Дополнително попишување на тие 7% е упад во пописот: Кој гарантира дека нема да им се врши притисок?

t

Не може дополнително да се анкетираат тие граѓани бидејќи идентитетот е строго доверлива категорија и ќе се навлезе во интимата на тие лица. Ако отпосле се земаат тие податоци, кој може да гарантира дека врз тие лица нема да биде извршен етнички и политички притисок – вели поранешниот директор на ДЗС, Дончо Герасимовски.

На 132.269 граѓани што претставуваат 7,2 отсто од резидентното население и се трета категорија по бројност, по Македонците и Албанците, а кои не беа теренски попишани, односно податоците за нив се преземени од административни извори, нема дополнително да им се земаат податоци за етничката припадност, мајчин јазик и за вероисповед за да не се изврши упад во пописот, децидни се статистичарите.

Аналитичарите, пак, сметаат дека треба да се најде начин и дополнително да се анкетираат тие граѓани, бидејќи бројката не е занемарлива. Во спротивно, велат, недостигот на тие податоци ќе влијае врз планирањето и анализите во сферите каде што е битна етничката припадност, како и при истражувањето на јавното мислење.

Герасимовски: Идентитетот е строго доверлива категорија

– Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување податоци. Тоа отпосле не може и не смее да се прави. Кога базата се затвора, секое влегување во неа се третира како упад. Тоа е строго забрането и е целосно надвор од правилата. Тоа не се прави ни во фазата на обработка на податоците, бидејќи може да води кон евентуална злоупотреба на податоците. Затоа исклучувањето на таквата опција не е случајно – изјави за „Дојче веле“ директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски.

Симовски при презентирањето на резултатите од пописот истакна дека 132.269 лица се дел од резидентно население, но за нив не постојат податоци за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик, бидејќи станува збор за чувство за кое тие граѓани самите треба да се изјаснат.

И поранешниот директор на ДЗС Дончо Герасимовски за „Слободен печат“ вели дека во досегашната практика на спроведување пописи, не се случило отпосле да се анкетираат граѓани и да се дополнуваат податоци.

– Со Законот е определен рок и критичниот момент за попишување. Ако дополнително се земаат податоци, тоа ќе биде дополнителен попис и упад во пописот. Во таков случај, може некому да му текне и да каже „погрешно сум“ се изјаснил за етничката или верската определба и ќе настане збрка кои се и што се тие граѓани. Не може дополнително да се анкетираат тие граѓани, бидејќи идентитетот е строго доверлива категорија и ќе се навлезе во интимата на тие лица. Ако отпосле се земаат тие податоци, кој може да гарантира дека врз тие лица нема да биде извршен етнички и политички притисок – вели Герасимовски.

Аналитичарот Александар Кржаловски смета дека би требало да има начин да се комплетираат податоците за тие лица.

– Не гледам причина да не може да се дополнат податоците за тие над 130.000 лица, бидејќи сè уште главната расправа е токму за етничката припадност. Податоците за етничката припадност уште се важни. Ако се дознаат податоците за тие лица, нема да се намали процентот ни на Македонците, ни на Албанците, туку ќе се зголеми, бидејќи ќе се распределат, во спротивно ќе остане простор за шпекулации. Ако не се комплетираат податоците, тоа ќе влијае врз анализите и истражувањата и колку податоците што ќе се добијат, ќе одговараат на реалната слика – вели Кржаловски.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МАЕИ разочарани од одговорот на писмата за…

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса…

Нова влада Црна Гора, прва одлука на…

Парламентот на Црна Гора рано утрово, по…

Во Албанија денеска почнува попис на населението…

Во Албанија денеска почнува една од најзначајните…

На Бугарија и “снема” скоро 845.000 државјани…

Според податоците од последниот попис, за десет…

“Македонски” попис и во Хрватска: Им фалат…

Државниот завод за статистика ги објави конечните…