(Документи) „Се грижиме“ – Владата набавува морски плодови и свеж јунешки бифтек од млади говеда стари од 18-24 месеци – лесно е да се биде гурман кога народ плаќа

t

Додека по рафтовите во маркетите Владата спроведува кампања „Се грижиме“ со која дел мал дел од производите се намалени за 5, 8 или 12 денари, а голем дел граѓаните и натаму не можат да ги задоволат основните потреби за живот, премиерот Христијан Мицкоски здраво се храни на грбот на истиот тој народ кој не може да го помине месецот.

Имено целата македонска јавност е во шок откако Инфомакс ги објави набавките на Службата за општи и заеднички работи која минатиот месец набавила овошје и зеленчук од неколку милиони денари, набавка од која можеби најзабележителен дел беа аспарагус, манго, папаја, половина тон ореви и се разбира „гројзе и црешни“.

Уште поголема иронија во целата ситуација е фактот што само пред неколку месеци премиерот Мицкоски обидувајќи се да ја оспори потрошувачката кошничка која ја креираат синдикатите тврдеше дека во месец јануари не пробал ниту „гројзе, ниту црешни“.

„Јас ја добив таа методологија и ја читав и забележав таму работи кои навистина мене ми делуваа многу чудни. Еве јас во јануари дел од овие прооизводи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нес кафе, не пушам цигари, а таму се и цигари бидејќи малку е нелогично да имате цигари во минимална кошничка. За да не бидеме ние тие што ќе го надсинхронизираат она што е работено од синдикатот“, рече Мицкоски.

По се изгледа дека премиерот и Владата изеле и испиле на сметка на граѓаните многу повеќе од она кое што го тврдеше премиерот.

На сајтот за јавни набавки веќе е објавен оглас за набавка на огромно количество на морски плодови, месо и риба за потребите на Владата, додека граѓаните едвај крпат крај со крај, а Владата им брои колку чаши млеко испиле во еден ден.

Во листата на артикли што се бараат на тој тендер „нема што нема“. Се бара крап А класа во свежа состојба. Нето масата на парче риба треба да е од половина до 2,5 килограми, а рибата да биде исчистена и пакувана во пластична кеса ставена во стиропорна кутија. Се бара и свежа пастрмка од А класа, калифорниска свежа пастрмка од А класа, лосос од А класа, риба бранцин и риба орада.

Службата за општи и заеднички работи бара добавувач и за морски плодови. Во повикот се бара економските оператори да наведат цени по килограм за филети ослиќ, суво смрзнат октопод, чистени лигни, чистени школки, краби, шкампи, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос.

Од сувомеснатите производи се бараат следните артикли: говедско пушено (транжиран јунешки бут), пилешки виршли, свински кулен, свинска пршута без коски, говедска пршута без коски, свинска печеница, чадена свинска сланина, чаден свински врат, чадени свински ребра, пилешка и свинска шунка, свинска чајна колбасица, сушена свинска кременадла и говедски суџук.

Преференците на повикот за свежото месо распишан од Службата за општи и заеднички работи се доста специфицирани. Се бара свеж јунешки мускул од млади говеда стари од 18 до 24 месеци (А категорија на говеда), јунешки бифтек добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешка кртина од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки бут без коска свеж добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки џигер свеж добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешко шкембе свежо добиено од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки ребра свежи добиени од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешкa кременадла свежа добиена од млади говеда 18-24 месеци старост, телешки ребра свежи добиени од млади говеда 12-18 месеци старост, телешки бут свеж добиен од млади говеда 12-18 месеци старост, телешки бифтек свеж добиен од млади говеда 12-18 месеци старост, свежа свинска кременадла добиена од свињи од категорија II, свежо свинско филе од иста таква свиња, свинско каре, свински врат без коска, свински бут кртина без коска, свинска плешка без коска, свински прави ребра меснати свежи, свинска коленица, јагнешко месо, свежо прасе прва категорија, крезли и јатки од свежо јагне. Ќе има и пилешко месо и тоа цели пилиња, пилешки стекови, копани со надкопани, обескостени батаци, мисиркини копани итн.

Додека се чека да се изберат фирмите што ќе доставуваат месо, риби и морски плодови, Службата за општи и заеднички работи веќе го заврши тендерот за леб, кори и кадаиф. Вкупната вредност на овој договор објавен во февруари годинава е 492 илјади денари. Што се однесува до млекото и млечните производи, од документите објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, евидентно е дека млекото од страна на СОЗР се проектира во далеку поголеми количини од оние што му се „потребни“ на едно просечно четиричлено семејство според потрошувачката кошничка. Нејасно е за колку лица е набавката, ама во ценовникот на фирмата што го добила тендерот на СОЗР за млеко, евидентно е дека дала цена за 2.500 литри млеко и 600 килограми кашкавал. Сепак, овие бројки се ориентациони и може да не се потрошат и СОЗР не е обврзан да ги нарача, туку фирмата е должна да ги даде цените согласно одредена количина која може, а и не мора да се потроши.

Во меѓувреме Мицкоски изјави дека во буџетот не се предвидени дополнителни средства коишто Владата би ги исплаќала за субвенционирање на придонесите доколку се постигне договор за зголемување на минималната плата од 24.400 на 30 илјади денари во Северна Македонија. „Доколку работниците и работодавачите се договорат за 30 илјади денари минимална плата, со целосно подмирени трошоци од работодавачите, ние тоа ќе го прифатиме и немаме против“, порача премиерот Христијан Мицкоски при посетата на скопската населба Илинден. Мицкоски оцени дека синдикатот се претвора во „партиска бина“, гласноговорник на коалиција СДСМ, Левица и ДУИ“, откако тие деновиве предложија зголемување на платите на вработените во износ од 3.000 до 15.000 денари, односно просечно 7.500 денари. „Жалам што во минатото изостана овој предлог. Им текна по седум години и мислат дека сега ќе го исцрпат буџетот, дека ќе дадеме 100-200 милиони за да нема за улици, градинки, училишта, канализации. Ние сме Влада која го поддржа стопанството со 250 милиони евра, за да обезбеди работни места за работниците“, дециден е премиерот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Полнете ги резервоарите – од полноќ поскапување…

Цените на горивата од вечерва на полноќ…

Арсовска за денес најави објавување докази за…

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска најавува продолжување…

Руските медиуми за војната меѓу Иран и…

Конфликтот меѓу Иран и Израел денес доминира…

Погодена амбасадата на САД во иранскиот напад…

Амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби,…

Што ако Иран го затвори Ормутскиот Теснец?

Расте можноста конфликтот Иран-Израел да ескалира понатаму…