„Екстремна“ опасност од пожарите во Лос Анџелес
Поради најавениот засилен ветер, противпожарната служба на Лос Анџелес продолжува да предупредува на висока опасност од пожар. Во меѓувреме, објавувањето на номинациите за Оскар повторно е одложено.
Веројатно најголемите пожари во историјата на Лос Анџелес и по една недела од избувнувањето сè уште не се целосно под контрола. Противпожарната служба сега предупредува на опасни временски услови кои би можеле повторно да ги разгорат пожарите.
Очекуваните ветрови и сувите услови создадоа висок ризик од пожар во пошироката област на Лос Анџелес, рече началникот на окружната противпожарна служба Ентони Мароне. Шефицата на противпожарната служба во Лос Анџелес, Кристин Кроули, јасно стави до знаење дека опасноста сè уште не е надмината: „Не смееме да ја намалиме будноста“.
Американската метеоролошка служба за денеска најави повторно засилен ветер и предупреди на „екстремна“ опасност од пожар. Ветрот, како што се вели, може да предизвика „експлозивно“ ширење на пожарите.
Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, нагласи дека службите за итни случаи продолжуваат со потрагата по исчезнати лица во погодените области. Тоа е „ужасна“ задача. Тој претпоставува дека во урнатините ќе бидат најдени уште жртви. Бројот на потврдени смртни случаи во моментов е 24.
Според полицијата, во врска со пожарите досега се уапсени 14 лица. Осомничените биле уапсени за кршење на полицискиот час, провали, вандализам или кражби во продавници.
Поради пожарите, Академијата за филмски уметности и науки по втор пат го одложи објавувањето на овогодинешните номинации за Оскар. Номинациите за највисоките награди во филмската индустрија сега ќе бидат објавени на 23 јануари, соопштија организаторите. Објавувањето првично беше закажано за овој петок, а потоа одложено за 19 јануари. Извршниот директор на Академијата, Бил Крамер и претседателката на Академијата, Џенет Јанг соопштија дека веруваат оти е неопходно да се продолжи периодот на гласање „за да им се даде на нашите членови повеќе време“.
Жирито за Оскар се состои од повеќе од 10.000 членови на Академијата. Многу актери и други работници во филмската индустрија ги загубија своите домови во пожарите, а филмските и телевизиските продукции беа стопирани. Со оглед на катастрофата, дури има повици да се откаже церемонијата на доделување на Оскарите на 3 март и други настани. Доделувањето на наградите Critics Choice е веќе одложено.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Екстремна“ опасност од пожарите во Лос Анџелес
Поради најавениот засилен ветер, противпожарната служба на…
Републиканците подготвија нацрт-закон за почнување разговори за…
Републикански сојузници на Доналд Трамп се обидуваат…
Бајден: САД победуваат во глобалната конкуренција
Американскиот претседател Џо Бајден во заминување, во…
Грчката амбасадорка ќе го посети македонското Собрание
Амбасадорката на Грција во земјава Софија Филипиду…
Трамп: Многу скоро ќе се сретнам со…
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека…