Европската комисија ја тужи Грција!
Европската комисија денеска донесе одлука да покрене две тужби против Грција пред Судот за правдата на Европската Унија поради неажурирање на плановите за ризик од поплави и поради незатворањето на депонија што се наоѓа во заштитено подрачје на островот Закинтос.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во првата тужба ЕК ја товари Грција дека не ги ажурирала плановите за ризик и опасност од поплави согласно Директивата на ЕУ за проценка и управување со ризиците од поплави.
Според Членот 14 од оваа Директива, земјите членки на ЕУ требаше до 22 декември 2019 година да ги разгледаат и доколку е потребно да ги ажурираат плановите за опасност и за ризик од поплави, како клучен инструменти за менаџирање и подигање на свеста за оваа елементарна непогода.
ЕК во февруари 2022 година испратила формално известување до седум земји членки – Бугарија, Грција, Кипар, Литванија, Луксембург, Романија и Словачка, дека не ги исполниле обврските од Директивата за поплави поврзани со ажурирањето на плановите за ризик и опасност. По укажувањето на Комисијата, сите посочени земји, освен Грција, се усогласиле со одредбите од законодавната регулатива.
Атина најавила дека ќе ги исполни своите обврски најдоцна до јуни годинава, за потоа да ја информира ЕК дека „усогласеноста не е предвидена пред крајот на 2023 година“. Според Еврокомисијата, бидејќи Грција не ги испочитувала првичните најави, не постапила по нејзините укажување или дала незадоволителни и недоволни образложенија за несогласувањето, донесена е одлука земјата да биде дадена на Судот на правдата на Европската Унија.
Во однос на втората тужба, ЕК посочува дека со пресуда на Судот на правдата од 2014 година, депонијата на Закинтос требало да биде затворена и просторот на кој се наоѓа да биде рехабилитиран. Според Комисијата, иако депонијата, што се наоѓа во заштитеното подрачје на европската мрежа „Натура 2000“, не функционира повеќе од пет години, таа и натаму претставува закана за јавното здравје и животната средина и ја загадува околината.
На 17 јули 2014 година, Судот на правдата на ЕУ оценил дека иако депонијата не функционира согласно условите и барањата на законодавството за животна средина на ЕУ, Грција и натаму продолжува да ја користи за депонирање отпад. Во април 2017 година, ЕК ја предупредила Атина за непочитување на судската одлука, по што набрзо е запрено депонирањето на отпад на депонијата, но таа се уште не е затворена и исчистена и не е рехабилитирано подрачјето на кое се наоѓа.
Поради ваквата состојба, Еврокомисијата реши одново да ја даде Грција на Судот за правдата за истиот случај, што може да резултира со изрекување финансиски санкции за земјата. Инаку, Грција веќе плаќа парични казни за два други случаи за нерасчистување на диви депонии и за неправилно управување со отпадот.
Со Директивата за депонии на ЕУ се воведени стандарди со цел да се спречат или да се намалат колку што е можно негативните ефекти од депониите врз здравјето на луѓето и врз загадувањето на водата, почвата и воздухот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ова се најзадолжените држави во ЕУ!
Долгот во еврозоната е во пораст, покажуваат…
Грција потпиша договор за набавка на 20…
Грчката влада официјално ја финализираше својата намера…
(Видео) Страшна несреќа во Грција – 3агинаа…
Тешка несреќа околу пладне се случила во…
Силен земјотрес ја стресе Грција
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според…
Земјотрес ја стресе Грција вечерва
Земјотрес од 3.8 степени околу 21.40 часот…