ЕУ дава повод за раскинување на Преспанскиот договор?

t

Брисел притискаше додека да се реши проблемот за името, сега заборава на своите обврски

Наближува годишнината од потпишувањето на Преспанската спогодба и главната констатација што може да се извлече по овој четиригодишен период е дека овој документ наметна обврски само кон Македонија, без оглед што со потписот во Нивици свој дел од обврските прифати и соседна Грција, пишува Нова Македонија.


Сепак, во пракса работите стојат сосема поинаку. Имено, Грција не само што го одолжува ратификувањето на трите меморандума во грчкиот парламент, не само што ги избегнува обврските од договорот туку поставува и нови услови кон Македонија, кои излегуваат надвор од рамката на спогодбата.
Од друга страна, пак, Македонија покрај тоа што ги спроведе секоја точка и запирка од спогодбата од Нивици, отиде дури и дотаму што почна да ги исполнува одредбите што беа врзани со процесот и динамиката на преговори со Европската Унија, иако тие до ден-денес не се започнати и не се знае кога воопшто ќе започнат.
Сето ова ја наметнува дилемата дали ова значи дека земјава треба и натаму да го почитува договорот или, пак, почитувајќи ја правната рамка на меѓународно верификувани договори да се повика на членот што во секој договор се однесува на решавање спорови, односно во овој случај на членот 19, во кој јасно е нагласено кои се постапките во случај едната страна потписничка да не го спроведува договореното. Тоа во пракса би значело поднесување барање пред Меѓународниот суд на правдата за утврдување одговорност на страната што го прекршува договореното.
Во согласност со меѓународното право, штом едната страна не се придржува до она што го прифатила и потпишала, тогаш де факто втората страна може само да констатира дека договорот не се спроведува и да го раскине.

ЕУ е длабоко инволвирана во Преспанскиот договор

Ако работата отиде дотаму Меѓународниот суд на правдата да утврдува дали Грција ја прекршува Преспанската спогодба, тогаш вината за целата работа не треба да се бара само во Атина, туку директен виновник за таквиот развој на настаните е самата Европска Унија.
Имено, екстензивното толкување вели дека токму Брисел беше тој што ја туркаше целата работа со договорот, беше и медијатор и модератор помеѓу Македонија и Грција, а тогашниот комесар за проширување Јоханес Хан и тогашната комесарка за надворешна политика Федерика Могерини присуствуваа на чинот на потпишувањето на документот во Нивици, како еден вид европски гаранти дека договореното мора да се почитува од двете земји-потписнички и дека Унијата ќе го следи спроведувањето на одредбите.
Повеќе од јасно е дека токму ЕУ беше генераторот на овој договор, активно учествувајќи во неговата подготовка, но и во лобирањето за негово прифаќање во земјава, со познатата парола дека „името е последната пречка на патот кон ЕУ“. Унијата дозволи да биде директно инволвирана во кампањата и во референдумското прашање во земјава, што за најголем дел од македонските граѓани значеше дека Европејците стојат зад потпишаното во Нивици. Ваквиот ангажман на Брисел несомнено ѝ наметна задача на Унијата да го мониторира спроведувањето на договорот, бидејќи точките во него се врзани за процесот на евроинтеграција на земјава. Впрочем, бриселските бирократи со години инсистираа на постигнување договор со Грција, како последен услов за почеток на пристапните преговори, но бидејќи тоа не се случи, сега Македонија има легитимно право да не го почитува договорот и да го напушти кога веќе се покажа дека овој предлог-механизам за брзо интегрирање во европското семејство, едноставно не функционира.
Тоа само потврди дека Брисел не само што повеќе не е заинтересиран за спроведување на Преспанската спогодба туку дозволува земја-членка на Унијата, која е прва страна потписничка на овој договор, флагрантно да го прекршува и да не го исполнува.
Ако работите се набљудуваат низ една таква призма, се поставува прашањето дали ЕУ, кога веќе буквално ја принуди Македонија да прифати ваков (според најтврдите противници понижувачки и културогеноциден) договор, не треба да поведе поголема сметка околу неговото спроведување, особено од страна на Грција. Гледано според сите логики, произлегува дека штом јужниот сосед не ги исполнува одредбите од договорот, тогаш ЕУ треба да ја преземе одговорноста и како што ја притискаше Македонија да го потпише договорот, така да ја притисне Грција да го спроведува потпишаното. Или, пак, според други и помеки толкувања, ЕУ се свести за тешките недоследности во договорот и асиметричноста во корист на Грција, па сега премолчено се дистанцира и не инсистира на негово спроведување?!
Меѓутоа, доколку Европа и натаму продолжи да се прави глува и слепа на флагрантното прекршување на Преспанската спогодба, тогаш Македонија го има сето меѓународно право на своја страна и слободно може да го прогласи овој договор за ништовен и да го раскине.

