ЕК “разочарана” од Србија: Уназадува во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика

t

Во новиот годишен извештај што ќе биде објавен денеска, Европската комисија оценува дека во Србија е забележано уназадување во делот на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, истакнувајќи дека некои изјави и постапки на високи српски претставници се во спротивност со надворешната политика на ЕУ.

– Србија е умерено подготвена во областа на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика и бележи назадување во извештајниот период, се наведува во извештајот на Комисијата за напредокот во процесот на пристапување во ЕУ, во делот што се однесува на поглавјето 31, јави српската новинска агенција Бета.

Во извештајот се додава дека усогласеноста со декларациите на високиот претставник и одлуката на Советот за рестриктивните мерки „значително се намали“ од 64 отсто во 2021 година на 45 отсто во август 2022 година.

– Србија не постигна напредок на полето на слободата на изразување и случаите на закани и насилство врз новинарите продолжуваат да предизвикуваат загриженост. Целокупната средина за непречено остварување на слободата на изразување се уште треба дополнително да се зајакне во пракса, објави Европската комисија во извештајот за Србија, објави порталот „Јуропиан Вестерн Балкан“ (EWB).

Во извештајот се наведува дека РЕМ донела одлука да додели национални фреквенции на истите телевизиски канали како и во претходниот период, иако тие телевизии „добија и предупредувања од РЕМ за прекршување на нивните законски обврски во претходниот период“.

Комисијата ги повикува највисоките државни функционери во Србија да се воздржат од етикетирање или вербално напаѓање новинари. Исто така, е препорачано да се следат сите закани и вербално насилство врз новинари и обвинетите да бидат кривично гонети.

Властите во Србија, исто така, се повикани да обезбедат транспарентно и правично кофинансирање на медиумските содржини што му служат на јавниот интерес и да ја зголемат транспарентноста во сопственоста и рекламирањето на медиумите.

Во извештајот се наведува дека треба да се заврши процесот на приватизација на медиумскиот сектор и да се спроведе усвоената Стратегија за медиуми.

Комисијата првпат во својот извештај ја споменува државната компанија Телеком и нејзината сопственост во медиумите.

– Неколку судски случаи и постапки поврзани со Телеком Србија, чијшто мнозински акционер е државата, и приватни компании, во Србија и во странство, се во тек, во контекст на високата концентрација на медиумскиот пазар во Србија, наведува ЕК.

Порталот „Јуропиан Вестерн Балкан“ потсетува дека Србија првпат од отворањето на преговорите за членство во ЕУ, според ЕК, направи назадување во одредена област, станува збор за поглавјето 31, ШТО се однесува на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Еу.

– Србија е умерено подготвена во областа на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, но во текот на извештајниот период таа уназади, се посочува во финалната верзија на извештајот на ЕК, во кој порталот имаше увид.

ЕК констатирала дека по „неиспровоцираната и неоправдана агресија на Русија против Украина“, Србија ги продолжила блиските односи со Москва, а некои изјави и постапки на високи функционери биле спротивни од надворешна политика на ЕУ.

– Во 2021 година, стапката на усогласеност на Србија со релевантните декларации на високиот претставник се намали на 45 отсто до август 2022 година, се наведува во извештајот.

Се препорачува „земјата да го подобри усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и санкциите, и да избегнува акции и изјави кои се во спротивност со надворешнополитичките позиции на ЕУ“.

Србија годинава доби лоши оценки и за така наречените политички критериуми. Иако враќањето на политичкиот плурализам е поздравено, ЕК во својот извештај за Србија истакнува дека политичкиот и медиумскиот пејзаж останува поларизиран и се уште е доминиран од Српската напредна партија и актуелниот претседател.

Кога станува збор за изборите, извештајот на ЕК се потпира на наодите на ОДИХР и наведува дека се забележани бројни недостатоци кои резултирале со нееднакви услови во корист на актуелната власт.

– Заедничкото влијание на неурамнотежен пристап до медиумите, непотребниот притисок врз вработените во јавниот сектор да ги поддржат носителите на функции, значителните нееднаквости во финансирањето на кампањите и злоупотребата на административните ресурси доведоа до нееднаков терен за игра за кандидатите, се истакнува во извештајот.

Се додава дека медиумите ги покриваат сите кандидати за избори, но дека повеќето јавни и приватни радиодифузери со национална концесија го фаворизираат актуелниот претседател и владејачката коалиција, „ограничувајќи ја можноста гласачите да направат целосно информиран избор“.

ЕК, исто така, заклучи дека многубројните повторувања и одложувања во финализирањето на резултатите не придонесоа за подобрување на општата доверба во изборниот процес.

Претходната година, според ЕК нема напредок во дијалогот помеѓу Белград и Приштина. Во извештајот се наведува дека не е постигнат конкретен напредок, иако претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти договориле редовни средби. И Белград и Приштина се повикани „активно да се ангажираат“ за постигнување „сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите без натамошно одлагање“.

Иако случаите на Крушик и Телеком беа вклучени во два претходни извештаи на ЕП, ЕК досега не ги спомена овие и други познати случаи во своите извештаи. Во претходните години имаше само општи повици до властите во Србија да работат на откривање случаи поврзани со корупција на високо ниво и организиран криминал, но и да ја подобрат општата состојба во медиумите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Н1: ПУКАЊЕ на границата меѓу Србија и…

Во петокот рано наутро дошло до пукање…

Мали: Србија е на прво место по…

Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали…

ТРАГЕДИЈА: Познат српски спортист се удави за…

Познатиот српски кросфит спортист Лазар Ѓукиќ се…

Србија ги прати во Косово посмртните останки…

Автомобилот со посмртните останки на Фатон Хајризи,…

Вучиќ: Не ми паѓа на памет да…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека…