Економските ефекти врз Македонија по војната меѓу Украина и Русија
По нападот на Русија врз Украина кој започна утринава, светската економија ќе се раздвижи целосно.
Како оваа војна ќе се одрази врз македонската економијата анализираат познавачите на економијата. Неспорно е дека потребна е оценка на неколку сценарија, но главно е дали овие ефекти ќе бидат краткорочни или среднорочни.
-Дали ќе се нормализира состојбата до крајот на оваа година, или конфликтот ќе трае подолг временски период со можност да ги покрене цените на храната, електричната енергија и нафата на повисоко ниво во еден подолг временски прериод – сѐ додека не дојде до прилагодување на понудата од страна на други држави. Директните ефекти на надворешно-трговската размена на Македонија со Русија и Украина се ниски. Во 2021 година, Русија учествува со 0,7% во нашиот вкупен извоз, а Украина со 0,2%. Русија сочинува 1,7% од нашиот увоз, а Украина 1,5%. Но, индирекните ефекти преку влијанието на конфликтот врз економијата на ЕУ имаат потенцијал да бидат големи за македонската економија, односно да го намалат извозот и инвестициите (кон и од ЕУ), дознаките на нашите иселеници во ЕУ, а со тоа и расположливиот доход на домаќинствата во РМ и личната потрошувачка, која веќе е поткопана заради инфлацијата. Сѐ ова ќе има влијание врз растот на економијата, којшто од крајот на 2021 година веќе стагнира. Македонија е влезена во период на стагфлација (низок раст и инфлација), сметаат економистите.
Македонија извезува 77% од вкупниот извоз во ЕУ и увезува 46% од ЕУ. Шокот врз цените на сметките за струја, гас, растот на цените на нафтените деривати, порастот на цените на храната ја поткопуваат куповната моќ на населението во ЕУ, што при паралелно зголемена воздржаност од потрошувачка заради конфликтот, ќе се рефлектира во помала странска побарувачка за нашите производи, но и услуги (извоз преку туризам итн.).
Првичните анализи велат дека во зависност од силата на шокот, на удар се и дознаките, односно парите на нашите иселеници кои во значаен дел го формираат расположливиот доход на домаќинствата во РМ. Негативниот сентимент на инвеститорите (особено од ЕУ), заедно со намалените профити (во услови на раст на трошоците за производство) ќе значи отсуство на приливи од СДИ (кои вака во подолг период ги нема) и веројатно поголема каматна стапка на планираниот нов пазарен долг (еврообврзницата). Каматите во светски рамки ќе растат и заради затегањето на монетарната политика на глобалните централни банки и од сега па во иднина ќе го рефинансираме долгот со повисоки трошоци.
Непосредниот ефект од разгорување на конфликтот ќе биде растот на цените на нафтените деривати и цена на природниот гас, а со тоа на цената на електрична енергија, кои директно ќе ги погодат домашните бизниси. За домаќинствата, цените на нафтените деривати имаат директен ефект, додека цената на електричната енергија има потенцијал да се зголеми (прво ако се врати ДДВ од 5-10% во јули оваа година) и второ, ако не се обезбедат средства во буџет за покривање на разликата од пазарна до регулирана цена на ЕСМ. Парите за справување со енергетската криза од 5,2 милијарди денари за 2022 година се истрошени. Потребен е ребаланс на буџетот да се обезбедат средства за понатамошно справување со енергетската криза и заради кумулирање на стокови резеви (никој не кажува дали имаме пченица, пченка и сл.).
Цените на нафтените деривати се рефлектираат во следниве категории од индексот на трошоци на живот (преку кои се мери инфлацијата) и тоа: течни горива за домување, горива и мазива за сопствени превозни средства, и транспортни услуги. Грубата пресметка за преносот на повисоките цените на нафтените деривати на инфлацијата (кои имаат пондер од 5,8% заедно) е дека ако цената на суровата нафта од 100 долари за барел се искачи на 120 долари за барел, ефектот на инфлацијата во Македонија е околу 1 процентен поен.
Дополнителниот пораст или заджување на висока цена на електрична енергија е неповолно за бизнис секторот кој е на слободниот пазар, и има потенцијал да ги качи цените на финалните производи и услуги, односно да се рефлектира дополнително врз инфлацијата. Така, секундарните ефекти од растот на цените на енергенсите веќе се отсликаа во базичната инфлација. Иифлацијата со исклучена енергија, течни горива и мазива, непроцесирана храна, тутун и алкохолни пијалаци (базична инфлација) од август 2021 година до јануари 2022 година се зголеми за 2,4%, што значи дека повисоките цени на трошоците за производство (пред сѐ електрична енергија и течни горива) се отсликаа и во другите цени на производите и услугите.
Збирно, сите ефекти од потенцијален раст на цените на храната, тутунот, нафтата, секундарните ефекти од растот на цената на стујата и останатите суровини, би можело да не чини подолнителен раст на општото ценовно ниво од околу 4% од јануари до мај. Тоа е дополнителна инфлација на краток рок, но за подолг рок зависи од прилагодувањето на цените на светските берзи. Но инфлацијата, ќе значи повторно намалување на куповната моќ на населението, во услови кога нема усогласување на плати за инфлација, а со тоа и пониска приватна потрошувачка.
За 2022 година, во отсуство на градежната активност на државата (којашто ја нема подолг временски период), во отсуство на домашни инвестиции кои се поткопани заради ударот од растот на трошоците за производство, во отсуство на СДИ- кои веќе неколку години се само заради реинвестирана добивка на веќе постојните капацитети (која ќе биде намалена оваа година), во отсуство на приватна потрошувачка и раст на извозот, економијата ќе стагнира.
Ова ќе има рефлексија на приходната страна на буџетот (но инфлацијата може да помогне), и со тоа на структурата на трошење на буџетските пари. Тоа што не реализираат капитални инвестиции ќе го правдаат со зголемени трошоци за справување со енергетската криза – за којашто требаше да имаат сценарија уште на крајот од 2021 година со носење на буџетот за оваа година, сметаат економистите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Украина ја засилува својата ракетна програма, Зеленски…
Украина издвојува дополнителни средства за својата ракетна…
„Њујорк Тајмс“: Иран бара од Русија напредни…
Иранската влада побарала од Русија напредни радари…
ЕУ исплаќа 4,2 милијарди евра финансиска помош…
Земјите од Европската унија денеска ја одобрија…
Кулеба ќе ги убедува африканските држави да…
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ќе…
Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…
„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…