ЕУ ја поддржува Украина во се, освен да стане дел од Унијата
Можната кандидатура за членство на Украина во ЕУ ги подели земјите-членки
Земјите-членки на Европската унија едногласно ја поддржаа Украина во нејзината одбрана против руската инвазија, но постои сериозна поделба кога станува збор за украинското барање за приклучување кон блокот.
Се очекува Европската комисија овој петок да предложи кандидатски статус за Украина и соседна Молдавија, но конечната одлука треба да биде едногласно изгласана од сите 27 членки кои следната недела ќе се соберат на самитот на Европскиот совет во Брисел.
Одбивањето на предлогот би бил силен удар за украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој во последниве месеци им се изнаслуша на западните лидери за тоа како тие целосно ја поддржуваат неговата земја. Но, тој постојано им се жали за недостатокот од тешко оружје, кое, според него, им е многу потребно за да ја спречат руската агресија.
Ако земјите-членки го одбијат украинското барање, тоа може дополнително да го зајакне ставот на рускиот претседател Владимир Путин и неговите фантазии за враќање на сферата на влијание слична на онаа на Советскиот Сојуз и нејзиниот статус на суперсила за време на Студената војна.
Изненадувачко единство
Во првите недели и месеци од руската инвазија врз Украина, Европејците го изненадија не само Владимир Путин, туку и самите себе, покажувајќи цврсто единство и одлучност. Изнервирани од руската агресија и заљубени во украинскиот отпор, повеќето европски земји ги отворија вратите за Украинците.
Но, како поминува времето, се чини дека тоа единство полека почнува да се намалува, односно кога на маса беа ставени посериозни прашања, како членството на Украина во Европската унија или пак ембаргото за руската нафта, што на некои земји-членки не им се допаѓа од различни причини.
Некои влади, како Данска и Португалија, јасно им ставија до знаење на останатите дека не се согласуваат со членстово на Украина во блокот, тврдејќи дека доколку тие не беа во војна, немаше да ги исполнат потребните квалификации. За Молдавија пак, сметаат дека се уште подалеку од нивниот сосед.
Други земји, како Австрија, велат дека не е фер земји како Украина да добијат приоритет пред држави кои долго време чекаат на преговори, како Северна Македонија и Албанија.
Полска и земјите од Балтикот пак, цврсто го поддржуваат членството на Украина во Европската унија, а нивните официјални лица често ја изразуваат потребата од брзи преговори.
Ништо без Париз и Берлин
Шансите за Украина да се приклучи кон блокот без поддршка од Франција и Германија се еднакви на нула. Францускиот претседател Емануел Макрон особено има важна улога во ова прашање, имајќи предвид дека неговата земја моментално претседава со Советот на ЕУ.
Макрон во средата ја посети Молдавија, каде изјави дека долгите проблеми на блокот, како членството на Западен Балкан во Европската унија, претставуваат главна пречка за Украина и Молдавија.
„Би било грешно да им се даде лажна надеж на Украинците“ изјави Макрон.
Германскиот канцелар Олаф Шолц исто како и Емануел Макрон, се чини дека се движи претпазливо во неговата намера да го поддржи членството на Украина во Европската унија. Тој од почетокот на војната се соочува со голем број критики од домашната сцена. Германската опозиција го обвинуваше Шолц дека нема јасен став за војната, а многумина велеа дека тој стравува да даде јасна поддршка за Украина поради зависноста на Германија од руската нафта. Работите оттогаш се сменија, Германија ја намали зависноста од руската нафта и ветија дека ќе испратат оружје за Украина.
Но, уште не е јасно дали Шолц целосно го поддржува кандидатскиот статус на Украина.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Унгарија блокираше отворање на преговорите за пристапување…
Унгарија ја блокираше одлуката на самитот на…
Ердоган: Трамп е подготвен да се приклучи…
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека…
Бугарија останува со најниски цени во ЕУ
Во услови на загриженост за очекуваниот шпекулативен…
Филипче до Мицкоски: За јазикот и идентитетот…
На денешната седница на пратенички прашања, потпретседателот…
Филипче до Мицкоски: Ветивте промени во Преговарачката…
На денешната седница на пратенички прашања, претседателот…