Заев: Барам јавно извинување од Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ – во спротивно ќе поднесам тужба за клевета

t

Се налути Заев. По долго молчење на нападите врз него, поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска преку социјалните мрежи јавно побара извинување од пратеникот Бране Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги за, како што вели, лаги, клевети и намерна злоупотреба на неговото име во случајот со конфискацијата на десетици тони медицински канабис.

Заев најави и тужба доколку не добие јавно извинување, додавајќи дека ќе се бори со сите правни средства за, како што напиша, да ја симне дамката од неговото име.

„Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста! Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“

Експресно му одговори ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека лиценците за одгледување канабис за медицински цели биле доделени на блиски луѓе до Заев и Венко Филипче, а дел од тие фирми, според нив, наместо медицинско производство, завршиле со нелегална трговија со дрога. Тврдат дека над 20 тони дрога биле изнесени само од фирма во сопственост на син на поранешен партиски функционер на СДСМ од Ново Село, и дека одговорноста за издадените лиценци е кај тогашната власт.

Од СДСМ денеска велат дека власта се обидува со медиумски дефокус да ја прикрие сопствената одговорност за тоа како огромни количини дрога ја минале границата, без ниту еден приведен или осомничен.

Во меѓувреме, во земјава беа запленети десетици тони канабис во рамки на полициска акција во струмичкиот регион. Сѐ уште нема официјална информација дали станува збор за нелегално производство или за канабис одгледуван за медицински цели што не ги исполнувал законските стандарди за складирање и третман. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека марихуаната била одземена затоа што наместо отпад, во неа имало пресувани листови канабис, а за нејзината понатамошна судбина ќе одлучува судот.

Пред една недела, пак, во соседна Србија беа запленети околу пет тони марихуана за која српските власти соопштија дека потекнува од Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заев: Барам јавно извинување од Петрушевски и…

Се налути Заев. По долго молчење на…

Бабиш ја повика Европа да почне преговори…

Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да…

17годишно момче тешко повредено при сообраќајка на…

МВР информира дека на 07.02.2026 во 23:20…

Институциите спијат, глутниците напаѓаат- водич за самозаштита

Додека чекаме институциите да постапат на терен…

Д-р Чибишев: Ова со марихуаната е невиден…

Во 2015 година кога се праваше притисок…