе го стори тоа. Но директорот Стојковски си ги зема работите во свои раце уште веднаш, па донесува низа решенија за прераспоредување на работно место и плата на повеќемина административни службеници.

Така, постојат прераспоредувања во различен сектор, во пониско ниво, промени во платите на вработените. Директорот тоа го прави, како што стои во решенијата „врз основа на член 10 од Законот за адмнистративни службеници, како лице кое раководи со институцијата, а со цел обезбедување на услови за ефикасна примена на законите и прописите.“ Дополнително, во решенијата е наведено дека „директорот решава за правата од работен однос на административните службеници во институцијата согласно Законот со кој е избран или именуван на функцијата.“

Директорот ги носи овие решенија и ги потпишува и печатира повторно со стариот печат, во време кога Инспекторатот нема својство на правно лице и, како што се вели во предлогот за изменување на Законот за инспекциски надзор:

„Во Буџетот а РСМ за 2025 година, во рамки на министерствата, како посебни потпрограми се вклучени државните инспекторати, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, односно истите повеќе не се буџетски корисници од прва линија. Аналогно на ова, согласно член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор се избриша одредбата дека инспекторатите имаат својство на правно лице, па оттука произлезе потребата од доусогласување на материјалните одредби од Законот во однос на надлежностите на директорите на државните инспекторати со новонастанатата состојба според која инспекторатите немаат сопствена буџетска сметка, не можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања во согласност со Закон, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.“

Од ова произлегува дека директорот не може да одлучува ниту по правата од работен однос на вработените, што во овој случај ги прераспределува, а такви се десетици случаи, кои сега можат да тужат и нормално да добијат на суд затоа што одлуката на директорот е без овластување од Министерот и печатирана со невалиден печат, дополнително во период кога инспекторатот е народски кажано „дух“ бидејќи чека да биде уреден неговиот правен статус како институција.

3. Уште невалидни одлуки (нели немаше доволно инспектори?)

По трагедијата во Кочани, Државниот пазарен инспекторат меѓу другото излезе со соопштение во јавноста дека има недостаток на кадар, потпочно недостаток на инспектори. Во мај 2023 година согласно Правилникот за систематизација до ДПИ и Министерството за економија се поднесени барања за распоредување од помлади соработници во помлади инспектори од вработени во ДПИ.

Во 2024 година Министерството за економија, потпочно директорот на ДПИ ја започнува постапката за интерактивна обука која ја спроведува Инспекцискиот совет на РСМ. Обуката се спроведува во два дела:

– општ дел кој се одржуваше со физичко присуство во Скопје во Инспекцискиот совет и онлајн во времетраење од три месеци и осум модули со 600 прашања

– практичен дел под надзор и менторство на Советник Инспектор во времетраење од девет месеци.

Општиот дел од обуката е положен на 16 јули 2024 година пред комисија во Инспекцискиот совет во Скопје. Откако ќе се положи општиот дел директорот е задолжен да формира комисија, а најдоцна во јануари 2025 година до просториите на ДПИ да се положи и практичниот испит за кандидатите да се стекнат со лиценца за инспектори. Наместо продолжување на постапката, овие кандидати добиле решенија за одземање на статусот „помлад инспектор“ и враќање на статусот „помлад соработник“ по што целата процедура останува заглавена. Дел од овие лица се магистри.

Овие лица се обратиле и до министерот Дурмиши за решавање на нивниот статус, но одговор до овој момент немаат добиено.

И погодувате, и овие решенија се потпишани од актуелниот директор Влатко Стојковски, со невалиден печат. Практично, доколку овие кандидати тужат, би требало глатко да го добијат спорот до ДПИ, Министерството и практично државата поради невнимание на директорот.

4. Унапредувања на партиски кадри!

Не е лош директорот за сите, има и унапредени. Можеби случајно тоа се партиски кадри и активисти на актуелната владејачка коалиција, но дали причина за нивото унапредување е партиска подобност или професионален квалитет ќе треба да одлучат соодветни надлежни органи.