Универзитетската професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Тања Каракамишева, смета дека ЕУ ја остварила својата намера со промената на името на државата и сега ниту ќе го мониторира спроведувањето на Преспанскиот договор, а уште помалку ќе чувствува одговорност во врска со спроведувањето на одредбите од земја што е нејзина членка.
– Европската Унија ниту некогаш имала одговорност кон Македонија ниту некогаш ќе ја има. Се прашувам пред кого таа воопшто ќе одговара – прашува Каракамишева.
Таа уште еднаш потсетува дека овој договор не само што е во спротивност со Повелбата на Обединетите нации туку ги прекршува и сите европски постулати, вклучувајќи ги и оние на ОБСЕ, Советот на Европа и на ЕУ.
– Договорот ја крши Повелбата на ООН, ги крши сите релевантни акти за заштита на човековите права, ги крши актите на ОБСЕ, а посебно ги гази вредностите и принципите на Советот на Европа. Поради ваквата фалична содржина, која многу лесно може да се докаже пред судските органи, ќе се бара негово поништување – посочува Каракамишева, додавајќи дека е депласирано да се говори за одговорност на ЕУ поради неисполнувањето на Преспанската спогодба.
Професорката уште еднаш потсети дека овој договор е целосно асиметричен, односно Македонија има премногу обврски за разлика од Грција, која добива само права, но не и обврски и затоа ЕУ молчи.
– Договорот не е договор! За договор треба двете страни да имаат согласност, да има реципроцитет во правата и обврските, посебно да биде симетричен во обврските и приближно еднаков во правата! Овој „договор“ е радикално асиметричен и со ултимативен карактер, бидејќи создава само обврски за „втората страна“ и права за хеленската република. Условените обврски на хеленската република не се сметаат за вистински обврски, бидејќи се условени од остварувањето на обврските на „втората страна“ што е само по себе уцена – појаснува професорката.
За неа, ЕУ дозволила потпишување договор што е спротивен на практиките на повеќето земји-членки на Унијата, но и на завршниот акт од Хелсинки на ОБСЕ, каде што е утврдена обврската на сите земји да ја почитуваат суверената еднаквост и индивидуалноста на државите, како и правата што произлегуваат од суверенитетот, вклучувајќи го и правото на секоја држава на правна еднаквост, територијален интегритет и политичка независност.
– Договорот е составен и содржински уредува материја што е спротивна и во директен конфликт со пропишаните јус когенс норми, кои се апсолутни, неменливи и кои не смеат да бидат повредени од никого, а најмалку од претставниците на ООН и на ЕУ. Како спротивен на меѓународното право овој договор мора да биде поништен – порачува Каракамишева.
Со ваквиот однос, ЕУ покажа дека единствена намера им било да го затворат ова отворено прашање и да го прикажат како успех на европските бирократи, без да преземаат понатамошни обврски околу исполнувањето на договореното. Ако е така, тогаш Македонија треба веднаш да се откаже од договорот и прстот да го впери во ЕУ, која не ги испорачала своите ветувања.

Македонија, ако создаде политичка волја, еднострано, без никакво кршење на меѓународното право, може да го раскине Преспанскиот договор

Експертите сметаат дека екстензивното толкување е помалку ефикасно и е потребно подолго време додека се прифати одговорноста на Европската Унија, па затоа за нив наједноставен начин е еднострано раскинување на Преспанскиот договор и поставување на прашањето за името пред Генералното собрание на ОН.
– Јас сум човек што се залага за еднострано раскинување на штетниот и нелегален Преспански договор по пат на дипломатска нота до другата страна – Грција, врз основа на членот 53 од Виенската конвенција за правото на договори од 1969 (во врска со раскинување повикувајќи се на јус когенс правото). Со ова писмо-нота се изразува државна волја за раскинување на Преспанскиот договор поради кршење на основните императивни норми од меѓународното право јус когенс право (се праќа дипломатска нота како едностран правен акт до другата страна, со предмет раскинување на договорот). По праќање на оваа нота до Грција (за раскинување на договорот), се праќа и дипломатската нота-известување до ООН за овој правен и политички чекор (т.е. за раскинувањето), имајќи предвид дека сведокот во договорот е претставникот на ООН. Истовремено, се праќа и посебна нота со која се бара на дневен ред на следното Генерално собрание на ОН да се стави како точка на агендата на Собранието на ОН продолжување на членскиот статус на државава по името „Република Македонија“ (т.е. името под кое првобитно аплициравме во ООН 1993) – објаснува Игор Јанев, универзитетски професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград.
Според него, самиот Преспански договор не е само „штетен“, како што најчесто се вели, туку е и нелегален договор, и според меѓународното право, но и според фактот дека е потпишан неовластено, а потоа и актот за ратификација е парафиран од неовластеното лице.
– Со нелегалната домашна (уставна) постапка и фактот дека ова беше познато и на другата страна (Грција) се креирани причини за раскинување на договорот, предвидени во членот 46 од Виенската конвенција за правото на договори од 1969 (т.е. одредби што се однесуваат на домашните пропусти, грешки или нелегалности) – истакнува Јанев.
Тој уште додава дека сè додека не се примени стратегијата за името во Генералното собрание на ООН (и евентуално Меѓународниот Суд на правдата) проблемот за името нема да се реши! Сѐ друго е празна приказна. Споровите за државните имиња во меѓународното право не постојат – заклучува професорот Јанев, кој смета дека раскинувањето на Преспанската спогодба е единствен начин да се зачува македонскиот идентитет.

Извор: Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Османи: Постигнат договор за дел од американскиот…

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека…

Кузеска: Мицкоски и Таравари да не кријат…

Стево Пендаровски ќе биде кандидат за претседтел…

Анкара и Приштина потпишаа договор за воена…

Министерот за одбрана на привремените институции на…

Се создава „чудовиште“? Русија и Иран ќе…

Москва и Техеран ќе потпишат голем меѓудржавен…

Здружение на инженери: Истечен е рокот за…

Инженерите на Република Македонија се со став…