(Документи) Има ли „маж“ во ОЈО кој ќе го истражи премиерот? Што откриваат анкетните листови на Мицкоски?

t

Треба талент да имаш… Како со професорска плата се купуваат часовници од 65 илјади евра и дали премиерот крие(л) имот, дал лажни податоци или фалсификувал документ?

Проверка и процесирање на премиер е еден од најголемите тестови за независноста на институциите и судството во една држава, а во Македонија на некој нешто очигледно „му бега“ од вид.

Новоизбраниот премиер Мицкоски, во многу наврати изјавуваше дека е скромен човек, од скромно семејство кое живее од професорска плата на еден универзитетски професор (Мицкоски) и еден наставник во средно училиште (неговата сопруга). Во едно интервју во 2022 година Мицкоски дури кажа дека дома не пуштаат греалици затоа што платата едвај му стигнува за сметки.

Тешкото време за Мицкоски очигледно поминало, затоа што во анкетниот лист кој го поднел како пратеник во Собранието, ќе забележите и луксузни часовници и уметнички слики. Спорен не е само начинот на стекнување, туку и фактот дека податоците во анкетните листови на Мицкоски како директор на ЕЛЕМ и најновиот анкетен лист, не се поклопуваат, но за тоа подоцна.

Скромен анкетен лист

Во најновиот анкетен лист достапен на веб-сајтот на Државната комисија за спречување на корупција, Мицкоски навел дека поседува куќа од 343 метри квадратни стекната со договор за купопродажба во 2014 година, во вредност од 26.891.710 денари или 437,2 илјади евра.

Покрај штедниот влог кој не открива колку изнесува, Мицкоски во анкетниот лист наведува и два часовници во вредност од вкупно 3.208.254 денари или нешто повеќе од 52.000 евра, како и уметнички слики од 614.717 илјади денари или речиси 10 илјади евра. Едниот часовник е стекнат во 2015 година, додека другиот часовник и уметничките слики се стекнати во 2016 година.

Инфомакс дојде до старите анкетни листови на Мицкоски во периодот кога бил директор на ЕЛЕМ. Да погледнеме што пријавил актуелниот премиер во 2016 и 2017 година. Анкетниот лист е архивиран во ДКСК на 05.05.2017 година.

Истата куќа стекната со договор за купопродажба во 2014 година, Мицкоски во 2017 година ја пријавил со вредност од 350 илјади евра. Нешто магично се променило, па во најновиот анкетен лист вредноста на куќата се зголемува за дополнителни речиси 90 илјади евра и изнесува 437,2 илјади евра. Што е спорно, ќе објасниме малку подоцна.

Мицкоски пријавил и патничко моторно возило, но и удел од 10%, кој во меѓувреме е продаден, п во најновиот анкетен лист го нема.

Во 2017 година Мицкоски пријавил и депозит од 75.000 евра, кој во новиот анкетен лист го нема, исто како и паричните средства од 30.000 евра.

За крај, во стариот анкетен лист е пријавено уште едно возило, Пасат, кое го нема во последниот анкетен лист.

Што е тука спорно?

Прво што би требало да забележат во ДКСК веднаш по поднесувањето на анкетниот лист е разликата во вредноста на куќата која ја пријавил Мицкоски. Како што кажавме, вредноста се зголемува за околу 90 илјади евра во споредба со претходниот анкетен лист. Да објасниме, за да нема забуни од типот „вредноста на имотот се зголемува, растат цените на недвижностите“. Во анкетниот лист секој функционер пополнува каков имот поседува, на кој начин е стекнат и колкава е вредноста. Кога имотот се стекнува со договор за купопродажба, како вредност се внесува сумата од договорот за купопродажба, не проценката на вредност на имот. Тоа значи дека Мицкоски, кој ја купил куќата во 2014 година за 350.000 евра, секогаш кога ќе треба да пополни анкетен лист треба да ја внесе истата сума и да го приложи истиот договор за купопродажба како доказ.