  • Глигор Поцков

За раководител на одделението за ДПИ Струмица со Гевгелија и Валандово е назначен Глигор Поцков.

Поцков за унапредувањето се пофалил и на Фејсбук.

– Почитувани пријатели, драги сограѓани.

Голема благодарност за соработката на сите колеги и соработници во ЈЗУ Општа Болница Струмица за досегашната искрена и добра заедничка работа.

Ми претставува чест и должност работните денови да ги продолжам како дел од тимот на Државниот Пазарен Инспекторат.

Со одлука на Директорот на ДПИ именуван сум за Раководител на Одделението за Државен Пазарен Инспекторат во Струмица со опфат на градовите Радовиш, Гевгелија, Валандово.

Ни претстојат многу работни денови и многу сложени задачи во запазување на законите и стандардот на граѓаните. – стои во објавата.

Поцков на позицијата доаѓа од Општата болница во Струмица, што значи дека истиот претходно не бил вработен во ДПИ.

Во членот 40, „посебен услов за вработување на инспектор“, Законот за инспекциски надзор предвидува дека:

Кандидатот за инспектор од категорија Б, покрај општите услови за вработување утврдени во
Законот за административни службеници, треба да ги исполнува следните посебни услови:
1) стручни квалификации за сите нивоа од категорија Б – ниво на квалификација VIА според
Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен
VII/1 степен;
2) работно искуство и тоа:

  • Б1 – најмалку шест години работно искуство по дипломирањето, од кои најмалку две години
    како инспектор,
  • Б2 – најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, од кои најмалку две години
    како инспектор и
  • Б3 и Б4 – најмалку четири години работно искуство по дипломирањето, од кои најмалку една година како инспектор;
    3) општи работни компетенции за сите нивоа согласно со Рамката на општи работни
    компетенции;
    4) посебни работни компетенции за сите нивоа:
  • активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската
    унија (англиски, француски, германски),
  • активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.

Поцков, во случајов, ја нема потребната година дена работа како инспектор за да може да биде назначен на позицијата која ја добива. Според нашите информации, во моментот на назначувањето Поцков немал ниту лиценца за инспектор, а процедурата за полагање е во тек, или е завршена пред краток период, но тоа ќе треба да си го проверат надлежните органи.

Она што е видливо од Фејсбук профилот на Поцков е дека тој е активист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Мицкоски спроед него е лидериште. Дел од објавите погледнете во продолжение:

  • Елена Маневска

Унапредена е и сестрата на градоначалникот на Зелениково, Елена Маневска. Според извори на Инфомакс од ДПИ истата е унапредена во главен инспектор по овластување од директорот. Дали ова има партиска позадина повторно ќе треба надлежните органи да истражат, а граѓаните да проценат по сопствено убедување.

5. Работа за Обвинителството

Лица со нерешен правен статус, според вработени во ДПИ, имале пристап до документи. Како што велат извори од ДПИ лицата Б.М и Д.М во одреден период работеле во ДПИ со договор за дело, но кратко потоа останале со нерешен правен статус, односно без работа, бидејќи министерот не им потпишал продолжување на договорите. Сепак, тие продолжиле да доаѓаат во ДПИ, не како странки, туку со влез со службена картичка, што може да се утврди со увид во електронската евиденција. Идентитетот е заштитен, со цел да се избегне евентуално шиканирање на лицата, меѓутоа истиот ѝ е познат на редакцијата на Инфомакс.

Обвинителството би требало да провери како лица кои не се вработени имале пристап до документи во ДПИ, воедно би требало да се провери и видео-надзорот, со цел утврдување до кои се документи и делови од објектот имале пристап.

