За 12 години, ни го „снемало“ речиси секое петто дете

t

Бројот на деца во земјава се намалил за високи 18 отсто меѓу 2011 и 2023 година, а се забележува и ниска стапка на фертилитет од 1,5, што укажува на намалување на населението, покажува анализата на УНИЦЕФ за ситуацијата на децата и адолесцентите, којашто беше презентирана во македонското Собрание, пренесува „Дојче веле“.

Во анализата се посочува дека урбанизацијата е во пораст, при што 63 проценти од децата сега живеат во урбани средини. Земјата, исто така, се соочува со конзистентен модел на негативна нето миграција, со 1.000 повеќе иселеници отколку доселеници на годишно ниво, освен за време на пандемијата на ковид-19. Сепак, основните услуги не се соодветно прилагодени на овие демографски поместувања, а тоа негативно влијае на капацитетот да се задоволат растечките потреби на населението, особено потребите на децата и најранливите групи, се вели во документот.

Според УНИЦЕФ, јавните инвестиции во секторите кои се клучни за децата, како што се образованието, здравството и социјалните услуги, се постојано под просекот на ЕУ и нивоата во регионот, коешто ја поткопува одржливоста на тековните реформи. Трошењето за здравствена заштита изнесува 4,8 проценти од БДП (во споредба со 7 проценти во ЕУ), додека трошењето за образование изнесува 4,2 проценти (наспроти просекот на ЕУ од 4,8%), и само 1,5% од БДП за социјална заштита (под просекот од 2,1% за земјите од Западен Балкан, под просекот од 1.6% за земјите со понизок среден приход).

Во анализата се наведува дека трошењето за социјалните услуги било минимално, под 0,1 процент од БДП во 2019 година, што укажува на потреба од зголемено финансирање во оваа област. Еднаквоста и ефикасноста во јавното трошење создава голема загриженост, особено во образованието, бидејќи ниските резултати од системот, споредени со други национални системи со слични нивоа на трошење, посочуваат на погрешни распределби, неефикасност и недостатокот на фокус за постигнување квалитетни резултати.

УНИЦЕФ укажува и на тоа дека сиромаштијата во Македонија посебно ги погодува децата – 32,7 проценти од нив живеат под прагот на сиромаштијата на национално ниво (во споредба со 23 проценти од општото население), и особено висока стапка од 79 проценти кај ромските деца. Социјалната помош е ограничена, со распределба од само 1,3 проценти од БДП. Само 22,6 проценти од домаќинствата со деца од 0 до 15 години добиваат детски или семеен додаток, во споредба со 88,4 проценти во ЕУ, пишува во анализата.

Насилството врз децата останува сеприсутен проблем, со појава и на нови форми, како што се онлајн насилството и технолошки олеснетото насилство, со пораст на експлоататорските и штетни онлајн содржини на децата. Речиси три четвртини од сите деца (73 проценти) се изложени на насилно дисциплинирање во домот, додека стапките на физичко казнување и психолошка агресија се повисоки кај момчињата, ромските деца и децата со попреченост.

Слично на состојбата во останатите земји на Западен Балкан, врсничкото насилство е значително застапено, при што 19 проценти од учениците се соочуваат со малтретирање. Исто така, висока е преваленцата на детски бракови (8 проценти) во земјата, што особено ги погодува жените и девојчињата Ромки (45 проценти), оние со ниско образование и од пониско социоекономско потекло, пишува во документот на УНИЦЕФ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица предлага намалување на работното време од…

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на…

Почина 49-годишен прилепчанец, го удри автомобил додека…

МВР информира дека синоќа околу 21 часот…

Најчевска за Славески: Ги мразам ликовите кои…

Поранешната професорка и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска…

Драма на небото над Бугарија: Авион на…

Авион на „Луфтханза“ кој полетал од Франкфурт…

Тие не заслужиле да се изнајми приватен…

Христијан Мицкоски, денеска рече дека владиниот авион…