Институциите спијат, глутниците напаѓаат- водич за самозаштита
Додека чекаме институциите да постапат на терен и да го решат проблемот со бездомните кучиња, споделуваме водич за самозаштита на граѓаните со мерки кој може да го намалат ризикот од напад но и како да постапат ако се случи каснување.
Зголемениот број улични кучиња е реален безбедносен ризик, особено за деца, жени и постари лица. Во последниве години илјадници граѓани пријавиле каснувања, од кои стотици се деца, а нападите во скопските маала, паркови и околу контејнери станаа секојдневие.
Секој нападнат има своја приказна: паднат од велосипед, бркан по паркинг или завршил на хирургија по „средба“ со глутница. Во некои општини за само неколку месеци се бележат десетици напади, а глутници патролираат околу згради, училишта и маркети. Регистрирани се напади врз деца што играле пред влез, мајки со колички и жени кои се враќале дома, вклучително и случаи на напади кај трговски центри во сред бел ден. Ова не е „несреќа“, туку јасен показател дека системот за контрола на бездомните кучиња не функционира.
Институции со планови на хартија, глутници на терен
Законот вели: општините и Град Скопје мора да контролираат популација на бездомни кучиња, да обезбедат прифатилишта и програми за стерилизација, вакцинација и вдомување. Постои стационар „Лајка“, најавени се проширувања и нови милионски средства, Агенцијата за храна и ветеринарство ги контролира општините и признава дека пријавите за напади се бројни. Но на улица сликата е иста: глутници по булевари, предупредувања по групи и родители кои двапати размислуваат дали да пуштат дете само до продавница. Одговорноста се губи меѓу Град, општини, јавни претпријатија и инспекции, а казни за напуштање кучиња и ненавремено постапување речиси и да нема.
Затоа, додека чекаме институциите навистина да го преземат она што е нивна законска обврска, граѓаните се принудени сами да мислат на својата безбедност и да се информираат како да се однесуваат во ризични ситуации.
Како да не дојде до напад?
Најдобра „одбрана“ е да не дојде до контакт. Избегнувај глутници кај контејнери, маркети и паркови. А ако ги видиш од далеку, смени тротоар или улица. Не трчај и не вози брзо тротинет/велосипед покрај кучиња, особено рано наутро или навечер; брзото движење ги провоцира да те бркаат. Не фрлај камења, не дразни кученца и не се приближувај до храна. Најжестоки напади се кога чувствуваат дека им е загрозена територија, младенчиња или јадење.
Ако забележиш куче со подигната длака по грбот, вкочанети движења, ржење и покажани заби, тогаш забави, сврти делумно странично и постепено повлекувај се, наместо да му приоѓаш или да му свртиш грб.
Кога кучето веќе ти приоѓа…
Ако ти трча или агресивно лае, природниот рефлекс е да бегаш, но тоа го влошува ризикот. Застани или движи се многу бавно, без да мафташ со раце и без да викаш. Погледни малку во страна, не директно во очи, држи го телото странично и кажи кратко, цврсто: „Не!“, „Назад!“, „Оди си!“, со низок, стабилен глас. Целта е да делуваш како неинтересна, смирена фигура (ниту плен, ниту закана) за да се намали шансата за напад.
Полека повлекувај се наназад кон светло место, влез или група луѓе, без нагли движења и без да му го свртиш грбот.
Ако нападот почне…
Сè што носиш може да биде штит: ранец, торба, јакна, кеса, дури и велосипед. Стави го меѓу себе и кучето – подобро да гризе во предметот отколку во тебе и туркај го предметот кон неговата уста за да го држиш на дистанца.
Ако паднеш, наместо да се бориш да станеш под секоја цена, склупчи се: колена кон стомак, главата кон градите, рацете зад вратот, лактите ја покриваат главата и лицето. Така ги заштитуваш виталните делови, а евентуалните каснувања веројатно ќе бидат во помалку критични региони. Не удирај и не замавнувај, кај повеќе кучиња тоа ја зголемува агресијата.
Што да направиш по каснување?
Раната веднаш измиј ја со многу вода и сапун, неколку минути, без агресивно триење, и не ставај „домашни лекови“ како алкохол, тутун или брашно. Отиди во најблиската амбуланта или ургентен центар. Лекарот ќе процени антитетанус, антибиотик и вакцинација против беснило и ќе ти даде упатства што мора да ги следиш до крај.
Нападот пријави го во полиција и до надлежните служби. Општина/Град Скопје, Центар за управување со кризи, Агенција за храна и ветеринарство и побарај да ти се издаде потврда за пријавата. Чувај ја медицинската документација и фотографирај ги повредите. Во бројни случаи граѓани успеале да добијат обештетување од општини и јавни претпријатија, но без документи нападот „не постои“.
Не сме должни да живееме со страв!
Советите за самозаштита се нужни, но не смеат да станат алиби за институционална неактивност. Градот и општините имаат конкретни законски обврски и јавни пари за решавање на проблемот, а фактот дека глутници и понатаму го одредуваат нашиот пат до маркет или училиште значи дека некој не си ја работи работата. Додека вистински не профункционира системска, хумана контрола на популацијата и санкционирање на неодговорните сопственици, останува барем да ги знаеме основните правила и да не дозволиме ниту еден напад да остане непријавен и „заборавен“ во нечиј фејсбук-коментар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хеликоптер слета среде полна плажа во Грција:…
Хеликоптер денеска слета на плажа полна со…
Уапсен Македонец во Прибој: Подготвувал ликвидација за…
Припадници на Министерството за внатрешни работи на…
Полски аплинист падна во недостапен предел на…
Голема спасувачка операција започна денес откако полски…
Пожарот кај Струмица ставен под контрола, огнот…
Големиот пожар што избувна денеска околу пладне…
Италија со нов систем за пресметка на…
Возачите што патуваат низ Италија би можеле…