Двајцата се активисти на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, едниот од ОК Кичево, а госпоѓата во ОК Ѓорче Петров, за што постојат и фотографии на социјалните мрежи, кои овде нема да ги објавиме, меѓутоа постојат и се зачувани. Дополнително, нагласуваме дека можеби моменталниот статус на претходно споменатите е решен, меѓутоа повторно надлежните треба да го проверат периодот кога истите без никаков статус на вработени или ангажирани во ДПИ имале пристап до документација, камери и слично.

6. Лица поврзани со трагедијата во Кочани

Директорот Влатко Стојкоски по неговото доаѓање на позицијата директор за раководител на ДПИ Кочани го назначува Зоран Филипов, кој подоцна станува дел од истрагата за трагедијата во Кочани како дел од локалниот инспекторски тим на ДПИ во Кочани. Како дел од истрагата беше опфатен и Емил Митев, неговиот претходник. Двајцата беа под мерки за претпазливост, а ќе видиме дали ќе бидат дел од обвинение, бидејќи истрагата за Кочани заврши на 30 мај.

Обвинителството до денес молчи за улогата на Државниот пазарен инспекторат во трагедијата во Кочани.

Во Законот за угостителска дејност, член 21 се определува дека:

– Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на важноста на истата. Потсетувањето се врши преку доставување на електронска порака на е-маил адресата од тековната состојба на правното лице. Потсетувањето може да се врши и со СМС – порака, доколку носителите на лиценца дале претходна согласност дека тоа ќе биде на нивен трошок.

По истекот на лиценцата, Државниот пазарен инспекторат имал обврска да изврши контрола, имајќи предвид дека се знае кога истекува лиценцата.

Во членот 20 од Законот за државен пазарен инспекторат се наведува дека:

При вршење на инспекцискиот надзор инспекторот е овластен да:
1) проверува фајлови, документи, докази и информации во обем според предметот на инспекцискиот надзор, како и да побара од субјектот на надзор или неговите вработени да подготват потребни копии и документи изработени на странски јазик да бидат преведени на македонски јазик и заверени од судски преведувач;
2) врши надзор во деловните простории и други простории кои не се користат како живеалиште, над превозни средства и производи;

3) проверува идентификациони документи на лица поради потврдување на нивниот идентитет;
4) бара од субјектот на надзор или од неговите вработени писмено или усно објаснување во врска со прашања од делокругот на инспекцискиот надзор;
5) бара од субјектот на надзор или неговите вработени да ги достават податоците за нивните добавувачи со кои располагаат;
6) бара стручно мислење кога е тоа потребно за инспекцискиот надзор;
7) зема примероци без надомест за натамошни тестови или проверки во случаи определени со закон или друг пропис;
8) ги контролира активностите на субјектот на надзор при продажба на производи или давање услуги;
9) обезбеди звучни и видео записи кои можат да бидат искористени во инспекцискиот надзор;
10) врши попис на затекнатите стоки во деловниот објект и
11) обезбеди други потребни докази.
Доколку е оправдано потребно да се одземат или привремено да се чуваат
производите, досиејата или документите, инспекторот може:
1) да побара од субјектот на надзор или од лице вработено кај истото што има овластување за тоа, да отвори и дозволи пристап во која било просторија, затворен сад, машина или средства и
2) да побара од кое било лице кое има овластување за тоа, да декодира код или машина со цел да се отклучи, ослободи или на друг начин да обезбеди пристап до кое било досие (вклучително и компјутерско досие), простории, затворен сад или машина.
Идентичноста на копијата со оригиналот на фајловите, документите, доказите и информациите ја потврдува субјектот на надзор со свој печат и потпис или неговиот вработен со потпис.
Субјектот на надзор е должен да соработува и на барање на инспекторот да му овозможи непречен пристап до просториите, документите, електронските системи, средствата за комуникација или транспорт или кое било друго средство предмет на инспекциски надзор, како и да ја достави целокупната документација потребна за извршување на инспекцискиот надзор.

