Една година плаќаме 15 денари за пластична кеса, никој не знае каде се парите што требаше да одат во еколошкиот фонд
Повеќе од една година сите кои купуваат во Македонија плаќаат поскапи пластични кеси од порано поради одлуката на Владата да се формира таканаречен еколошки фонд во кој ќе се собираат дел од средствата од продадените пластични кеси, кои средства подоцна треба да се искористат за заштита на животната средина.
Според законската дефиниција, „Пластични кеси за носење на стоки“ се кеси за носење, со или без рачки, изработени од пластика, кои се достапни за потрошувачите на продажните места на стоки и производи.
„Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Македонија.
Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Македонија.
По исклучок од ставот на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки.
Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба.
Трговецот е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина“, се пропишува во членот 10 од Законот.
Мерката започна да се применува од 1 декември 2021 година, значи повеќе од една година ваквиот еколошки фонд се полни со средства, но никој досега не кажа колку пари се соберени, дали има план за нивно искористаување, дали можеби досега дел од тие средства биле употребени за заштита на животната средина.
Го прашавме Министерството за животна средина и просторно планирање колку средства се соберени во еколошкиот фонд од почетокот на мерката заклучно со крајот на 2022 година и дали дел од тие средства се искористени за нешто и како е планирано да се искористат?
Очекувано, од Министерството не најдоа време да одговрат на ова прашање кое ги интересира буквално сите, затоа што сите сме купиле пластични кеси по 15 денари и коректно е да знаеме каде Владата ќе ги троши нашите пари.
Каде се овие средства и за што се искористуваат не знаат ниту еколошките организации во земјава.
Од Македонското еколошко друштво за Инфомакс велат дека немаат податоци колку средства се соберени ниту за што се употребени, невладиниот сектор апелирал да се формира посебен Фонд за животна средина но според нивните информации нема прогрес во таа насока.
– Не сме информирани како се планира да се искористат средствата од продажбата на пластичните кеси. Невладиниот сектор изминатава година лобираше да се формира посебен Фонд за животна средина, но колку што сме запознаени нема никаков прогрес во таа насока.
Секако дека ја поддржуваме идејата да постои посебен Фонд за животна средина кој би се полнел од повеќе извори (регистрација на возила, такси, и сл. вклучително и средствата од пластичните кеси). Доколку овие средства се насочат на конкретни активности за подобрување на животната средина и зачувување на природата секако би имало бенефит и за луѓето. Постојат позитивни примери од други држави каде функционираат вакви фондови и истите може да се преземат и да се прилагодат за нашата земја.
Би издвоиле дека во Македонија постојат заштитени подрачја (прогласени во различни категории) за чие управување не се издвојуваат средства од Буџетот на РМ. Овие подрачја се дом на значајни или загрозени видови растенија и животни (од национално, европско или меѓународно значење) и истите треба да се зачуваат, а средствата од Фондот би можеле да се искористат за преземање соодветни мерки за мониторинг и зачувување на значајните видови и нивните живеалишта. Секторот отпад е особено обременет со проблеми и секоја акција за напредок во овој сектор би била од важност. Подобрување на системите за вода за пиење, инсталирање на пречистителни станици како и чистење на жешките точки низ државата се исто така важни теми на кои може да се насочат овие средства. Исто така, влијанието на климатските промени е горлива тема последните години која ги зафаќа сите сфери во општеството и неопходно е преземање конкретни мерки за да се ублажи нивното влијание, велат од македонското еколошко друштво.
За разлика од Македонија, Чешката Република има државна институција во рамки на Министерството за животна средина наречена Фонд за животна средина кој се грижи за заштита и унапредување на животната средина.
Средствата од тој фонд се употребуваат во форма на субвенции и заеми, фондот кофинансира проекти кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на водата, квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и заштитата на природата и пејзажот, исто така, поддржува еколошко образование, употреба на обновливи извори на енергија, прилагодување кон климатските промени и заштеда на енергија.
Иако во Македонија заштитата и унапредувањето на животната средина е темелна вредност на уставниот поредок, сепак засега единствено што државата прави е собирање на екстра пари од цените на кесите кои не знаеме ниту колку се соберени, ниту како се трошат.
Плаќајте си вие кеси од 15 денари, кога ќе завршат со ручек во Министерството може и ќе ни кажат каде одат нашите пари…
Пишува: Александра Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јаревски: Каде завршуваат парите од пластичните кеси…
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски на вчерашната…
Најавена „минимална пензија“ – Која е состојбата…
Со усогласувањето што оди од јануари, сите…
Прво дебата па покачување на пензиите –…
Најдоцна до следниот месец власта, експертите и…
Важно било што кеси веќе не се…
Изминува вториот месец како граѓаните почнаа да…