Жан Митрев го продолжува кривичното дело, се подготвува за бегство и влијае врз сведоци – судот мува не го лази

t

Правдата е слепа, сакаат да кажат многумина демагози, а особено оние кои секогаш и го откриваат велот за да може да погледне на другата страна кога треба да се соочи со вистината.

Македонија е земја во која двојните стандарди се единствени стандарди. Каде политиката корумпира се што ќе допре, а во такви услови, правната држава станува мајка за едни, маќеа за други.

Случајот со Вилма Русковска и нејзиното суспендирање е последниот пример за ова. Пример кој најсликовито го опишува соодносот помеѓу политиката и правдата. Кај нас, се уште владее она правило – правдата баве, ама не забораве. Така си тераме, кога ќе даде Господ.

Но еден случај остана недоволно искоментиран, во смисла на правинте процедури и двојните стандарди секако. Случајот со клиниката „Жан Митрев“ и истоименуваниот доктор.

Митрев, кој беше „ѕвезда“ на истражувачката сторија на ИРЛ помалку бенигно беше повикан во скопското Обвинителство на распит, а потоа изведен и пред судија на претходна постапка каде му беше определена мерка за обезбедување и одземен неговиот пасош. За јавноста, можеби доволно да ги задоволи желбите за правда, но реалноста е дека со таа мерка само се менаџира криза.

Зошто?

Кога судија на претходна постапка определува мерка за обезбедување, на располагање има неколку можности – притвор, домашен притвор, одземање на патна исправа, јавување во суд во временски интервал.

Член 144 Мерки за обезбедување присуство на обвинетиот

(1) Мерките кои можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување на негово присуство и за непречено водење на кривичната постапка се покана, мерки на претпазливост, гаранција, приведување, лишување од слобода, задржување, краткотраен притвор, куќен притвор и притвор.

(2) При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка. Судот спрема обвинетиот истовремено може да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.

(3) Овие мерки ќе се укинат по службена должност кога ќе престанат законските услови за определување на мерките или ќе се заменат со друга мерка кога ќе настапат услови за тоа.

(4) Кога обвинетиот не се придржува кон определената мерка за обезбедување присуство, судот може да определи друга мерка за обезбедување присуство.

(5) За приведувањето, лишувањето од слобода и задржувањето, обвинетиот има право да го извести семејството или друго блиско лице.

Постојат три ставови од Законот за кривична постапка според кои се води судијата кога определува мерка за обезбедување – опасност од влијание врз сведоци, опасност од повторување на делото и бегство.

Е сега, кажете ми, ако судија на кого правичноста му е врвна вредост, каква мерка би донел. Каква мерка би донеле вие?

За оние кои не ја гледале истражувачката сторија на ИРЛ, да појаснам дека уште таму, оние сведоци кои сведочеа за нивните ужаси во клиниката „Жан Митрев“ неколкупати објаснуваа дека добивале закани од Митрев, да не се појавуваат на камера инаку тој ќе им направел нешто – демек постои нешто полошо што може да им го направи од она што им го направил до тој момент. Значи, судијата морал да го земе во предвид овој факт. Жан Митрев, веќе се обидел да влијае врз сведоци.

Дали може да го повтори делото?

Апсолутно, секојдневно го повторува делото. Клиниката се уште работи, и се уште дава услуги за лица кои страдаат од КОВИД-19. Кој проверил дали тој се уште ги употребува истите методи или не? Дури и да не ги употребува, тој го повторува делото.

Тука, согласно член 146, а во врска со претходниот член 144 од Законот за кривична постапка, судијата имал законска обврска да определи дополнителна мерка за обезбедување, согласно став 7 од член 146.

Член 146
Видови мерки на претпазливост

(1) Заради остварување на целта предвидена во членот 144 став (1) од овој закон, судот може да определи некоја од следниве мерки на претпазливост:
1) забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето;

2) обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган;

3) привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање;

4) привремено одземање на возачка дозвола, односно забрана за нејзино издавање;
5) забрана за посетување на определено место или подрачје;

6) забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и

7) забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

(2) Мерките на претпазливост може да траат додека постои потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата.

(3) Судот по службена должност на секои два месеца преиспитува дали има потреба за траење на мерката на претпазливост и таа може да се укине и пред рокот од ставот (2) на овој член, ако престанала потребата или ако повеќе не постојат законски основи за примената.

(4) Со мерките на претпазливост не може да се ограничи правото на обвинетиот на непречена комуникација со својот бранител.

Дали ќе се даде во бегство?

Ако има можност, сите шпекулации и информации говорат дека тој подготвувал бегство. Последната информација вели дека Управата за финансиско разузнавање пресретнала најмалку три милиони евра кои биле префрлени од сметките на Жан Митрев во Македонија, на негова сметка во Германија. И, како што сите знаеме – за да избегаш од Македонија, не ти треба пасош.

Дополнително, судот можел да изрече и соодветна мерка за забрана за вршење на дејност, со што ќе спречи продолжување на кривичното дело за кое се товари Жан Митрев кардиохирургот и „Жан Митрев“ клиниката. Ќе спречи и нови жртви на хоророт кој се случувал таму.

Но ова би го направил само праводљубив судија, и човек кој својот интегритет го вреднува повеќе од парите или политичките бенефити. Во случајов не станува збор за таков судија, туку за Васил Динковски, судија кој определи мерка притвор во случајот со Орце Камчев иако таму немаше доволно докази дека било кој од условите за таква мерка се исполнети.

Во Македонија, се помалку верувам дека е достижна целта да станеме правна држава во која владее правото. Оттука и недовербата.

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