Драстично расте бројот на убиени Украинци
Бројот на загинати Украинци драстично се зголемува, велат новите проценки на неименувани американски официјални лица. Новинарите на Би-Би-Си биле на линијата на фронтот на истокот од земјата, каде што мрачната задача за броење на мртвите станала секојдневна реалност.
Непознати војници лежеле склопени во мала мртовечница од тули, недалеку од линијата на фронтот во Доњецк, каде што 26-годишна Украинка вели дека „разговарала“ со мртвите.
„Можеби звучи чудно, но јас сум таа што сака да им се извини за нивната смрт. Сакам некако да им се заблагодарам. Како да ги слушам, но не можам да им одговорам“, вели таа за британскиот медиум.
Седејќи во мртовечницата со пенкало во раката, собирањето информации за мртвите е работа на младата Украинка, која британскиот медиум ја именува како Марго. Украина не објавува официјални податоци за своите загинати – вооружените сили на Украина велат дека бројките за воените жртви се државна тајна – но Марго знае дека загубите се огромни.
Бројките остануваат тајна. Но, американските власти, цитирани во Њујорк тајмс, неодамна ја објавија бројката на 70.000 мртви и дури 120.000 повредени. Тоа е неверојатна бројка, имајќи предвид дека вооружените сили се проценуваат на само половина милион. ОН досега забележаа 9.177 цивилни жртви.
„Најтешко е кога ќе видите мртов млад човек кој не наполнил 20, 22 години. И ќе сфатите дека тие не умреле од природна смрт“, вели младата Марго. „Тие беа убиени. Тие беа убиени за својата земја. Тоа е најболно. Не можете да се навикнете.
За неа, најтешкиот ден во животот бил кога го донеле нејзиниот сопруг во мртовечницата на денот кога тој загинал. Дваесет и тригодишниот Андреј загинал во битка на 29 декември 2022 година. „Загина бранејќи ја својата татковина“, вели таа. „Но, тогаш, по којзнае кој пат, се убедив себеси дека треба да бидам тука, да им помагам на мртвите“.
Уште во април, проценките на Пентагон укажаа на значително помал број на загинати во Украина, 17.500. Скокот на повеќе од 70.000 може делумно да се објасни со контраофанзивата на југ. Во раните денови, било особено тешко за украинската пешадија – „полошо отколку во Бахмут“, изјави командант на тамошната бригада за Би-Би-Си.
Украина сега ја сменила тактиката, но почетокот на обидот за пробивање на руската одбрана во јуни бил скап, особено за младите, новообучени војници, пишува британскиот медиум.
Обичен ден во мртовечницата
Во мртовечницата, една од неколкуте долж фронтот, Украинците работат на идентификување непознати војници чии тела биле директно донесени од бојното поле.
Ќесите со тела се вадат, една по една, и започнува потрагата по информации.
Вработените во мртовечницата ги прегледуваат нивните џебови, сè уште полни со секојдневни предмети – клучеви, мобилни телефони, паричници со семејни фотографии. По смртта, овие предмети се индиции кои би можеле да ги обединат неидентификуваните со нивните семејства.
Група војници, команданти од различни чинови, пристигнуваат со воен камион и одат пред мртовечницата. Тие прегледуваат тело за да видат дали е војник од нивната чета или баталјон.
„Ова е тешко. Непријатно. Но, тоа е неопходно, дел од нашата работа. Мораме да им дадеме пристојно испраќање“, вели заменик-командант на еден баталјон, кој го носи прекарот Авокат.
Неколку војници од неговата единица ќе бидат испратени за да помогнат во идентификувањето на телата, вели тој. Вистинскиот обем на загубите е евидентен и на украинските гробишта.
На едни гробишта кои ги посетила екипата на Би-Би-Си, ја виделе 31-годишната Оксана која плачелa сама. Таа ги гледала сликите на нејзиниот починат сопруг Павло. Тој бил убиен за време на претходната украинска контраофанзива, во близина на градот Изум во ноември, кога руски хеликоптер истрелал проектил кон неговиот конвој.
„Тој доброволно отиде да ја брани нашата земја“, вели Оксана.
Жолтите и сините украински знамиња се вееле над секој гроб, а нив ги имало стотици.
Сопругот на Оксана, Павло, бил убиен во првата контраофанзива. Година и пол по почетокот на оваа војна, има малку семејства кои не се погодени од тага. Но, сепак, се чини дека нема попуштање во волјата за борба. Ако ништо друго, загубите досега ја зајакнале определбата за победа, пишува Би-Би-Си.
Оксана и Павло склучиле договор дека ако тој умре, таа ќе се приклучи на војската. Тој во последните два месеци служел во единицата за воздушен надзор со дронови, на периферијата на Бахмут.
Оксана сега се упатила кон борбената позиција во потрага по руски противтенковски одред насочен кон украинските сили.
„Треба само да го продолжам она што тој го започна. Така што сите негови напори не беа залудни. Волонтерството и донациите се добри, но сакам да бидам дел од тоа, дел од нашата идна победа“, вели таа.
Украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Маљар, издаде претходно соопштение, предупредувајќи дека оние кои ќе ги објават бројките за жртвите ќе се соочат со кривично гонење.
Севкупно, руските загуби сѐ значително поголеми, околу 120.000 мртви, според најновите американски проценки. Но, и руската армија и населението се значително поголеми.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…
МАКЕДОНИЈА НА УДАР ОД ГЛОБАЛНИТЕ КРИЗИ: Како…
Продолжувањето на конфликтите на Блискиот Исток и…
Просторот околу Собранието прогласен за безбедносна зона…
Собранието на предлог на Владата, усвои нов…