Пазарниот инспекторат требал да изврши контрола, во повеќе наврати во објектот во кој се случи трагедијата. Контрола требало да извршат и МВР и УЈП. Никој не преземал ништо, а осомничени до овој момент во истрагата за Кочани се поранешни функционери, поранешни инспектори, поранешни полицајци, поранешни министри… Никој не го чепка ниту директорот на ДПИ, ниту раководителите на сектори кои со месеци пропуштиле да извршат контрола во објектот кој функционирал нелегално по секоја основа.

7. Невалиден печат

Сите одлуки кои досега ги споменавме се печатирани со невалиден печат, односно до стариот печат кој Државниот пазарен инспекторат го користел пред измените на ЗОРОДУ и Законот за инспекциски надзор. Истиот печат со називот „Државен пазарен инспекторат – Министерство за економија“ наместо „Државен пазарен инспекторат – Министерство за економија и труд“, директорот Стојковски го користи до денес, но зошто е тоа така?

Претходно споменавме дека Министерството за економија и труд испраќа допис до Државниот пазарен инспекторат за информации за изработка на новите печати.

Дописот е потпишан од министерот Бесар Дурмиши.

Набавката, како што велат изворите од ДПИ за Инфомакс не е извршена затоа што истата не е предвидена во планот за јавни набавки кој ДПИ го прави на годишно ниво… Едноставен пропуст како овој може да доведе до паѓање во вода на сите одлуки, решенија и документи кои се печатирани со невалидниот печат. Доколку вработени, граѓани и останати ги обжалат тие документи, истите би требало да„паднат“ на Управен суд и поради оваа причина. Накратко, можеме да очекуваме крах во системот затоа што илјадници решенија, одлуки и слично ќе бидат поништени.

И на крај, кој ќе одговара за ова?

И за ова, како и за се останато, барем во нормална правна држава некој би требало да одговара. Не може да се носат незаконски одлуки, со невалиден печат, без овластување од Министер и сето тоа да продолжи да функционира по ист терк во недоглед. Особено, вакви случаи не смеат да се дозволат во држава кандидат за членка на Европската унија, каде сите, барем декларативно, сакаме да одиме.

Директорот знаел или бил должен да знае дека сето ова што се случува не смее да се случува, што значи дека ОЈО треба да провери дали Влатко Стојкоски свесно или несвесно ја злоупотребил службената положба и овластување.

Основното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Министерството за економија би требало, секој во својата област, да реагира за оваа ситуација да се запре и разреши што поскоро. Секој следен ден со продолжување на вакви активности ќе значи проблем за државата, сите тие случаи веројатно ќе завршат на суд, за најголем дел од случаите ќе треба да се надомести штета и тоа повторно ќе биде од наш џеб, бидејќи Буџетот со кој располагаат сепак е наш, колку и да тоа го забораваме.

Дополнително, со ваква ситуација, која можеби и не е единствена во државава, се нарушува правната сигурност. Каков легитимитет има инспекторат кој функционира нелегално да проверува дали било кој друг функционира согласно Закон или не? Или не е важно кој што прави додека е „од нашите“?

Овој текст завршува со надеж дека некој конечно ќе постапи по својата надлежност, дека има барем еден позитивен изблик на правда и свесност кај институциите и со желба да не станеме како Животинската фарма на Орвел каде не се знае кој е човек, а кој свиња.

И за крај, повторно Орвел со реченицата која веројатно е најдобра слика за Македонија:

„Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите.“

А.Митовски

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Парада на гордоста во Скопје на 21…

Шестата по ред Парада на гордоста ќе…

ОЈО ќе организира средба со родителите на…

Откако за време на вчерашниот протест во…

„Ви укажавме кои се, а не сте…

Ние тука родителите не сме правници, соопштението…

Не ги убивајте нашите деца уште еднаш…

Јавен повик од семејствата на загинатите во…

Град Скопје ги фати: Приватна фирма копала…

Инспекторатот на Град Скопје соопшти дека денеска…