„Зборуе Радио Скопје“: Денес се точно 80 години од првиот пренос на македонски јазик во ослободената земја
На 28 декември 2024 година се навршуваат 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат во ослободената татковина, на македонски јазик во етерот се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески – Тале: „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…” , пишува Димац Митковски на порталот „Емитер“.
Ваквите годишнини се повод да се потсетиме на тие настани и да го проследиме патот на развојот до денешни дни, а младите генерации да научат нешто повеќе за своите корени. Во овој случај за развојот на Македонското Радио, пишува Митковски.
Непосредно пo нападот врз Кралството Југославија од страна на Оската (6 април 1941), на 8 април 9-та тенковска дивизија на германската армија го зазела Скопје. Проценувајќи ја важноста на радиостаницата во идната пропагандна дејност, радиоаташето (службеник на Министерството за надворешни работи на Германија), г-дин Лане (Lane) добил налог да замине за Скопје во придружба на двајца техничари и еден спикер, со задача да ја провери и оспособи радиостаницата за работа. На 10 април изутрината, по изведувањето на потребните технички работи, бил назначен и нејзин раководител, а тоа бил Д-р Хартман (Hartmann) од пропагандната служба на Германија, претходно прекомандуван на работно место во Радио Софија.
Со цел да ги избегне саботажните акции, што секојдневно биле изведувани во Скопје, радиоаташето издал наредба за удвоена стражарска екипа и добро ја обезбедил зградата. Било договорено за Радио Скопје исклучиво да биде надлежен радиоаташето при германското пратеништво во Софија. Секојдневно, преку телефонски упатства, тој требало да ја одредува програмата на Радио Скопје, преку кое требало да се емитуваат емисии на германски јазик од Радио Софија и емисии на германското радио примани на кратки бранови.
Во рамките на предавањето на Македонија на Бугарија,требало да биде отстапено и Радио Скопје. Колку тоа било значајно за германската пропаганда зборува и податокот што веднаш по заземањето, бугарската влада требало да ѝ плати на фирмата Телефункен 250.000 рајх марки за техничко опремување на Радио Скопје.
Овие интересни податоци за работата на радиостаницата во окупациските денови се пронајдени во германските архиви и презентирани во „Гласникот” на Институтот за национална историја од г-ѓа Вера Весковиќ Вангели.
Предавателот и неговата целосна инфраструктура, како столбот и зградата, биле целосно уништени при повлекувањето на Германците од Македонија во 1944 година. Исто така, била оштетена и радиостаницата, биле уништени и техничките средства за емитување на програмата, како и фондот на грамафонски плочи.
Во тие денови, кога ослободувањето на Скопје и на Македонија било само прашање на време, во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) му дава задача на Владо Малески – Тале: да се зафати со создавање на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел, од борбените редови биле издвојувани техничари и новинари и испраќани во Горно Врановци заради извршување на задачата. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Борците-техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош и на други технички кадри, забрзано работеле на оспособување и на адаптација на запленета радиостаница. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови, задачата се реализирала тешко и бавно.
Експериментите почнале со француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, оспособиле радиопредавател од 20 W. Новиот предавател успешно стартувал од куполата на Офицерскиот дом во ослободеното Скопје.
На крајот на декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја – Второто заседание да се пренесува директно преку радиото. Тоа било голем предизвик, но и грижа како салата од каде што требало да се врши преносот да се поврзе со кабли до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено – радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, сè било подготвено од технички аспект.
Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ бил определен – 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраниската сала, во исчекување да почне собирот, зад микрофонот се наоѓал Владо Малески (слика 2), кој според сопственото сведочење бил мошне возбуден. Кога во салата се појавил првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, низ етерот за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на македонски јазик “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…”
Преносот бил извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата “SCR”, со снага од 20 W , приспособен за таа намена. Тоа била трофејна воена радиостаница на кратки бранови, чиј опсег бил нешто зголемен (околу 49 m бранова должина, односно 6200 KHz) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.
Инаку, македонскиот збор во етерот за првпат е емитуван преку програмата на радиостаницата „Слободна Југославија” во далечниот Советски Сојуз, од страна на истакнатиот артист на Скопскиот театар Илија Џувалековски, кој е и прв спикер на македонски јазик преку оваа радиостаница.
Следните триесетина денови од овој историски датум, 28 декември 1944 година, биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале за задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување на редовна програма на македонски јазик од сопствено студио во Скопје.
Со помош на сонародниците од странство, со набавен и со приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење, првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром, поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со секојдневна сопствена програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година. Се започнало со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи, што ги издавала власта и општествено-политичките организации.
Веднаш по војната започнала доградбата и реновирањето на зградата на радиото. Се довршило и оспособило поголемото студио кое претходно не било во функција. Во постојниот простор биле оформени две студија од по 38 m2 и 45 m2 и режија од 15 m2.
Тежок проблем бил и фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо и музичките изведувачи, заедно со ансамблите кои доаѓале во терминот на емитување, свиреле во живо, пишува Митковски во текстот на „Емитер“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Одделот за внатрешна контрола не утврди вина…
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска…
Претреси во Скопје, пронајден амфетамин
Денеска (26.12.2024) во 10.15 часот од страна…
АХВ: Водата во Скопје е безбедна за…
Инспекциските служби на Агенција за храна и…
Од март директна авиолинија од Скопје до…
Од март ќе биде воведена директна авиолинија…
БРАВО! Скопјани ќе добијат вода за неколку…
Во завршна фаза се активностите за санација…