Со оглед на тоа што вредноста некако магично се променила, се поставува прашањето најпрво дали некој антидатирал договор за да ја зголеми (или намали во 2017 година) вредноста на куќата, што е кривично дело и овде работа има Обвинителството. Договорот за купопродажба кој е потпишан кај нотар и солемнизиран, има сила на подзаконски акт во правниот промет и како таков не може дополнително откако е склучен да се променува ниту датумот, ниту вредноста. Вистинската вредност на куќата, исто така останува под знак прашалник бидејќи сумите во двата анкетни листови не се поклопуваат.

Втор спорен момент се часовниците и уметничките слики. Мицкоски во најновиот анкетен лист пријавува дека еден часовник е стекнат во 2015 година, додека еден чсовник и уметничките слики се стекнати во 2016 година. Тоа значи дека актуелниот премиер во 2017 година МОРАЛ да ги пријави и часовниците и уметничките слики, а тоа не го сторил, што исто така е противзаконски. Секој функционер има обврска да го пријави ЦЕЛИОТ имот, а Мицкоски тоа не го сторил во 2017 година.

И секако, трето е и прашањето како со скромна професорска плата која не стига за да се покријат сметките, па се штеди на греење се стекнуваат удели во хидроцентрали, луксузни часовници и уметнички слики?

Дополнително, ДКСК има обврска континуирано да ја проверува веродостојноста на податоците, но проверката тука затаила бидејќи никој не реагираше за разликите кои ги има во претходниот и во сегашниот анкетен лист на премиерот. Секако и ОЈО треба да провери дали некој прикривал имот и дали разликите во вредноста се само грешка, или пак сериозно кривично дело?

И за крај, да завршиме со зборовите на Мицкоски: „Ако човек се огрешил пред законот треба да одговара. Сите, без исклучок треба да одговараат пред законот. Дури и да ми е родител или сестра ако се огрешиле спрема законот треба да се одговара.

Па да видиме колку ни е независно правосудството…

П.С

Член 359-а од Кривичниот законик на Република Македонија – „Противправно стекнување и прикривање имот“:

(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна
установа или друго правно лице што располага со државен капитал, кое
спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба
или нејзина промена ќе даде лажни или непотполни податоци за својот
имот или имотот на членовите на неговото семејство, кој во значителна
вредност ги надминува неговите законски приходи, ќе се казни со затвор од
шест месеца до пет години и со парична казна.


(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни службено лице или
одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице
што располага со државен капитал кое, кога во законски уредена постапка
ќе се утврди дека за време на вршењето на функцијата или должноста тоа
или член на неговото семејство стекнал имот што во значителна вредност ги
надминува неговите законски приходи, дава лажни податоци или ги
прикрива неговите вистински извори.


(3) Ако делото од ставовите (1) и (2) на овој член е сторено во однос на
имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи,
сторителот ќе се казни со затвор од една до осум години и со парична казна.
(4) За делата од ставовите (2) и (3) на овој член сторителот нема да се
казни ако во постапката пред судот даде прифатливо објаснување за
потеклото на имотот.


(5) Имотот кој ги надминува приходите што сторителот законски ги
остварува и за кои дал лажни или непотполни податоци или не дава
податоци или ги прикрива неговите вистински извори се конфискува, а ако
неговото конфискување не е можно од сторителот се конфискува негов друг
имот што одговара на неговата вредност.


(6) Имотот од ставот (5) на овој член се конфискува и од членовите на
семејството на сторителот за кои е остварен или врз кои е пренесен ако е
очигледно дека не дале противнадоместок што одговара на неговата
вредност, како и од трети лица ако не докажат дека за предметот или
имотот дале противнадоместок што одговара на нивната вредност.

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…

Иван Стоилковиќ не е важен и не…

Многу гордо: Мицкоски договорил заедничка седница на…

Косово и Македонија ќе имаат заедничка владина…

Заедничка акција на македонското и косовското Обвинителство:…

Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во…

Фала Мицкоски и Тошковски – Нов парк…

Во Радуша никнува нов парк, но не…

Обвинителството итно отвори предмет за диверзијата во…

По информациите во јавноста дека на Институтот…